Софија е битолска режисерка, активистка и стенд-ап комичарка која што зад себе има богата кариера со претстави со домашни и странски театри, а релативно скромна бројка на стенд-ап настапи. А, прашање е во што е подобра, бидејќи, ако театарската критика е со пофалби за нејзините претстави, тогаш треба да види и што Софија може да направи пред микрофон!
Таа веќе долги години работи во Битолски Театар каде последна ја режираше „Вујко Вања“ од Чехов во јануари 2024, а има режирано претстави во Охридски, Велешки и други театри во регионот каде нејзините претстави се наградувани. Се образувала на НАТФИС, Софија и УУ, Белград.
Основачка е на Интимен Театар од Битола – платформа за учество на локалната заедница во современиот театар. Сопственичка е на дом за стари лица, мајка на Трена и сопруга на колегата Спасе. Темите за кои што зборува во своите стенд-ап настапи се лични искуства и нејзини гледања кон светот околу неа, а прашањата кои ги отвора се машко-женските улоги во општеството, љубовта и сексот, родителството и смртта, испреплетени со хуморот на препознатливиот конзулски шеретлук.
Досега двапати има настапувано на феминистичкиот фестивал „Прво па Женско“, како и на други активистички собири, а нејзиниот последен настап беше нејзиниот предновогодишен феминистички стенд-ап во Бруталиск каде ја воодушеви публиката на чие барање повторно се враќа со настап во Скопје.
КЦ Бруталиск се наоѓа на бул. Илинден 38 во близина на зградата на Владата. Билети по цена од 300 денари можат да се купат секој ден во Бруталиск, или онлајн.