Во рамките на активностите за денот на Европа 2023, на 6 мај во Офицерскиот дом во Битола официјално се отвори Европска куќа (Europe House). Амбасадорот на ЕУ во Скопје Дејвид Гир изјави дека Офицерскиот дом во Битола е избран да биде Европска куќа поради тоа што ЕУ го цени културното наследство.
Денот на отворањето беше одбележан со неколку настани на различни локации во Битола. Во Магазата беше отворена изложба на фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“, на која учесниците се претставија со своите дела. „Зрно“ ги негува старите заборавени фотографски процеси, па така битолчани и сите што ја посетија изложбата имаа можност да разгледаат една невообичаена изложба, поразлична од она што често се изложува во тој простор, но и во Битола. Низ различни процеси авторите преку своите дела нè вратија назад во времето и ја покажаа убавината на алтернативната фотографија, водејќи нè низ еден циклус на живот, смрт и повторно раѓање. Фотографиите оставаа силен впечаток, така што можеше да се забележи како посетителите долго се задржуваа гледајќи во сите дела поединечно. Освен фотографиите, изложбата беше дополнета со голем број природни отпадоци од шумата – гранки, исушени лисја, напуштени гнезда, папрати, мов, саке…
Ваквото дополнување прекрасно се вклопуваше во изложбата, давајќи ѝ уште поголема длабочина и тоа не беше само од визуелен аспект туку вклучуваше уште едно сетило – мирис, овозможувајќи им на посетителите да ја почувствуваат шумата присутна на изложбата на повеќе начини. Задлабочувањето во прошетката низ малата шума низ која беа поставени делата, беше надополнето и со музика што беше направена специјално за изложбата. Идејата да бидат задоволени сите сетила на посетителот беше успешно реализирана, а тоа беше сосема спонтано и пријатно. Членовите на Зрно освен фотографијата имаат уште една заедничка омилена активност, а тоа е садење дрвја. Освен што импровизираната шума реферираше на љубовта кон природата, на влезот на изложбата имаше куп со желади што претставуваат семе од даб, па така секој заседен желад има шанса да порасне во даб, а секој посетител имаше можност да се послужи со желад што може да го засади во иднина. Изложбата беше посетена од евроамбасадорот, кој позитивно реагираше на целата приказна. Откако му беше поклонет желад, тој изјави дека тоа многу го радува и дека овој желад е предвесник на нов живот (на едно дрво) што е во сооднос со овој ден во кој во Битола се раѓа нешто ново, односно се отвори Европската куќа, која понатаму ќе биде организатор и поддржувач на многу нови настани од сферата на културата.
Нешто подоцна беше отворена изложбата на млади графички дизајнери, кои своите дела ги изложија во пациото на музејот во Битола. Оваа изложба преставуваше нешто тотално спротивно на тоа што се случуваше во Магазата, беше интересно како два стари простори пренаменети во простори за културни настани беа окупирани со убавината на визуелната уметност правејќи една убава поделба помеѓу современите и старите начини на изразување и творење.
Во попладневните часови пред платото на Офицерскиот дом се создаде пријатна атмосфера, Битола беше раздвижена и жива како да е лето. Музичарите ги подготвуваа своите настапи, луѓето полека доаѓаа и се препуштаа на долгото музичко уживање. Избрани беа млади бендови што полека се етаблираат на музичката сцена и артисти за кои публиката е секогаш желна да ги чуе повторно. Настапија: Corrosion – noise pop бенд од Битола, чиишто членови велат дека звукот го засноваат на прекумерно користење звучни ефекти и максимално искористување на целата опрема што ја имаат. Нивната млада енергија желна за творење нова музика дава нешто сосема уникатно, а публиката изгледа и заинтересирана за нивниот начин на музицирање и препуштена на звуците.
Heart-on-sleeve – емо/поп-панк/шугејз бенд од Битола. Бенд прочистен од разни (за нив) непотребни украси. Тоа е музичка енергија што двојно делува… и јасно и прецизно. Нежно дисторзиран крик на младата урбана генерација.
Дина Јашари, млада и талентирана музичарка, која со своите авторски песни го освојува Балканот. Таа неодамна ја доби наградата „Милан Младеновиќ“. Заедно со својот бенд имаше прекрасен настап, со кој како и секогаш ги освои срцата на публиката.
Bad Juju – диџеј од Битола, кој често настапува по локалите низ градот. Тој ден имаше посебно место, на балконот на Офицерскиот дом настапи со својот диџеј сет. Беше мета на сите фотографи што беа присутни на настанот.
Вечерта ја заоклужи Herzel со својот настап во „Јагода бар“, кој се наоѓа на Широк Сокак, веднаш до Офицерскиот дом. Александар Гроздановски или Herzel е препознатливо име на домашната и на интернационалната електронска музичка сцена. Покрај тоа што настапува со свои диџеј сетови, издава и своја музика на престижни издавачки куќи како Hivern Discs, Uncanny Valley, Compost Records, Funnuvojere Records, Biologic Records и Charlios. Поддржан е од артисти како Sven Väth, John Talabot, Massimiliano Pagliara, Legowelt, Midland и многу други. Соосновач е на македонската издавачка куќа „БРАН“, која издава музика исклучиво на винил плочи. Под псевдонимот HRZL има неколку изданија со апстрактна електронска музика за издавачките куќи Soundtracking The Void и Teorema. Во моментов е резидент на берлинското радио Refuge Worldwide каде што ја води својата емисија насловена „Трага“. Настапувал во многу клубови и на многу фестивали за електронска музика. Како дел од берлинската сцена настапува во ноќни клубови какви што се Tresor, Griessmuehle, Sisyphos, About Blank, Ipse и Salon Zur Wilde Renete. Во „Јагода“ нè удостои се еден убав сет, на кој сите уживавме и се журкавме.
Викторија Мачковска
Фотографии: Стефан Самандов