Софија Копола
Софија Копола потекнува од добро познатото филмско семејство, па од неа се очекувале големи нешта. Најпрво се обидела да глуми, но откако се соочила со остри критики по нејзината улога во третиот дел на „Кум“, режиран од татко ѝ, Софија се откажала од актерството. Потоа почнала да режира и зад неа веќе стојат филмовите: „The Virgin Suicides“, „Marie Antoinette“, „The Bling Ring“, „Beguiled“, „Somewhere“… Нејзиниот филм „Изгубени во преводот“ (Lost in Translation) се смета за уметничко дело поради прекрасната употреба на поимите за време и тишина за да се портретираат осаменоста и изолацијата во една романтична врска. Овој филм ѝ донесе четири номинации за Оскар. Копола е многу гласна во врска со сексизмот присутен во Холивуд. Таа беше изложена на остри критики поради привилегираниот статус што ѝ го носи презимето, но оваа омраза и негативност воопшто не ја спречија да создаде прекрасни и естетски врвни уметнички филмови. Иако е дел од славно семејство, Софија Копола се избори за својата препознатливост преку оригиналниот режисерски стил. Нејзините филмови поседуваат силен емоционален набој и меланхолија. Сцените што наликуваат на сон се клучен дел од нејзината филмска естетика, која исто така ја нагласува женската убавина и минливоста на човечкиот живот.
Ава ДуВернеј
Ава ДуВернeј беше oгромна инспирација за жените, особено за црнкинките низ целиот свет поради нејзиниот извонреден придонес во филмот. Таа не само што беше првата црна жена номинирана за Златен глобус и за Оскар за нејзиниот филм „Селма“, туку и прва црнкинка што ја освои наградата на филмскиот фестивал Санденс за него. ДуВернеј, чиј филм „Селма“ се темели на приказните што имала можност да ги слушне од својот татко, сведок за протестите на Афроамериканците во 1965 година за нивното уставно право на глас, отсекогаш се впуштала во снимање филмови со остра социјална проблематика. Како остра критичарка на постојниот системски расизам и угнетување, ДуВернеј никогаш не бегала од размислување за контроверзни теми.
Филмовите како „13-ти“ и „Кога ќе нè видат“, фрлаат иновативна светлина врз дехуманизацијата што продолжува да постои и покрај сите апели за поголема свесност. Нејзините филмови го документираат нејзиниот бес што честопати се потврдува преку правењето филмови во документаристички стил. ДуВернеј е смела и храбра режисерка, која ги портретира црните протагонисти што се соочуваат со својата тага додека се борат со маргинализацијата. Нејзините дела се информативни и историски прецизни. ДуВернеј никогаш не правела филмови во согласност со белиот сензибилитет. Таа честопати го критикува затворскиот систем, истовремено истакнувајќи ја работата на уметниците и на уметничките гласови.
Селин Шјама
Селин Шjама гласно ги прокламира своите феминистички погледи и е една од основачките на француското здружение 5050, кое се залага за родова еднаквост во филмот. Кога треба, таа е дрска и не се двоуми да ги изложи своите противења на сексизмот и на мизогинијата присутни во француската филмска индустрија. Шjaма го предизвикува и превртува машкиот поглед на женската сексуалност со прикажување хомоеротични и хомосоцијални приказни, кои ја документираат интензивната женска страст во филмот. Таа ги смета Вирџинија Вулф и Шантел Акерман за моќни жени, а Дејвид Линч е нејзината инспирација во создавањето филмови. Позната е по кастингот на непрофесионални актери, а често присутна хероина во филмовите е и нејзината поранешна љубовница Адел Хенел. Филмовите на Селин Шjама се одраз на нејзината бестрашна природа, често обработувајќи теми за жени од реалниот живот, кои ги истражуваат своите идентитети на родово и на сексуално ниво. Шjама користи стилизирана кинематографија и нежна музика и со тоа ги засилува емоционалните подеми на филмот. Сосема сигурно може да се каже дека нејзината феминистичка сензибилност ги турка напред нејзините идеи и вредности. Минатата година таа покажа солидарност со жртвите и изрази згрозеност од ноншалантноста со која Француската филмска академија му ја додели наградата за најдобар филм на Роман Полански, режисерот обвинет за силување малолетничка. Таа и Хенел јавно ја напуштија церемонијата на доделувањето на наградите. Нејзините четири филма веќе се брилијантен приказ на феминистичкото филмско творештво. Дебитантскиот филм „Water Lillies“ беше проследен од „Tomboy“ и „Girlhood“, а во 2019 година Шјама го претстави филмот „Портрет на дамата во огнот“, што ѝ донесе награда за најдобро сценарио на Канскиот филмски фестивал.
Драган А.