Во април годинава беше отворена големата изложба „Jean-Michel Basquiat: King Pleasure“ во Челси, Њујорк, организирана од семејството на Баскијат, кое се грижи за неговиот имот и бренд, и поради популарноста што ја има изложбата и извонредната посетеност, таа ќе биде отворена до неодредено време односно додека постои интерес кај публиката.
Иако Баскијат починал млад во 1988 г. на 27-годишна возраст, се чини дека интересот за него и за неговата оставина не е замрен. Во моментов додека се случува изложбата „King Pleasure“, на две други локации, во Канада и во Албертина во Виена, се случуваат други две големи изложби на Жан-Мишел Баскијат.
Тој започнал како уличен уметник со цртање графити по улиците и метроата во Њујорк (заедно со пријател се потпишувале под името SAMO, што значело „Same Old Shit“), а наскоро еволуирал во потрадиционалното сликарство што се случило во неговите рани 20-ти. Тоа апсорбирало секакви влијанија од тогашната поп-култура, светот на спортот, историјата, музиката и светот на вестите, што од своја страна довело до создавање слогани и симболи што станале негов визуелен потпис или одлика. Неговата популарност и влијание продолжиле и по неговата прерана смрт и беше снимен и биографски филм во 1996 г. каде што Џефри Рајт ја играше главната улога (а Боуви го глумеше Енди Ворхол).
Изложбата нуди поинаков пристап и увид во животот и делата на овој уметник. Наместо едноставно изложување на неговите дела, оваа изложба има поинаков пристап и приказна. Поделена на неколку етапи, таа отсликува многу аспекти од неговиот приватен и јавен живот поради што немате претстава дека влегувате во обична галерија туку во различни улици, маала, клубови, ателјеа, соби. Всушност, така е и поделена изложбата: „1960 – Introduction“, која започнува со мапа на „Basquiat’s New York“ (таа ги набројува училиштата во кои учел, галериите, ноќните клубови и рестораните што ги посетувал), домашни видеа избор на свои самопортрети. Потоа тука се „Kings County“, која дава увид во неговите скромни почетоци во Бруклин и во Порторико; „World Famous“, за негов први успеси во светот на уметноста, кога почнал да изложува дела во Њујорк, Лос Анџелес и во Европа; „Ideal“, посветен на просторот на Грејс Џонс (во сопственост на Енди Ворхол); „Art Gallery“, кој се состои од 200 ретки и претходно неприкажани дела и артефакти; „Palladium“, повторно изградена ВИП-секција од овој ноќен клуб за кој Баскијат создал две огромни, а сега загубени слики во 1985 г. и секцијата „Place Jean-Michel Basquiat“, кое се наоѓа на излезот од оваа галерија.
Потоа, изложбата дава увид и во музиката што ја сакал Баскијат и галерискиот простор одекнува од песни што можат да се најдат и на листа на Спотифај: „Dreaming – Blondie“, „Afrika Bambaata – Planet Rock“, „Nina Simone – My Baby Just Cares for Me“ и многу други.
За изложбата зборувавме со неговата сестра Жанин Хериву, која заедно со втората сестра е дел од организацијата зад неа.
Каква приказна чувствувате дека изложбата „King Pleasure“ раскажува за животот и за работата на Жан-Мишел Баскијат од аголот на неговото семејство?
Изложбата „King Pleasure“ го дава бекграундот за феноменот наречен Жан-Мишел Баскијат. Ова и беше нашата намера – да го разоткриеме контекстот и да ги дадеме одговорите на многуте прашања поставени за неговиот идентитет, од каде дошол, и за неговиот ран живот.
Која беше причината да се постави оваа ретроспективна изложба сега?
Почувствувавме дека е важно да се постави оваа изложба сега бидејќи делата и гласот на Жан-Мишел остануваат релевантни за актуелната наратива за нашата култура, општествени проблеми и општествени неправди. Ова е жалосно и разочарувачки.
