Tокму овие негови дела се засегнати од постојаната потреба да се редефинираат и да се истражат различните начини на изразување, преку поедноставување и интензивирање на начинот на експресија. Тој го отфрла непотребното, редуцирајќи ги заднините на своите слики на едноставна боја, а фокусирајќи се на неговиот главен интерес – човечкиот субјект. Шиле бил екстремно заинтересиран за поимањето на себеси во своите дела, па често критичарите сметаат дека бил нарцисоиден поради многубројните автопортрети.
Автопортрет со физалис, 1912
Автопортретот на уметникот е традиција што постои уште од времето на ренесансата, од Дурер и нејзиниот мајстор Рембрант. Шиле имал само 22 години кога го насликал овој автопортрет со физалис, но неговиот стил е забележително созреан во ова енигматично дело. Задлабоченото зјапање кон гледачот, засводените веѓи, наместените усни, наведнатата глава, сето тоа сугерира надменост и ароганција на млад човек што е свесен за своите огромни таленти. Можеби сето тоа едноставно „сече“ од земното обично општество со своите досадни правила и кодови. На другата страна се забележува светлото овошје што е контраст на црнилото на косата и палтото на Шиле. Ова дело се наоѓа во Музејот „Леополд“.
Портрет на Вали, 1912
Жените играат голема улога во краткиот живот на Шиле. Најпрво ја запознал Вали Нојцил, во 1911 година, кога таа имала 17 години. Можно е таа да била модел и на Климт, но за Шиле таа била муза, модел и љубовница. Тие заедно ја напуштиле Виена и воделе неконвенционален живот, а Портретот на Вали оди во придружба со неговиот Автопортрет. Но наместо смелата самодоверба, гледачот овде забележува тага и нежност во нејзините сини очи, со внимателен наклон на главата. Сега оваа слика се наоѓа во колекцијата на „Леополд“, но била запленета од нацистите, а предмет е и на долготраен правен спор.
Смртта и Девојката, 1915
Веројатно неговото најзначајно дело „Смртта и девојката“ денеска се наоѓа во галеријата „Белведере“ во Виена. Зад оваа слика се крие тажна приказна. Во 1915 година Шиле се запознал со Едит и Адел Хармс, кои живееле во близина на неговото ателје во Виена. Тој решил да се ожени со Едит, а Вали да му остане љубовница. Меѓутоа Вали не го прифатила тоа и заминала. Почнала одново, станала медицинска сестра и умрела на Божиќ во 1917 година. На сликата мораме да се запрашаме која е Смртта, а која е Девојката. Дали Шиле е оптоварен со вината што ја напушта Вали, дали тој е Смртта, а Вали е Девојката?
Прегратка, 1917
Шиле се оженил со Едит во 1915 година. Три дена подоцна, заминал на служба во австриската армија. Додека бил таму, продолжил да слика, чувајќи руски затвореници и извршувајќи редовни должности во војската пред своето враќање во Виена во 1917 година. Во овие години се променил и неговиот стил. Се чини дека бракот ги смирил неговите четки. Тоа се гледа ако се спореди „Прегратка“ од 1917 година со неговите рани актови и нивната бурна енергија. На платното се гледаат Шиле и Едит одозгора, голи во прегратка. Се забележува нежност бидејќи љубовта имала смирувачки ефект врз уметникот, па така, критичарите сметаат дека оваа слика ја пренесува неговата интимност, за разлика од несовладливата сексуална енергија присутна во делата од раниот период на неговото творештво.
Потпрена жена во зелени чорапи, 1917
И оваа слика ја покажува стилската промена на Шиле кон попрецизен израз на човечката форма, за разлика од претходните дела. Се насетува дека неговите субјекти веќе се помалку измачени и поздрави. Модел за оваа слика му била Адел Хармс, сестра на неговата сопруга, која важи за помалку грациозна од Едит и за која се верува дека исто така била негова љубовница.
Драган А.