Потоа на Фејсбук гледавме негови прекрасни фотографии од таму и од Еквадор. Во ноември минатата година, за време на филмскиот фестивал „Синедејс“, во МКЦ беше поставена негова самостојна изложба на фотографии. Бев маѓепсана од фотографиите, тогаш не знаејќи (ништо немав прочитано од најавите за изложбата) дека на некои од нив е Атиџе, дека мотивите се од Бекирлија и дека се тоа фотографии од снимање на документарниот филм „Ханиленд“. Портрети на кои се читаат приказни во борите и во очите.
„Ханиленд“ имаше премиера на „Санденс“ во февруари годинава и се закити со три престижни награди, за најдобар документарен филм, за најдобра камера и специјална награда за промени. Филмот го гледав на затворена проекција во киното „Милениум“, по враќањето на екипата од „Санденс“. Дури тогаш си ги споив сликите од изложбата на Самир Љума и филмот. Наградата за најдобра камера на Фејми Даут и Самир Љума е повеќе од заслужена. Филмот раскажува низ слики. Воодушевуваат предели, сцени снимени во собиче во кое единствено светло е сонцето низ мало прозорче.
На овогодишниот „МакеДокс“ премиерно беше прикажан последниот документарен филм на прерано починатата режисерка Билјана Гарванлиева (1973- 2016), „Тетовски самрак“. Во него Самир Љума е еден од главните ликови. Од филмот дознав дека Самир бил во Америка цели 4 години.
Се сретнавме на „МакеДокс“, му честитав за наградата и не го криев своето изненадување дека во Америка останал толку долго. Следниот ден се видовме на предавањето што во Даут-пашин амам го одржа Виктор Косаковски, светски познат режисер на документарни филмови, кој со својот најнов филм „Акварела“ ја воодушеви публиката претходната вечер.
Зошто олку долг вовед? Затоа што со Самир и неговата работа постојано случајно се среќавам и секогаш пријатно се изненадувам. Некако верував дека неговиот сензибилитет и прекрасните фотографии нема да останат незабележани од светот. По разговорот под смоква со Виктор Косаковски имаше некоја минута пауза до проекцијата на следниот филм на „МакеДокс“. Го искористив да си направиме краток муабет во прекрасниот амбиент на Куршумли ан. И двајцата бевме воодушевени од начинот на работа на Косаковски и разговорот го почнавме за филмот „Акварела“.
Последниот филм на Косаковски е поетски. Многу е внимавано на фотографијата. Ми се допаѓа начинот на неговото размислување, не ни кажува директно туку низ примери, самите да ја откриеме пораката што ја пренесува. Косаковски вели дека филмот треба да покажува, а не да раскажува. Раскажувањето им го остава на писателите. Се согласуваш ли?
И формата на „Ханиленд“ е покажување, не е раскажување. Можеби затоа наидува на одличен прием дури и во Америка каде што гледачите се навикнати да се информираат и сакаат документаристика со раскажување и интервјуа. Тамошната публика сака она што го гледа, да ѝ биде објаснето. По реакциите мислам дека сме успеале без многу говор, а низ слика да раскажеме и да информираме за многу суштински прашања. И ние пред „МакеДокс“ бевме навикнати на телевизиски документарни филмови кои обично беа репортажи. Новиот тренд на правење документарни филмови, барем во Европа, е експериментален, креативен и храбар. Ми се допаѓа тој тренд, со слика да раскажувам и да откривам приказни.
За разлика од Косаковски, кој рече дека се откажува од сликање луѓе, ти си неверојатен со твоите приказни што ги ловиш на лицата на луѓето.
Јас ги сакам луѓето. Додека фотографирам, ме фасцинираат луѓе.
Фотографиите од „Ханиленд“ го оставаат човека со подзината уста.
Во „Ханиленд“ условите за снимање беа тешки, но инспиративни. Со Фејми Даут се разбиравме без да се договараме, премногу сличен сензибилитет покажавме, дури има сцени за кои знам дека сум бил присутен, а не сум сигурен дали тој кадар сум го направил јас или Фејми.