Изложбата дава јасен контекст т.е. повторно ги создава многуте аспекти од неговиот живот, почнувајќи од неговиот дом, различни поглавја од неговиот живот, па дури и неговото студио што се наоѓало на Great Jones Street во Њујорк е повторно создадено за потребите на оваа изложба. Кои беа некои од најголемите предизвици што се однесуваа до курирање на изложбата?
Имаше огромна позитивна енергија и возбуда за овој проект и меѓу нас во нашиот тим и кај нашите партнери. Најголемиот предизвик беше едноставно енормноста на проектот и како еден таков голем карактер, уметник, човек и толку дела да се изберат и потиснат во едно искуство што ќе одекне кај неговата публика.
Жан-Мишел Баскијат оставил свој белег не само во светот на уметноста туку и во светот на танцот, модата и други области. На кој начин планирањето на „King Pleasure“ се обиде да ја опфати таа оставина?
Една од целите беше да се споделат многуте слоеви од животот на Жан-Мишел; живот исполнет со музика, уметност, мода, храна и патувања. Ги интегриравме повеќето од тие аспекти вклучувајќи и плејлисти на Спотифај за да го исполнат тој простор. Ги прикажуваме неговите дела – прекрасни слики и цртежи. Има многу работи што тој ги користел многу кратко вклучувајќи го и неговиот капут Comme de Garcon и други работи, предмети што ги донел додека патувал по светот, и многу книги и филмови. Сакавме тие што ќе ја посетат изложбата да заминат длабоко навлезени во животот на Жан-Мишел Баскијат.
Крајот на 70-тите и за време на 80-тите години на минатиот век, без разлика дали тоа беа хип-хоп музиката, брејкденсингот, графитите, изнедрија револуционерни креативни изрази за младите. Како го гледате периодот на растење и живеење во тоа време?
70-тите и 80-тите години на 20 век беа неверојатни за да се сведочи сè што се случуваше, како и да се живее во тоа време. Имавме чувство како да живееме во некаков саундтрак.
Каков беше импактот на делата на Баскијат додека сè уште беше жив?
Жан-Мишел остави длабока трага врз светот на различни начини. Тој застана цврсто зад тоа во што веруваше и што сакаше да го прави и го направи тоа со целосна автентичност во однос на тоа кој беше тој – модерен, згоден, интелигентен, забавен, многу креативен гениј, кој носеше дредлокс и кој го држеше огледалото за светот преку своите дела.
Кои се некои од вашите негови омилените дела и зошто?
Моите омилени дела се менуваат од ден за ден. Денес, го сакам „Hollywood Africans“ поради тоа колку храбра беше таа изјава, а и сè уште е.
Кои беа вашите исчекувања за приемот кај јавноста и нејзината интеракција со оваа ретроспектива?
Постојаниот интерес, љубопитноста и восхитот на јавноста за Жан-Мишел одигра голема улога во одлуката да се курира оваа изложба. Според тоа, бевме мошне фокусирани на раскажување на неговата приказна и приказната за нашето семејство, и да ја споделиме неговата уметност и другите аспекти од неговиот живот. Знаевме дека јавноста ќе го цени овој проект, ќе се случи интеракција, и дека ќе се поврзат со тоа. Немавме некакви специфични очекувања и се почувствувавме почестени и благодарни од тоа колку позитивно беше примена изложбата.
Што можат да научат младите и надежни уметници од оставината на Баскијат?
Да останат искрени кон тоа кои се и што сакаат да постигнат. Да го постигнат тоа со храброст и самодоверба.
Во овој момент има уште две паралелни големи изложби на делата на Баскијат – во Канада и во музејот Албертина во Виена. На што се должи големата популарност што неговата оставина ја има ширум светот?
Жан-Мишел беше неверојатна слика што ги допре животите на безброј луѓе преку својата уметност, својот глас, својата општествена наратива. Тој е инспирација и аномалија. Ние сме неверојатно среќни за него.
Ненад Георгиевски
Автор на фотографиите во галеријата: Ivane Katamashvili