Наградите Греми ги бие лош глас и поради родова и етничка нееднаквост: конфликт што, како што може да видите подолу, годинава очигледно пробаа да го избегнат.
Во музичката индустрија владее чист социјализам за етаблираните и за ветераните:
Socialism states that you owe me something simply because I exist.
И исфорсирано алтруистички и арбитрарен капитализам за новодојденците:
Capitalism, by contrast, results in a sort of reality-forced altruism. 63-тото издание на наградите Греми се состоеше од лепеза релевантни настапи, урнати рекорди и контроверзни резултати. Еве што мене ми остави најголем впечаток:
Што се случи со Dua Lipa и Taylor Swift?
Објективно гледано, можеме да се сложиме дека доминанти артисти годинава, на глобално ниво, беа Taylor Swift, Dua Lipa и The Weeknd.
Соодветно на тоа, овогодишните предвидувања беа дека Taylor и Dua ќе го земат мнозинството награди. Но, при избегнувањето на сексизмот, комисијата се погрижила да не биде обвинета ни за фаворитизам: секој од артистите (исклучувајќи ги Beyonce и Megan Thee Stallion), вклучувајќи ги и Таylor и Dua, си заминаа дома со само една награда.
Aлбумот „Folklore“ на Taylor Swift беше од револуционерен карактер не само за свет тазе влезен во пандемиска шема, туку и за Taylor Swift како артист. Според мене, сосема заслужено, Taylor ја зеде наградата „Aлбум на годината“.
Нејзиниот настап, совршено ја oтслика таа cottage core естетика, која доминираше во албумот и во неговото промо; таа изведе медли од Cardigan/August/Willow во магичен и симпатично минималистички сетап.
Лично, многу ми се допадна што на настапот ѝ се придружија и продуцентите на албумот, Ааron Dessner и Јаck Antonoff, како еднакво важни во проектот Folklore/Evermore.
Албумот на Dua, пак, „Future Nostalgia“, беше првиот албум издаден за време на пандемијата. Како диско-ера албум, чија цел беше да нѐ разведри и разигра во деновите во кои бевме затворени во четири ѕида, Dua Lipa не ја освои главната награда за „Албум на годината“, туку таа за „Албум на годината од поп-артист“.
Нејзиниот настап, пак, беше визуелно разочарувачки. Додека настапот на Taylor беше доволно минималистички за да се усогласи со сиромашната продукција, сценографијата на оној на Dua Lipa изгледаше исфорсирано и сиромашно.
Но, барем Dua конечно ни покажа дека изградила доволно добра координација и ритам и станала солидна танчарка: сега е официјално успешен, сестран поп entertainer… со 3 награди Греми 🙂
Beyonce доби награда за…?
Не знам за вас, но во мојот свет, Beyonce немаше никаква улога (па ни камео) во 2020 година. Сепак, како на ветеран, нечија должност била таа да добие дури четири награди оваа година:
Најдобар R&B настап за Black Parade.
„Спот на годината“ за Brown Skin Girl — Beyoncе, Saint Jhn & Wizkid и Blue Ivy Carter, што ја прави Blue Ivy Carter, ќерката на Jay Z и Beyonce, вториот најмлад добитник на награда.
„Најдобар рап настап“ и „Најдобра рап песна“ за дуетот „Savage“ со Megan Thee Stallion.
Идејата за наградите Греми организирани за време на пандемија, очигледно не била доволно плодна за добар наслов, па одлучиле да ја искористат шансата да ја промовираат Beyonce како најнаградувана жена во историјата на Греми, со 28 освоени награди.
Billie Eilish, како и секогаш скромна.
Во категоријата „Издание на годината“, како најперспективни беа номинирани:
Doja Cat со „Say so“,
Billie Eilish со „Everything I wanted“
Dua Lipa со „Don’t Start Now“ и
Меgan Thee Stallion со „Savage“.
Наградата ја освои Billie, која ја прими полна разочарување што Meghan Thee Stalion не била на нејзино место. Според неа, таа имала „неповторлива година“.
Ова е шестата награда Греми на Billie Eilish (и Finneas). Billie има 19 години и 6 макотрпно заработени награди Греми.
Blue Ivy има 9 и е вториот најмлад изведувач што некогаш освоил награда Греми. Вредностите што ги претставува Греми како институција јасно се гледаат преку тоа чиј успех одлучуваат маркетиншки да го акцентираат.
Bruno Mars & Anderson .Paak и „Leave the Door Open“
Годинава, 90-тите ги има Dua, 80-тите Weekend, 70-тите – