Една НЕкултура во континуитет, поттикната директно одозгора, сесрдно прифатена и реализирана од подолните слоеви на општеството, неподготвено и незаинтересирано за одговорност. Од своја страна, ПМГ Рекордингс, како изблик на незадоволство од културната и сеопштата состојба на теренот, веќе 21 година издава и промовира македонска музика и култура, со единствена цел: поквалитетен живот. Фестивалот е една од врвните заложби на овој лејбл во текот на годината и секогаш носи некои од најсвежите, најквалитетни домашни, но и странски имиња.
Овогодишното издание ќе донесе 15 артисти, кои ќе настапат на 3 стејџа, оваа сабота, на 5 октомври, во Младинскиот културен центар, Скопје, каде што сите врати ќе бидат ширум отворени, а влезот сосем слободен. Фестивалот ќе го отвори стејџот на кој ќе настапат бендови, околу 20:00 часот, на платото пред МКЦ. Тука ќе имаме можност да го погледнеме виртуозниот Мухамед Ибрахими, човекот што буквално ја хипнотизира публиката со своите гитарски звуци. Ќе слушнеме доста џез, најпрво извонредните и млади „Светлост“, а потоа и искусните мајстори „Сетстат“. Од Тирана, Албанија, ни доаѓа пријатно изненадување во вид на „3:56 АМ“ – извонреден инди-денс бенд, а целината ќе ја дополни бендот во кој сите многу брзо и многу лесно се вљубија, скопските „Александар Велики“.
Централната сцена, популарно наречена Денсинг сала во МКЦ, ќе биде веројатно најлудиот подиум за танц годинава во Скопје. Директно од Британија доаѓа најновата андерграунд acid house сензација, луѓето што буквално ги искршија светските подиуми во последниве години, сировите но елегантни „Paranoid London“. Вистинска клупска атракција за оние што добро се разбираат во современата електронска денс сцена. Хитот на сезоната во Македонија, електронското дуо „Barum Barum“, ќе се претстави со настап во живо. Обрнете сериозно внимание на овие момци! Мирко Попов, Нино Наумов и Виолета Качакова се добро познати ПМГ-резиденти и токму тие ќе се погрижат атмосферата на главниот подиум да биде динамична во континуитет.
Интимната атмосфера на фоајето на „Кино Фросина“ знае да биде фантастично место за жур и токму затоа тука е предвиден мал диџеј стејџ, на кој ќе настапат неколку многу популарни и квалитетни имиња од скопската клупска сцена. Роботек, Дарко Јорданов, Бодан Јамакоски, Марко Рикалоски и Мис Илина Ангел се извонредно избалансиран спој на младост и искуство, кој ќе го задржи интересот на публиката до раните утрински часови.
На минатогодишното издание на фестивалот, продефилираа повеќе од 5.000 посетители, а тоа беше еден од најдобрите музички настани минатата година кај нас. Воопшто не би биле изненадени доколку и оваа година се повтори масовноста, а за квалитетот гарантираат искуството на организаторот и секако супериорноста на ангажираните музичари. На крајот, МКЦ Скопје е НАШАТА ИСКРА СВЕТЛИНА, ВО овие МРАЧНИ неКУЛТУРНИ ЛАВИРИНТИ НА МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО и не случајно овие релевантни настани се одржуваат под тој кров. Повелете В САБОТА да прославиме една возбудлива неКУЛТУРА.