Зошто двајца сниматели?
Со Фејми одамна работиме заедно. Првпат на „Панкот не е мртов“. Тој работеше како асистент на фотографија, а јас тогаш волонтирав и работев како стил фотограф. Многу ми е драго што се запознавме и оттогаш го негуваме пријателството. Со режисерот Љубомир работев и претходно на разни видеа за екологија и единствен за кој мислев дека може да ме замени кога одев во Доминиканската Република беше Фејми. Го предложив и тој стана дел од тимот со кој Љубомир работи. Кога се вратив од Америка, работеа на документарниот филм „Езеро од јаболко“. Љубо веднаш ме викна да работам на тој филм кога дозна дека сум вратен. Така сите станавме тим.
Тој тим што снимаше пропагандни филмови за еколошки промени за потребите на Обединетите нации сега е тим што на фестивали претставува одличен документарен филм, кој по многубројните награди освоени на нив, на пат е да се закити и со Оскар 🙂
На почетокот „Ханиленд“ имаше рок за изработка од три месеци. Да го запазевме рокот, никогаш немаше да излезе „Ханиленд“. Ќе имаше визуелен пејзаж, приказ на начинот на кој се собира медот и никој немаше да знае дека Атиџе е реален лик, туку ќе мислеа дека е направен кастинг. Препознавме дека приказната е покомплексна и терминот се продолжуваше. На секое одење во Бекирлија, откривавме по нешто ново. Ќе завршевме со снимање и навечер, покрај оган, на неформални седења, Атиџе ни раскажуваше нови и нови приказни. На пример, како им пее на пчелите, дека во мај ги лови, па чекавме една година за да го снимиме тој момент. Постепено испаднаа три години.
Колку бевте свесни дека во Македонија, на само стотина километри од Скопје, постојат такви изолирани села, без струја и несоодветни услови за живот?
Воопшто. Селото е напуштено поради немање струја. Атиџе и мајка ѝ немале можност да заминат и затоа останале. Чудно е што има интерес тие села да се документираат, снимат, ќе сретнете фотографии, но толку. Нема идеја како да се овозможи нивно заживување, да го научиме односот кон природата и традицијата. Има места, кај Јуруците, каде што е зачувано исконското. Ако некој не ни открие преку фотографија, филм, ние нема ни да знаеме дека се тука, на неколку километри до нас. Гледавме од Атиџе како да се однесуваме кон природата. Таа тоа го научила од искуство. Ако го земе целиот мед, нема да има ни мед ни пчели. Таков однос треба да имаме кон сите ресурси. Да не се исцрпуваат докрај. Порака за еднаква распределба меѓу даватели и корисници.
Колку Атиџе ја промени снимањето на филмот?
Таа е сè уште со пчелите. Има куќа во најблиското урбано село што екипата на филмот ѝ ја обезбеди по снимањето. Во неа има телевизор, фрижидер, шпорет на дрва и други работи што ги нема во Бекирлија, но таа повеќе ужива во старото трошно куќиче. Последен пат кога бев да ја посетам, мислев ќе ја најдам во куќата, но наидов на затворена врата. И тоа затворена со обична врвка, на истиот начин на кој таа си ја затвора куќичката во селото. Нејзиниот однос е таков и не верувам дека ќе се промени. Сака да запознава нови луѓе, вешто се снаоѓа во комуникацијата. Ме замоли да ѝ напишам неколку зборови на англиски, сака да ги научи за да може да ги користи при средбите. Еден корејски новинар ја праша што по славата што ја доживеала, таа му одговори дека додека ја држат нозете ќе оди со пчелите (предели многу непристапни), а потоа сака да стане пејачка. Има напишано и песна за мајка си. Ја испеа на фестивалот во Нион, Швајцарија. Кога ја прашав која песна ја пеела, мислејќи дека е некоја народна што не ја препознавам, ми откри дека сама ја напишала. Атиџе зборува 5 јазика, турски, ромски, македонски, влашки и албански. Сега живее со постариот брат.
