По минатогодишната изложба во Скопје на Шејла Камериќ, насловена „Доаѓаме со поклон“, во Националната галерија – Чифте Амам, оваа година, повторно во соработка помеѓу Контрапунт/КРИК – фестивал за критичка култура и Тиииит!Инк. – фестивал за феминистичка култура и акција/ПРВО ПА ЖЕНСКО ќе биде промовирана уметничката книга „Mother is a bitch/Мајката е кучка“ во авторство на Шејла Камериќ и пријателите, бидејќи за неа најважно е плетењето на пријателските мрежи и наративи кои создаваат амбиент на взаемна поддршка.
Промоцијата се одржува на 9 октомври (понеделник) во Музејот на современа уметност – Скопје, со разговор помеѓу уметницата Шејла Камериќ, уредничката на книгата Жива Клајндиенст, како и авторките Јасмина Тумбас и Милица Радуловиќ. Модераторка на разговорот е Јованка Попова, кураторка во МСУ.
Една од највлијателните уметнички од регионот, Шејла Камериќ живее и работи на релација Сараево, Берлин, Истра, а нејзините дела не само што се изложувани, туку се и дел од колекциите на најголемите уметнички центри како „Тate Modern“ во Лондон, „Musée d’Art Moderne de la Ville“ во Париз, музејот „Boijmans Van Beuningen“ во Ротердам, фондацијата „Vehbi Koç“ во Истанбул, MACBA во Барселона, Музејот на современа уметност во Загреб, Колекцијата „Kontakt“ во Австрија, „ArtTelekom“ во Германија и други.
Нејзини медиуми се фотографијата, филмот, инсталацијата, цртежот, а ако сакаме со една реченица да го објасниме нејзиното творештво тоа се секако точките на преклопување на интимното со општествените и колективните прашања. Таа за својата уметност често пати вели дека го менува погледот на работите, не е украс, туку тера на промислување. Токму такво промислување на нејзиното досегашно 25 – годишно творештво претставува изданието „Mother is a bitch/Мајката е кучка“ каде се конфронтираат теми како што се вештерството, феминизмот, саморефлексијата и самоистражувањето. За овие и други теми, како и во однос на делото на Камериќ, во книгата рефлектираат: Хана Ќурак, Искра Гешоска, Јана Коцевска, Еди Мука, Наталија Пауниќ, Линда Пајц, Бојана Пејиќ, Никола Петек, Магдалена Радомска, Милица Радуловиќ, Матилде Сандларц, Милица Тракиловиќ, Адријана Транца, Јасмина Тумбас, уредничка на ова исклучително уметничко и текстуално дело е Жива Клајндинст.
Гледајќи ги и читајќи за вашите дела, јасно е дека инсистирате на емпатијата како основен механизам за комуникација, но и дека истовремено предупредувате и создавате и политички арени. Зошто се одлучивте насловот на оваа книга да биде „Mother is a bitch/Мајката е кучка“?
Ова не е класична монографија. „Мајката е кучка“ обединува текстови и слики кои ја одразуваат мојата практика и тоа по две главни линии: автопортрети и текстилни дела. Овие уметнички дела се засноваат на моите сопствени искуства, сеќавања и соништа и го носат гледачот во глобалните простори на раселувањето и дискриминацијата. Во оваа монографија тие се разгледуваат низ леќите на родот, трудот, миграцијата, класата и грижата, проткаени со испреплетени темпоралности – минатото и сегашноста.
Инспирирани од écriture feminine, или „женското писмо“ на Хелен Сиксу – теорија на феминистичката филозофија која комбинира елементи на психоанализа, книжевна теорија и постапка на деконструкција – автор(к)ите на книгата ги сметаат актите на пишување како субверзија на патријархалните императиви.
Една ов авторките во книгата, Вашите дела ги резимира вака: „Уметноста на Шејла Камериќ може да се смета како место каде што многуте јазици на безгласните жени, нивните внатрешни и интимни култури се вкрстуваат со доминантната наметната култура, воспоставена легално или не. Едноставно кажано, нејзиниот хронотип може да се гледа како симптом на модалитетот на изразување на неизразеното. Дури и денес, во нашите современи општества кои не се многу различни од оние од минатото, жените продолжуваат да го шепотат тоа како тајна што бара да биде кажана гласно…“ Дали верувате дека состојбите може да се променат?
Мора да веруваме дека промените се можни, но пред сѐ мора да се верува дека ние сме тие што треба да ги направиме промените што светот ќе го направат подобро место. И кога велам подобро, не мислам само на тоа да биде подобро место за жените или генерално на човечката раса, туку мислам на сѐ. Треба да се живее во просторот на смибиоза и соживот.
