PopUp Rating: 4,5/5
„Рокс“ е долгометражен игран филм на режисерката Сара Гаврон, а зад сценариото се потпишуваат Тереза Икоко и Клер Вилсон. Современото сценарио го претставува општествениот диверзитет во главниот град на Велика Британија. Исто така, филмот ја отвора темата за влијанието на менталното здравје и ја истакнува расната дискриминација, која сè уште тлее во британското општество.
https://www.youtube.com/watch?v=wTe592fANtM
Шола или попозната како Рокс е дел од мултикултурно друштво што го краси искреност, доверба и заедништво. Средношколките негуваат меѓусебна почит и не дозволуваат расните, етничките и религиските различности да бидат причина за нарушување на пријателските односи. Режисерката Гаврон ги користи цврстите карактери на квалитетно изградените ликови и младите девојки им делат вредни лекции за соживот на возрасните. Протагонистката и малиот Емануел несомнено се центарот на дејството, но претпазливиот и детален пристап при развојот на ликовите особено се забележува со незабележителната соученичка Агнес. Таа открива новинарски амбиции на училиште, а подоцна тајно презема иницијатива да пронајде решение за безизлезната ситуација на верната другарка. Динамичното темпо влијае публиката веднаш да оствари силна емпатична врска со главните ликови и да се надева на позитивен исход. Но, проблематичното патешествие на децата се продлабочува, а симболичен предвесник на емотивниот расплет е убавиот гест на кроткиот Емануел, кој ја ослободува својата жаба бидејќи миленичето било исцрпено од постојаните талкања по улиците.
Сеопфатното сценарио доаѓа до израз со прецизната монтажа и уредното времетраење од 93 минути, каде што се издвоени ударните точки што формираат одлична целина. Камерата на реномираната Елен Лувар автентично го доловува мрачното лице на Лондон. Таа употребува кратки статични кадри од илегалниот пазар, дотраените згради, а со крупни кадри ги лови безнадежните солзи на Рокс.
Актерската екипа е збир од новајлии, кои се фантастични во дебитантските улоги. Темпераментната Шола ја толкува Буки Бакреј, која демонстрира широк репертоар на емоции и целосно го оправдува прекарот Рокс – карпа. Таа има природна хемија со милиот Емануел (Данџело Кисиеду), кој експресно прираснува за срцата на гледачите. Сепак, ѕвезда на актерскиот состав е споредниот лик, Сумаја. Глумицата Косар Али е извонредна и блеска со уникатна енергија, борбен дух и привлечна харизма. Таа импресионира со секоја измината секунда на платното.
„Рокс“ е одлично филмско остварување, едно од најдобрите за минатата година. Искрена, урбана, забавна, комплетна драма за вистинското другарство и за чистата детска душа. Дополнително, „Рокс“ е исклучително значаен филм за режисерката Гаврон и за сценаристките Икоко и Вилсон, кои покажуваат дека женските автори заслужуваат поголема шанса и внимание. Тие вешто обработуваат актуелни социјални теми и испраќаат моќни критики до британските конзервативци. Возбудливото сценарио отскокнува од вообичаените драми, а незаборавните Шола, Емануел, Сумаја оставаат длабок печат и актерската игра на малолетниците е на завидно ниво. Ретки се филмовите што се гледаат во еден здив, а уште поретки тие што будат жед за повеќе. На филмот дефинитивно му следи долга и успешна фестивалска одисеја, а за почеток е номиниран во дури 15 категории на претстојното доделување на наградите за независен филм на Велика Британија.
Филип Мишов