Иако се сметал како предводник на поп-артот, Индијана се разликувал од своите врсници преку ангажирањето за важни социјални и политички прашања и вметнувањето длабоки историски и книжевни референци во неговите дела.
Како што кажува насловот, „The Green Diamond Eat/The Red Diamond Die“ е дело од 1962 година, кое се состои од два насликани панели во форма на дијамант, наменети да бидат обесени еден покрај друг. Но првиот, на зелена заднина е поставен црвен круг што го содржи зборот „ЈАДИ“ со зелени букви. Вториот панел прикажува црн круг со зборот „УМРИ“ со жолти букви поставени на црвена позадина.
Зборовите многу влијаат во работата на Индијана; на почетокот на својата кариера, тој користел зборови од три или четири букви со кои давал моќни изјави. Неговите наредби тука се директни команди до гледачот, иако тие нè упатуваат да извршуваме природни и неопходни дејства. Изборот на кругови и дијамантски форми бил прашање на практичност, бидејќи кругот убаво се вклопува во рамките на квадрат или дијамант. Кругот, исто така, обезбедува визуелно пријатна форма на која може да се постави текст, или едноставни зборови со неколку букви, или пак, подолги зборови позиционирани околу кривината на кругот, како што можат да се сретнат во други дела. Едноставноста на овие форми позајмува од принципите на графичкиот дизајн кога станува збор за создавање икони што лесно се дешифрираат и гледачот може да ги разбере на прв поглед.
Можеби најпознатото дело на Индијана „ЉУБОВ“ е скулптура од голем размер, поставена во центарот на Менхетен. Станува збор за едноставно дело. Зборот „LOVE“ е нареден во два реда со „L“ и „O“ поставени над „V“ и „E.“ „О“ создава разиграност, комплементирана од основните бои на сликата што ја покрива нејзината површина. Употребата на црвена боја за надворешните страни на буквите и сината боја за внатрешноста, создаваат високо видлив и лесно читлив аранжман.
Индијана започнал да ја истражува темата „ЉУБОВ“ во 60-тите години на минатиот век, работејќи прво на платно, а потоа во скулпторска форма. Тој го избрал овој збор поради неговото значење, но и под влијание на детските искуства од проучувањето на христијанската наука. Без разлика дали некој ја толкува љубовта како глагол, именка или императивна наредба, нема двосмисленост во значењето на овој збор. Оваа едноставност на пораката, во пар со нејзината едноставна композиција, претставува одлична комбинација за креирање на ова препознатливо дело во областа на скулптурата и графичкиот дизајн. Иако ова дело ѝ претходи на Генерацијата на љубовта и децата на цвеќето, Индијана го заробил духот на шеесеттите во еден збор. Кога Џон Ленон, разгледувајќи ја изложбата од оваа серија, искоментирал дека „сè што ти треба е љубов“ (all you need is love), тој ѝ дал уште поголема сила на оваа изјава, трансформирајќи ја во хитот на „Битлси“. Така, со својата лесно разбирлива, универзална порака, претставена во јасна, рационализирана графика, LOVE стана читлив и визуелно привлечен уникат.
Делата „LOVE“, вклучително и оваа скулптура, се можеби најзначајните за Индијана, бидејќи тие ја дефинираа неговата кариера, привлекувајќи го вниманието и на светот на уметноста и на јавноста. Во 1965 година му било нарачано да направи уше една верзија на „LOVE“ што ќе стане најпопуларна и најпрофитабилна божиќна честитка во Музејот на модерна уметност; во 1973 година, американската пошта ќе објави марка со овој мотив за Денот на вљубените, а сликата ќе стане меѓународно позната. Станува збор за една од многуте големи скулптури инсталирани на јавни простори низ целиот свет. LOVE исто како има и вознемирувачка конотација затоа што уметникот не успеал да обезбеди авторски права, а сликата се продаваше на комерцијални предмети какви што се облека, чаши и чанти над кои уметникот немал контрола.
Драган А.