Во актуелната ситуација во која се велича AI технологијата, а во медиумите владејат дезинформации и лажни вести, дали сѐ уште верувате дека уметноста е коректив на општеството, дека е документ на времето во кое живееме, дека преку неа го учиме она што е важно за нашиот опстанок?
Верувам дека е така, бидејќи тоа длабоко ме интересира. Се занимавам со уметност што преиспитува и поставува прашања и која што истовремено е самокритична, затоа и верувам дека како таква може да биде коректив, доказ, но и утеха. Мислам дека е нужно да се зборува за проблемите, но исто така, ужасно е важно да не заборавиме дека секој од нас има моќ да влијае врз светот околу нас. Секој може да биде коректив на општеството и секој треба да има одговорност за она што го прави.
Во Вашите дела честопати се навраќате назад кон историјата. Зошто е важно да се говори за минатото кога станува збор за положбата на жената?
Затоа што така учиме. Затоа што вратата се отвора за да се затвори и ако не го знаеме тоа лесно може да останеме пред затворената врата. Позицијата во која сме денес не е стекната сама од себе и лесно може да ни биде одземена. Ако не учиме од минатото, не ги знаеме грешките што се направени, тие можат многу полесно да се повторат. Правото на избор, односно забраната на абортусот е вистински пример за тоа.
На самитот за ситуацијата со феминизмот во регионот што деновиве се одржуваше во Скопје, Светлана Слапшак рече дека хуморот е силно оружје против различните антиродови движења кои сѐ повеќе се радикализираат. Какаво е Вашето мислење?
Да, хуморот може да биде силно оружје, но може да биде и симптом кој укажува на нелагодноста што ја чувствуваме затоа што се наоѓаме во дефанзивна позиција. Кога се работи за моите дела, мислам дека сите мои дела се духовити, но тој хумор, главно го гледаат само оние што сфаќаат или од сопственото искуство ја чувствуваат позицијата од којашто дејствувам.
Постојат ли сѐ уште очекувања (или пак предрасуди) во уметничкиот свет за тоа што би требало тематски да ги преокупира уметниците од нашиот регион? Дали сте забележале дека и денес се ставаат под некој заеднички именител?
Работите се променија на тоа поле. Од мене и мојата генерација се очекуваше да се занимаваме со војната, распадот на Југославија, постсоцијалистичкото трназициско општество и всушност моравме да се бориме за простор во кој ќе можеме слободно да ги градиме своите уметнички изрази.
Глобализацијата и капитализмот, според некои работи, нѐ направија еднакви со другите. Сепак, останавме инфериорни и егзотични, но сега сме помалку интересни што пак навидум отвора некоја нова слобода, а всушност само кафезот на пазарот стана поголем.
Вашето најпознато дело е „Bosnian Girl“, за кое во неколку наврати кажавте дека од 2003 година, кога првпат го изложивте, всушност живее свој живот до денес… кога сфативте колку е навистина важно?
Од моментот кога првпат го видов графитот на ОН војникот од Сребреница, знаев дека е важно веднаш да реагирам. Делото „Bosnian Girl“ настана за 24 часа. И веднаш знаев дека тоа е најзначајната работа што сум ја направила. Никогаш не се посомневав во релевантноста на тоа дело, но среќна сум што во овие дваесет години колку што е старо тоа дело, тоа стана важно и другите. Голема среќа е делата да имаат своја публика, а ова конкретно дело навистина ја има. Во последнава година и пол тоа дело беше поставено во музејот Tate modern во Лондон и го виделе околу 10 000 луѓе дневно. Младите луѓе што го виделе се на иста возраст како и делото и сега тие се негова публика што е навистина одлично.
Како гледате на фактот дека ве гледаат како највлијателната уметница од овие простори?
Не размислувам за тоа. Се обидувам да го работам тоа што го сакам, околу мене да имам луѓе што ги сакам и кои се добри. Се трудам да им помогам на своите колеги. Верувам во колегијалност и во тоа дека заедно сме посилни, попаметни, подобри.
Исклучително ми е важна регионалната соработка и поради тоа денес сум во Скопје. Благодарение на Искра (Гешоска) и Јана (Коцевска), моите прекрасни партнерки и најдобрите домаќинки кои минатата година ме поканија да имам изложба овде. Среќна сум што со заедно со нив можам да ја направам овде првата промоција на оваа книга.
Александра Бубевска