Не беше тешко да се поистовети ниту со неговите згоди и незгоди, на кои секојдневно сме сведоци и се неизоставен дел од македонското општество.
Ја искористивме можноста да поразговараме со режисерот Георги М. Унковски, а вам да ви доловиме и дел од атмосферата вчера, низ фотките од настанот.
Како се случи „Налепница“, од каде дојдоа идејата и инспирацијата?
Слично како главниот лик, во еден момент се обидов да ја обновам регистрацијата и немаше налепници. Тоа ме замисли како од еден бирократски прeвид би можело да настане поголема катастрофа.
Дали постои некој што ја има привилегијата да го прочита сценариото (и да даде искрени забелешки) пред тоа да се екранизира или му веруваш само на сопствениот инстинкт? Колку стриктно се држиш до сценариото, дали импровизираш?
Сценаријата што ги пишувам, секогаш ги давам на читање на повеќе луѓе на кои им верувам и чие мислење го ценам. Иако тоа не значи дека сите предлози и мислења се прифаќаат, имање пристап до различна перспектива/мислење е клучен дел од мојата работа.
Со какви сè предизвици се соочуваше филмската екипа додека го снимаше филмот „Налепница“?
Снимавме на екстремно студено време. Снимавме долго, со часови. Можевме временски да си дозволиме максимум по пет-шест дубли од кадар. Меѓутоа на многу начини снимањето на „Налепница“ е едно од најпријатните снимања што сум ги имал, а тоа се должи, пред сè, на посветената екипа и одличната организација.
Зошто и како се случи токму овој тим да работи на филмот „Налепница“ и како ти, како режисер, ја одржуваше внатрешната хармонија на тимот?
Тимот зад „Налепница“ е микс од една млада сила што допрва сериозно ќе се докажува на овие простори и стара гарда од докажани врвни професионалци што работеле наогромен број македонски филмови. Имав привилегија за овој проект да имам дрим тим, со кој со нетрпение очекувам да соработувам повторно. Хармонијата во тимот се одржува преку разговори, соработка и позитивен пристап кон решавањето на проблемите што би можеле да се јават за време на снимањето.
Како релативно млад режисер, што претставува поголем предизвик во нашето поднебје – да се започне или да се продолжи со режисерска кариера?
Да се биде режисер со полно работно време е речиси невозможна мисија. Работата знае да биде доста неблагодарна и авторите често имаат премногу време меѓу проекти (за кое е клучно да се искористи продуктивно). Принципот на работа е маратонски и луѓето што очекуваат брз резултат или стабилност на работното место често завршуваат разочарани.
Кој ти беше личниот „драјв“ додека го снимавте „Налепница“?
Се чувствував дека правам нешто забавно и дека не би сакал да бидам на ниедно друго место.
Што го прави еден филм „голем“, според тебе?
За жал, нема некоја конкретна формула што може да се аплицира. Мислам дека збирот на сите работи го прават филмот голем. Тоа е она што се обидувам да го пренесам на моите снимања.
Во време кога сме виделе, слушнале и прочитале речиси сè, како се трудиш да ја одржуваш „свежината“ во она на коешто работиш?
Мислам дека сите приказни се веќе раскажани. Тоа што ни останува е начинот на кој ги раскажуваме, да биде наш. Мислам дека животот во себе има неисцрпна свежина, посебно кога ќе погледнеме поубаво на работите што ги земаме здраво за готово.
Колку време ти е потребно да се „ослободиш“ од ликовите, особено од оние силните со кои буквално си живеел за време на создавањето на филмот, и што правиш за обновување на батериите и полнење со нова инспирација?
Мислам дека никогаш не се ослободувам докрај. За нова инспирација секогаш ѝ се враќам на музиката, која игра важна улога во сите мои филмови. Пораснав опседнат со Џон Вилијамс, мислам дека ја имав цела музика од „Star Wars“ на дискови. Подоцна научив да ги ценам и посуптилните пристапи кон филмската музика.