Колку тебе те промени ваквиот интензитет на успех на филмот и сите тие активности околу промоција на филмот?
Немам време ни да мислам. Сите сме целосно посветени на промоција на филмот. Во моментов игра во повеќе од 40 града низ Америка, од есен ќе почне да се прикажува низ Европа.
Пријатно се изненадив кога те видов во филмот „Тетовски самрак“. Како се случи да си еден од главните ликови?
Интересна беше соработката со режисерката Билјана Гарванлиева, која за жал повеќе не е со нас. Филмот го доврши нејзиниот сопруг Мануел Цимер и се надевам ќе наиде на одличен прием кај публиката и ќе отвори прашања за иднината на младите генерации, кои се снаоѓаат како умеат во оваа неизвесна реалност.
Со Билјана се запознавме во Сараево на фестивал. Таа година (2010) ја доби наградата „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм, за филмот „Шивачките“. Тогаш бев студент и имав идеја за филм, ѝ ја кажав, ѝ се виде интересна. Почна да истражува на таа тема и се дружевме интензивно во тој период. Но, Билјана реши да прави филм за Тетово и за животот во него низ призма на неколкумина млади луѓе. Тој период работев со бендот „Conquering Lion“, им снимив спот, бев на турнеја со нив, се дружевме, од исто маало сме, така што спонтано сите станавме дел од филмот, ги раскажавме нашите приказни, како функционираме во постконфликтно Тетово. Мислев ќе сум снимател, испадна да сум лик во филм 🙂 Тоа беа последните шест дена пред заминувањето во Доминиканската Република. За нецели две недели се случи тоа мое одење. Ѝ се јавив на Билјана дека нема да сум тука, и таа и продуцентот Огнен Антов се спакуваа, дојдоа во Тетово и ја снимија мојата приказна за тие последни 6 дена. Тоа беа денови кога не знаев кај ми е главата и како да се справам со целата ситуација – да средам сѐ околу патувањето и на моите родители и да им го олеснам заминувањето на нивниот син единец некаде далеку. Така што, добро ми дојде снимањето, не им даде можност на моите родители да бидат депресивни што заминувам.
фото: Маја Аргакиева
Што понатаму, наградата од „Санденс“ за најдобра камера е добра референца за секој снимател?
Наградата од „Санденс“ е многу битна, има понуди за меѓународни проекти, но тој процес е бавен, од идеја до реализација… Моето искуство реално не е преголемо. Досега сум работел на проекти што мене лично ќе ме привлечат и ќе ги засакам. Сум работел како стил фотограф, асистент на камера, директор на фотографија, разни реклами, со Ѓорче Ставревски на „Исцелител“ (затоа и се вратив од Америка), со Светозар Ристевски, со Љубомир Стефановски. Се снаоѓам некако како фриленсер. Работев како продуцент на краткиот документарец „Fake News Farytail“ на Кејт Стонехил, приказната за Велес и лажните вести од таму.
Најмногу учев од присуство на сетови и практична работа. Искуството како фотограф и членувањето во неформалната фотографска група „Чкрап“ од Тетово многу ми помага во филмскиот свет. Лично сакам да правам фотографии без употреба на друго светло, само со природното. Немам планови, се водам по интуиција, ако ми се допаѓа нешто, би заминал каде било во светот.
Не го довршивме муабетот со Самир, затоа што почна италијанскиот документарен филм „Додека мајка ми исчезнуваше“, за кој имавме препораки дека е одличен и не сакавме да го пропуштиме. Се надевам по Оскарите ќе си направиме подолг разговор за импресиите од Холивуд 🙂 Му посакувам многу снимања, патувања и фотографии што зборуваат.
насловна фотографија: Graham Sheldon
Илинка Делчева