Но, како што и самите ќе увидите од нашиот разговор долу, заедно со таа самоувереност доаѓа и одредена (шармантна) доза на мистицизам, која, пак, води до совршена доза автентичност и зрелост. Тоа што мене ме примами кај Реприза е фактот што, освен што прават музика, тие го учат (и практикуваат) и занаетот на storytelling; нивниот втор и последен сингл „Иста слика“, кој излезе во етер во декември 2020 година, е една комплексна, рефлексивна песна, богата колку на лирски толку и на музички план.
Кои сe и за кого прават музика Реприза?
Реприза се Мартин, Кико и Борче – тројца авантуристи што прават музика за секој што сака да патува со нив.
Каква музика прават Реприза?
Работиме на создавање уникатен стил, кој е комбинација од поп, рок, фанк и инди жанрот.
Од „Засукај ракави“, вашата прва авторска песна, до „Иста слика“, има очигледна уметничка и стилска промена…
Точно, разликата е повеќе од очигледна. „Засукај ракави“ е базирана врз едноставна мелодија, со цел слушателот да посвети повеќе внимание на текстот што носи многу јасна порака: како треба да гледаме на ова „парче земја што ни припаѓа нам“, како да се однесуваме спрема него и што да (не) правиме за да го зачуваме… додека во „Иста слика“ покажуваме артистички кои сме ние и во кој правец ќе се движиме понатаму.
Што значи ова? Што може да очекуваме од вашиот следен сингл?
Во наредниот сингл не се ограничуваме на една боја, очекувајте нешто ШАРЕНО! Како што кажавме, во „Иста слика“ сме вистинските ние – на тоа поле сме најпродуктивни.
Единствените ,,плодови“ од бендот излегоа во етер за време на пандемијата. Колку таа ја разбуди креативноста во вас? Каков беше креативниот процес?
Пандемијата – не. Но, рестрикциите ни овозможија да поминеме повеќе време сами со себе, па се разбуди желбата за нешто ново, нешто наше. Процесот на создавање е сосема спонтан, според нас не постои формула за создавање уметност. It comes and goes. Креативноста постоела во нас секогаш, но тој период ни даде време да ги сумираме нашите искуства, чувства, цели, спомени и да ги преточиме во парче музика. Пример дека нештата доаѓаат сами е создавањето на „Иста слика“; за време на случајна собиранка во парк, се роди темата на гитарата на Кико, неколку ноќи претходно и текстот на Мартин (меѓутоа со сосема друга мелодија, која даваше некој вајб на рап/R&B песна од 2000-тите)… па, кога заклучивме дека текстот заслужува подлабока музичка приказна, всушност споивме две песни во една.
„Иста слика“, вашиот последен сингл, е една комплексна, интимна приказна – текст што трпи анализа…
Секој стих од песната е многу конкретен: какви мисли нѐ мачат, кои се мислите што ни паѓаат на памет кога нештото што го посакуваме ни е истовремено и на дофат и далеку, во какви нереални ситуации се замислуваме плашејќи се… Една меланхолична приказна што започнува со патување низ процесот на создавање едно уметничко дело, се поставуваат реторички прашања, се потврдува мислата – борба преточена во зборови.
Видеоспотот за „Иста слика“, пак еден краток coming of age филм:
Апсолутно. Спотот дава само една варијанта од визуализацијата што човек може да ја направи читајќи го само текстот. Ликот во текот на целиот спот се бори со своите внатрешни чувства и мисли. Го сонува она од што најмногу се плаши. Стравот од губeње како еден од најчестите стравови, самообвинување или барање вина во другиот, слабост или сила. Многу човечки карактеристики (дури и контрастни) прикажани во само еден лик.
Неколку прашања за самиот видеоспот:
Што претставува сликата?
Сликата го симболизира најпосакуваното нешто за еден човек: тоа може да биде друга личност, предмет… просто кажано – нештото по кое мечтае. Нешто блиско и недостижно, далечно и допирливо.
Кој ја поместува од првичната позиција?
Стравот.
Со исправувањето на сликата…
…ликот го победува стравот и се соочува со (можеби за него болна) вистина.
Сѐ уште сте ја немале шансата да го претставите вашиот материјал во живо. Која е првата сцена на која сакате да се „качите“?
– Каде што има многу публика. Д Фест?
Трагајќи по канвас, сфатив
е безвреден, ако
Твоја трага нема на него („Иста слика“, Реприза)
Ова е мојот омилен стих од вашиот последен сингл, па ајде, интерпретирајте ми го. Дали, како уметници, преку творењето ја оставате вашата трага?
Ние ќе оставиме по една цртичка, точка, а вам ви препуштаме дали ќе нѐ препознаете. Никој не сака да гледа во празен канвас.
Албум или сингл?
Албум.
Spotify или good old youtube ера?
Spotify.
А, би создавале ли музика во некоја друга ера?
Само во оваа. Да создадеме ера.
Денес македонската музичка сцена ја одржуваат во живот:
Сите ЖИВИ музичари на македонската музичка сцена. 🙂
А, македонски артисти што го имале најголемото влијание врз вашата музика се…
Секој македонски артист ни влијаел на нешто, не би можеле да одредиме кој за што.
Најдобриот концерт/свирка/фестивал на кој сте присуствувале е…
Meet Prespa 2019.
Кога би можеле да живеете во филм, тоа би било во….
Матрикс.
Последната песна која ја слушавте е…
Fiction – Дали знае
The Monx – Губи се
Jacob Collier ft. Mahalia: All I Need.
Опишете го секој член од бендот со еден збор…
Мартин – стар
Борче – доктор
Кико – мангуп
Kако млади музичари, најдобриот совет што некој ви го дал е…
Зададете си ја својата цел.
А, најдобриот совет што може да го дадете на млади музичари е…
Свирете, пејте и љубете.
Миа Милошеска
фото: Гоце Лалковски