Во септември 2022 година, во Народниот театар во Битола имав чест да ја гледам премиерата на претставата „Се викам Медеја“ во режија на Себастијан Хорват од Словенија, работена според текст на Милан Рамшак Марковиќ, драматург од Србија.
Во претставата ја гледаме Медеја (Илина Чоревска) во современиот свет, опкружена со општеството во кое денес живееме, соочувајќи се со проблеми што ги засегаат голем број од жените во светот.
Животот ја носи Медеја во Швајцарија, каде што е принудена да работи како касиерка во маркет, потценувајќи го нејзиното образование бидејќи не успева да најде работа како архитект (претпоставувам дека станува збор за архитектура, во една од сцените таа му вели на својот сопруг дека во студентските денови таа ги работела и неговите нацрти). Во првиот дел од претставата ја следиме Медеја како одејќи на работа ја добива веста дека нејзината виза истекла и мора да се врати назад во Македонија. Но, нејзината најголема болка е тоа што по распаѓањето на нејзиниот брак, таа не може да го земе своето дете и е принудена да ја напушти државата и да се врати назад во Македонија. Откако ја добива оваа вест, гледаме како Медеја ја губи контролата врз својот живот и работите со кои се соочува и секоја надеж дека ќе успее да направи нешто што ќе ја смени сурoвата вистина што ја живее. Нејзината растревоженост и агонија одиграни на сцената се чувствуваа и во публиката.
Поделбата помеѓу прифаќањето на тоа дека нејзиниот маж има друга жена со која заедно ќе ја одгледуваат нивната ќерка и борбата да ја земе со себе, што чини многу пари што таа ги нема во тој момент, ja носат Медеја во лудило. Во најтешките моменти, кога Медеја треба да донесе некаква одлука, другите актери се собираат во хор што ја следи и постојано ѝ пее за нејзиниот живот, нејзината моќ и поразот што го доживува. Хорот што постојано ја следи го прави тоа што се случува уште подраматично, внатрешниот конфликт и страдањето постојано се присутни на сцената. Движењата и звуците од сцената успешно ме внесоа во приказната на Медеја.
Притисокот да бидеш „нормален“ и „нормално“ да се однесуваш пред светот, кога во тебе се случува бура, притоа не наидувајќи на емпатија од луѓето наоколу, нам ни е близок, бидејќи во современото општество тоа често се случува, па веројатно затоа полесно се соживуваме со тоа.
Во моментите кога таа се пакува и навидум носи некаква одлука, потоа во шише со вода истура голема количина издробени таблети, па се упатува кон куќата на поранешниот сопруг, каде што живее и нејзината ќерка, владее мрак и неизвесност што таа ќе направи следно, како Медеја казнува и дали воопшто казнува? Дали убива? Дали сака да живее или да умре?
Нејзиното страдање се чувствува во постојаното движење на сцената, проследено со плач, надополнето со пеењето на хорот што постојано ја потсетува која е таа, но исто така ѝ ги меша мислите и ѝ дава лоши идеи. Претставата завршува со мирна сцена, во која владее благодарност и простодушност.
Интересно е тоа што Медеја е претставена во овој современ контекст. Покрај тоа што сценариото е сосема различно од тоа што се случува во делото од Еврипид, тука можеме да ги препознаеме основните мотиви што се задржани. Таа го напуштила својот поранешен живот поради љубов или со цел да има подобар живот, но нејзиниот сопруг ја напушта и заминува со друга жена, а потоа се појавува и болката по детето од кое е принудена да се раздели. Знаејќи што Медеја може да направи според Еврипид, во текот на претставата владее неизвесност како таа ќе постапи и очекување да го казни својот поранешен сопруг и себеси. Во моментите кога изгледа како таа да донела некаква одлука што ние не ја знаеме и оди да ја посети својата ќерка во домот на својот поранешен маж и неговата нова сопруга, се чувствува страв. Таа оди да ѝ чита приказни на ќерка си, па откако ја заспива и си оди, таткото веднаш трча во собата и ја проверува ќерка си, дури и ја буди за да провери дека таа е добро. Во тој чин неизвесноста не е присутна само кај таткото на нивната ќерка, туку и во публиката.
Во краткиот разговор Милан Рамшак Марковиќ ни го раскажа следново:
„’My name is Medeja’ е претстава што се занимава со женската моќ и стравот од таа моќ. Инспирирана е од Еврипидиевата Медеја, но со современ текст што го напишав јас, во договор со Себастијан Хорват, по концепт што заедно го направивме. Прво јас направив синопсис што дополнително го развивме со актерите на пробите. Освен стравот од женската моќ во патријархално општество, ги допревме и современите приказни за миграциите, за тоа како е да се биде странец соочен со безличното, нечовечките односи и справувањето со западните бирократии.
Ова е една од низата претстави каде што се обидуваме да развиеме некоја филмска драматургија во театарот.
Уживав во соработката и на крај бев задоволен покрај тоа што кратко време работевме на претставата. Сите се врвни професионалци и ми беше чест да соработувам со нив. Беше интензивно и единствено недостигаше да поминеме повеќе време заедно, подобро да се запознаеме, но околу работата на претставата сум и повеќе од задоволен.
Не знам колку претставата резонира со битолската публика и како реагираат, баш би ме радувало да прочитам нешто околу тоа, да добијам информации и во иднина претставата да стигне и до друга публика, да ја видат и надвор од Битола. Така што за импресиите од претставата не можам ништо да кажам јас, тоа се информации што и јас чекам да ги чујам.“
Во една пригода разговарав и со актерката Анастазија Христовска, што беше во улога на ќерката на Медеја и ми раскажа за своето искуство во оваа претстава:
„’My name is Medeja’ беше еден специфичен процес што го работевме во две етапи. Уште на почетокот претставата беше поставена до одреден степен и се гледаа контурите. Пливавме, работејќи и барајќи се во естетиката, различноста, формата и пред сè концептот. Несекојдневноста на изразот, следењето на мотивот, а не приказната, дојде од работењето на одредени теми низ импровизација. Мајсторијата на Хорват се гледа во секој детаљ на сцената, но и во секој од нас. За мене тоа беше процес за паметење, таков процес како што е и претставата, зачуден во својата едноставност.“
Актерската екипа ја сочинуваат:
Викторија Мачковска
Фотографии: Кети Талевска Бакревска