Сликарството го сфаќал како апсолутна слобода, како длабоки импулси што доаѓаат однатре, а платното како арена во која треба да се дејствува.
„Моите слики не настануваат на штафелајот. Ретко кога го затегнувам платното пред да сликам. Преферирам да го прицврстам на ѕидот или да го спрострам на под бидејќи ми е потребен отпорот на тврдата подлога. На подот се чувствувам многу поудобно. Сакам да се движам околу сликата и да работам на неа од сите четири страни и буквално да бидам внатре во сликата. Тоа личи на методот со кој се служат Индијанците што прават слики на песокот.“
Во декември 1956 година, четири месеци по неговата трагична смрт, Музејот на модерна уметност (MoMA) во Њујорк отвора ретроспективна изложба во негово сеќавање. Потоа следува уште една изложба во 1967 година. Во 1998 и во 1999 година неговите дела биле изложени на големи изложби во MoMA и The Tate во Лондон. Овде претставуваме пет од неговите најзначајни дела.
Волчицата (The She Wolf), 1943
Волчицата е едно од најпознатите дела на Полок. Дел е од неговата прва самостојна изложба во 1943 година, а веќе следната година била откупена од Музејот на модерна уметност и со тоа станала првата негова слика што влегла во музејската колекција. Иако Полок никогаш не го потврдил тоа, се смета дека ова дело е базирано на легендарната волчица – мајката на близнаците Ромул и Рем, митолошките основачи на Рим. Се смета дека „Волчицата“ е важно дело во развојот на уметничката кариера на Полок и еден од најдобрите примери за неговата љубов кон апстракцијата во слободна форма.
Длабочината (The Deep), 1953
Претежно во црно-бела, со точкички жолта и светлосина боја, „Длабочината“ е една од најславните слики, која датира од периодот кога бил на врвот на славата (1947-1950). Ова е и важно дело за апстрактниот експресионизам. Набљудувачите и критиката нудат различни философски интерпретации за сликата. Самото име на ова дело додава мистерија дотаму што некои сметаат дека ја претставува длабочината во која живее вистинското Јас на личноста, со кое ѝ е страв да се соочи.
Мурал (Mural), 1943
Мурал е делото со кое Џексон Полок се пробил и направил пресвртница во својата кариера, давајќи ѝ нова димензија на својата уметност. Ова е воедно и една од неговите најголеми слики според димензиите. Нејзината величина, апстрактноста и стилот се најава за неговите подоцнежни големи дела. Уметничкиот критичар Клемент Гринберг ќе рече дека, кога го погледнал делото „Мурал“, сфатил дека Џексон е најголемиот сликар во историјата на Америка.
Зближување (Convergence), 1952
„Зближување“ е една од најамбициозните слики на Полок. Позната е по визуелната беспрекорност и по длабоките емоции што ги буди. Иако неговите дела се тешки за интерпретација дури и за експертите, тие се сметаат за манифестации на слободата на говорот и на изразувањето. „Зближување“ останува едно од најпрославените ремек-дела што зборуваат за таквата цел на уметноста на Полок.
Слика бр. 11 – Сини столбови (Blue polls), 1952
Сликата бр. 11 е наречена „Сини столбови“, иако историчарот на уметноста Денис Филипс смета дека овој наслов не ѝ прави услуга бидејќи набљудувачот се концентрира на сините столбови и го пропушта другиот дел од сликата. „Сини столбови“ била откупена од Националната галерија на Австралија во 1973 година за 1,3 милиони австралиски долари. Насловните страници на австралиските весници осамнале со наслови како „1,3 милиони за мачканици“, што резултирало со политички скандал поради кој сликата станала уште попопуларна. Денеска „Сини столбови“ е едно од најзначајните дела во колекцијата на Националната галерија на Австралија, а воедно се смета за едно од неговите најдобри дела со огромна слава и посебно место во австралиската историја.