Преку ликот на Ести, која трага по својата слобода и го следи својот музички сон, ги дознаваме контрастите на двата екстремно спротивни света: патријархалната еврејска заедница во Вилијамсбург (Њујорк) и мултикултурниот Берлин. Прочитајте ги петте нешта што ги научивме гледајќи ја „Unorthodox“:
Нè натера да погледнеме поблиску во скриениот свет на хасидските еврејски жени
Но, прво се прашавте ли какво значење има оној предмет што стои закачен на касата од вратата во еврејските домови и сите го допираат при влегување и при излегување, потоа бакнувајќи си ја раката? Предметот се вика мезуза. На мезузата се испишани стихови од нивната света книга Тора и таа, на влегување или на излегување, ги потсетува верниците на нивниот договор со Бог, а исто така е и симбол дека живеалиштето во кое е поставена е еврејско и во него важат посебни правила, ритуали и верувања.
Позицијата на жената во затворените хасидски еврејски заедници е подредена и е регулирана со строги религиозни правила. Зошто жените носат перики? Кога хасидските ортодоксни еврејски жени ќе се омажат, тие ја покриваат косата во јавност за да биде целосно невидлива за мажите. За тоа користат перика, шал или шапка. Вообичаено, хасидските Еврејки имаат две или повеќе перики, едната за секојдневна употреба и другата за специјални пригоди. Причината за овие правила е скромноста. Ортодоксните Евреи тоа го нарекуваат „Tznius“ и целта, верувале или не, се состои во тоа да ги одвлече мажите од искушувачки мисли за женското тело. Во серијата видовме дека на главната хероина Ести, целосно ќе ѝ ја избричат главата по свадбата. Во реалноста тоа го прават еврејските жени што премногу внимаваат на правилото за косата и на скромноста, но во суштина денес тоа се смета за реткост и за екстремен чекор.
Ни ја откри фантастичната израелска актерка Шира Хаас
Сигурни сме дека за неа допрва ќе се слуша. Во Израел стана позната по улогата во популарната драма „Shtisel“, а меѓународната слава ја стекна токму со минисеријата „Unorthodox“. Добитничка е на највисоката израелска филмска награда Офир, како и на наградата за најдобра интернационална актерка на Tribeca Film Festival Award во 2020.
Шира Хаас пристигнала во Берлин два месеца пред снимањето на „Unorthodox“ за да го учи јазикот јидиш што се користи во серијата. Исто така, учела пијано и пеење за да навлезе целосно во улогата на Естер Шапиро. „Њујорк тајмс“ ја опиша како „феномен, експресивна и обземачка“, а „Гардијан“ како „зашеметувачка“ и „неверојатна“, „физички мала, како дете, гледачот веднаш се поставува заштитнички кон неа“. „Форбс“ за улогата ќе напише дека „Хаас нуди неверојатна изведба на улогата на Ести, полна со суптилност, деликатно откривајќи ја внатрешната битка на ликот, како и нејзината среќа, без да изусти збор“. Најновата улога на Шира е во израелскиoт филм „Asia“, што беше премиерно прикажан онлајн на Tribeca Film Festival 2020 поради пандемијата. За улогата на ќерка врзана за инвалидска количка, жирито на фестивалот напиша: „Нејзиното лице е бескраен пејзаж на кој дури и најмалиот израз е трогателен, таа е неверојатно искрена и присутна актерка, која му носи длабочина на сето она што го прави.“
Нè потсети колку е убав и шаренолик Берлин
Без разлика каде ве водат филмските кадри, дали во студентскиот кампус, на плоштадите и на улиците низ кои се движи Ести, во дискотеките во кои пулсира ноќниот живот или само на езерото Ванси, Берлин дише низ слобода. Езерото во кое се капат Ести и друштвото гледа директно на вилата на спротивниот брег, во која нацистичките лидери во јануари 1942 година го усвоиле т.н. конечно решение на еврејското прашање. Историски иронично, да, една еврејска жена ја пронаоѓа слободата токму на такво место. Инаку, музичката академија во „Unorthodox“ e базирана на Barenboim-Said Akademie, а тоа е музичка академија во која Евреи и муслимани заедно свират класична музика.
Ни ја откри Catnapp
Аргентинската електро-музичарка Catnapp jа откриваме во сцената од ноќниот клуб. Таа е од Буенос Аирес, а живее во Берлин и прави музика што комбинира брејкбит, драм едн бас, алтернативна електроника, поп, рап и други стилови, што резултира со интензивна и носталгична атмосфера. Таа почнала да настапува во 2010 година, а досега делела лајн-апи со Tricky, Mix Master Mike, Dj Koze, Bomba Estereo и многу други. Во „Unorthodox“ ja гледаме зад пултот и ја слушаме изведбата на „Thunder“.
Нè научи дека не треба да судиме
Луѓето не избираат во какви услови, од какви родители и во какви заедници се раѓаат. Но, треба да имаат можност да изберат каков живот би сакале да живеат. Научивме уште нешто. Возможно е и во најголемата светска демократија да постојат затворени заедници во кои се нарушени основните права на жената. Во автобиографскиот роман со истиот наслов (по кој е и работена минисеријата), aвторката Дебора Фелдман пишува дека религиозната заедница на сатмарските хасидски Евреи, која дошла од унгарскиот град Сатмар, се состои од потомци на луѓе што го преживеале холокаустот и била формирана во Њујорк по војната. Како што е и претставено во серијата, целта на создавањето големи семејства е да ги заменат сите оние што ги изгубиле во геноцидот.
Фелдман деликатно ја опишува својата заедница, но не ги крие страдањата од стриктните правила на религијата, тоа што не ѝ било дозволено да биде тоа што е и да го истражува сопствениот идентитет. Авторите на серијата имале сензитивен пристап кон хасидската заедница во Вилијамсбург во Њујорк, преку две опсежни истражувања и долги дискусии со претставниците на верата. Дури и специјалист во оваа култура им помогнал со деталите, а исто така го играл и рабинот во серијата. Дури и многу луѓе што работеле пред и зад камерата ѝ припаѓаат на заедницата.
Режисерката Марија Шредер отпосле ќе каже дека во хасидската заедница, која вклучува стотици и илјадници луѓе во Њујорк, нивото на задоволство или на незадоволство варира во огромен степен. Нејзината цел не била да го осуди ваквиот начин на живот. Според неа, важно било да се сфати: Зошто Ести е различна? Зошто таа ги има проблемите што другите ги немаат?