Овој четврток (17 јануари), МКЦ по седми пат нè кани на “Роденден” со голем настан во склоп на кој ќе имаме можност да присуствуваме на неколку случувања. “Роденден” започнува во 18 часот во Детскиот креативен центар со изложбата на фигури од пластелин на 9-годишниот Максим Цветановски и работилницата за деца со Доротеј Нешовски. Истовремено, во Џебното кино започнува филмскиот маратон во рамките на кој можат да се видат незаборавните остварувања: Call Me by Your Name (2017), Song to Song (2017), Lost in Translation (2003) и Casablanca (1942).
Големо роденденско изненадување е враќањето на Музејот на раскинати врски пред македонската публика, по цели 11 години. На оваа изложба ќе можеме да ѕирнеме во интимата на луѓе од разни краеви на светот, кои одлучиле да се збогуваат со својата поранешна љубов, ослободувајќи се и од некој предмет кој што силно ги потсетува на неа.
Во 20:30, во Кино Фросина ќе се случи и промоцијата на книгата „Радио“ на Љупчо Јолевски, еден од бардовите на македонското новинарство. Ова импозантно дело кое брои повеќе од 700 страници интегрира голем дел од интервјуата коишто авторот ги остварил со врвни имиња од македонската културна сцена во последните 5 години направени за Радио Слободна Европа.
Во 21:30 во салата 25 Мај, на сцена ги гледаме и слушаме Matej Foltz, Pluto’s Doubts, JUNE (ЏУН) како и Igralom од Србија. Од 22 часот во горното фоаје следува поетскиот перформанс „Песнило“, а од 23 часот во бифето на МКЦ најавен е диџејскиот пар Violeta Kachakova & Mirko Popov со „музика за раскинување“.
Се гледаме на Роденден, овој четврток во МКЦ 😊