Денес издавачката куќа сè уште е стационирана во Амстердам, но е одвоена од шопот, кој во 2004 година отвора претставништво во Берлин, а од 2008 година досега и постои само во Берлин и ќе продолжи уште некое време, благодарение на новата сопственичка Аделин Манарини (Adeline Mannarini), која од мај 2019 година ја презема одговорноста за берлинската продавница, која е многу повеќе од плочара. Во неа изложбен простор имаат и уметнички книги од независни издавачи, фанзини и други мали и големи уметнички форми на хартија.
Во денешно време (кога кириите во Берлин се креваат до небеса, а купувачите на уметнички и експериментални дела се, како и секогаш, сведени на минимум) да се преземе одговорноста за продавница што застапува производи за многу мал број „консументи“ е лудо – затоа се сретнав со Аделин да поразговарам и да видам што ја мотивирало да го стори тоа.
Прво кога влегов во продавницата (во која редовно навраќам), бев фасцинирана од ѕидот на кој (буквално) „вреска“ изложбата на младата француска уметница со псевдоним Од Карбон (Аude Carbone), со која исто така поразговарав.
Аделин не е почетничка во фелата, затоа и претходниот сопственик на шопот ја одбрал токму неа да продолжи со оваа задача на застапување посебни експериментални уметници од музичката, ликовната и урбаната култура на Европа и светот. Таа од родната Франција уште пред да биде полнолетна заминува за Лондон, каде што поминува 20 години во кои се пронаоѓа себеси и својот професионален пат. За време на студиите по уметност и филозофија, работи како авторка, преведувачка и уредничка во списание за филозофија и во дистрибуција за уметнички книги, каде што се стекнува со огромно искуство. Потоа работи во книжарница за уметнички книги и во своето опкружување од уметници, автори и мали и независни издавачки куќи сфаќа дека на овие им треба малку повеќе поддршка за да стигнат до својата публика.
Затоа во 2012 година во Лондон основа фирма за дистрибуција на уметнички, теоретски, филозофски, анархистички и други особени независни публикации: „Анаграм букс“ (Anagram books), која ги претставува овие квалитетни книжевни дела на книжарници, саеми и други настани, со цел да се пробијат до својата публика. Таа мотивирано ги застапува овие издавачи, а за да преживее, продолжува да работи во книжарницата „Marcus Campbell Art Books“ во Лондон, која е нејзина огромна поддршка за да ја етаблира и да ја стабилизира сопствената „фирма“, која, се разбира, до денес нема некој голем профит. Но има поинаков успех, Аделин самата за тоа вели:
„Не сакам да звучам идеалистички или претенциозно, ама отсекогаш верував дека е важно да се инвестира во независната сцена. Живееме во капитализам и луѓето по автоматизам мислат дека, ако имаш фирма, правиш и пари, ама, за жал, со овој вид работа, тоа не е така. Мотивацијата беше двигател, да, меѓутоа по толку години ентузијазмот се намалува… но во никој случај нема да се откажам од она што сакам да го правам бидејќи преку оваа работа запознав навистина прекрасни луѓе со извонредни книжевни и музички проекти, а за нив вреди да се продолжи.“
Да се продолжи во време кога кириите во Берлин растат, а ваквите мали независни оази се загрозени е особено тешко. „Anagram Books“ имал свој простор во Кројцберг, близу каналот, каде што извесно време Аделин и го живеела сонот за својот професионален профил: двапати месечно се одржувале настани на кои гостувале издавачи, автори и уметници и ги презентирале своите дела. Овој сон сега треба да продолжи во „Staalplaat“, Нојкелн (Neukölln). Договорот за просториите е сигурен за една година, а потоа како ќе биде, никој не знае. Но, ако се продолжи договорот, во задните простории се планира печатница – а сега засега тие се издаваат како ателјеа, за да можат да се покријат основните трошоци.
Во шопот веќе се отвори и првата самостојна изложба и се одржа концерт на експериментална музика, значи приказната оди понатаму, и за „Staalplaat“ и за „Anagram Books“ и за луѓето што се поврзани со нив, бидејќи дружбата, вмрежувањето, размената и настаните се срцевината на независната сцена.
Изложбата на Од Карбон е голем успех и збогатување за берлинската (и европската) независна сцена. По својата самостојна изложба во Брисел, уметницата од Франција изложи и во Берлин, во „Staalplaat“. И таа е во слична ситуација како и повеќето што одлучиле да го живеат својот сон надвор од институциите. Има основано своја мала издавачка куќа за мали screen print изданија и досега има објавено неколку свои книги, односно книжни дела, фанзини од други уметници и уметнички антологии.
Инаку, цртањето е нејзината најголема пасија, а нејзините црно-бели цртежи потоа се претвораат во принтови во боја и впрочем сами говорат за извонредниот талент и стил на оваа уметница. Морбидноста и дозата на иронија и хумор ја прават особена, а критиката и карикирањето на современиот живот, искажани дури и до најситните детали, извираат од нив и во никој случај не ве оставаат рамнодушни.
Ако сте во Берлин, наминете – шопот е отворен од вторник до сабота од 14-19 часот, а изложбата се отвори на 20 јуни и може да се види уште неколку дена – на 1 август веќе се отвора следната изложба:
Staalplaat
Kienitzer Str. 108, corner Weisestr.
Berlin, Germany
Елизабета Линднер