Мислам дека не. Најнов во низата успешни македонски филмски остварувања е краткиот игран филм „Северен Пол“ на режисерката и сценаристка Марија Апчевска-Петровска во продукција на „Кино око“.
Филмот е селектиран во Официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал и ќе се натпреварува за наградата Златна палма за најдобар краток филм. „Северен Пол“ е сниман на супер 16 мм филмска лента на локации во Скопје и во Македонска Каменица. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Во време кога на светската кинематографија почнува да ѝ се случува еден вид освестување или будење од долгиот сон за големината на женската режија и, воопшто, женската перспектива во филмот, Марија Апчевска-Петровска со својата работа (и онаа претходната со „Бардо“ и „Амби“) успеа да стави уште едно значајно делче во сложувалката и да добие ваква голема потврда за трудот и талентот.
Откако одекна веста за влезот на „Северен Пол“ во селекцијата за „Златна палма“ на Кан, филмските страсти во Македонија се повторно разгорени и возбудата меѓу љубителите на седмата уметност е повеќе од присутна. Како ти го доживуваш овој успех, може ли брзо да се срасне со фактот дека имаш „плод“ зрел за Кан?
Да се биде дел од ваква престижна селекција е огромно задоволство. Многу се радувам за сè она што се случува во нашата кинематографија и за мојот моментален придонес кон неа. Секако се чувствувам горда и сум бескрајно благодарна. Веројатно тој избор сам по себе претставува потврда за квалитетот на едно дело и награда за целиот труд и посветеност, мои и на целата екипа и сите што го поддржале филмот. Она за што најмногу размислувам е фактот дека е тоа избор што дава храброст, мотив и енергија за понатамошни предизвици.
Секогаш е тешко од прво лице да се погледнат субјективните црти на нечиј професионален развој, но, сепак, можеш ли да ни доловиш како течеше твојот развоен пат од „Бардо“, преку „Амби“, па досега, до оваа ѕвездена попатна станица на „Северен Пол“? Како се бориш со недоумиците, можеби падот на самодовербата, препреките?
Препреки секогаш имало и ќе има. Тоа е нормално, процесот на создавање филм или некое друго уметничко дело ретко е лесен. За мене отсекогаш најважни биле љубовта, искреноста и посветеноста со која се пристапува кон тоа создавање. Тоа е мојот начин на работа на кој било проект и она што им е заедничко на „Бардо“, „Амби“, „Северен Пол“ и оние што следуваат. Инаку, со секој нов проект почнуваш одново. Секако дополнително низ годините, учиш и созреваш, и како автор и како човек. Се обидувам будно да следам што се случува во светската кинематографија, се навраќам на она што е создадено во минатото и уживам во процесот на учење, кој никогаш не завршува.
Освен предизвикувачките пандемиски услови во кои се одвиваше снимањето на „Северен Пол“, што друго го обележа креативниот процес на создавањето на овој филм?
Почетоците на креативниот процес на „Северен Пол“ ги одбележа European Short Pitch 2019, каде што сценариото беше едно од 16-те избрани за развој и каде што освоивме една од наградите. Таму се запознавме и со нашиот копродуцент од Србија, со кого остваривме одлична соработка. Добивме поддршка од нивниот филмски центар и секако главната поддршка од нашата агенција за филм. Следеше поддршката од тимот што стои зад филмот, како и консултациите со други колеги, особено во делот за снимање на филмска лента, што беше и еден од најголемите предизвици. Имавме и одложување на снимањето од цела една година поради временски услови на кои се надоврза и пандемијата со ковид-19. Снимањето се одвиваше по ковид-протокол, временските услови повторно не беа на наша страна, но успешно се справивме со долги подготовки, добра координација и дисциплина.
Бидејќи се јавуваш во улога на режисерка и сценаристка, тогаш нема посоодветен човек кој може да одговори на прашањето: Каква е сржта и пораката на филмот?
Приказната на „Северен Пол“ е приказна за прифаќање, изолација и припаѓање. Некако природно ми доаѓаат тие теми и кога создавам нешто мое и кога бирам книга за читање или филм за гледање. Сакам да гледам и да создавам дела, чија порака не е црно-бела. Поточно кажано, сакам филмови што на публиката ѝ отвораат повеќе прашање отколку што ѝ нудат одговори. Се надевам дека и „Северен Пол“ е тука некаде и со нетрпение ја очекувам премиерата и реакциите.
Што е следно за тебе, на што работиш во моментов и што да очекуваме во иднина?
Во моментов работам на неколку интересни проекти, од кои најголем предизвик ми претставува дебитантскиот игран филм што го развивам, „Пролетно чистење“. Тоа е проект селектиран на програмата за развој LIM Less is More 2021 и за кој во моментов постои можност да биде исто така претставен за време на Канскиот фестивал, на форум каде што се претставуваат идните проекти на режисерите во компетиција. Во моментов исто така работам и на еден документарен омнибус филм, заедно со уште неколку македонски режисери.
Јосип Коцев
фотографии: Ѓорѓи Клинчаров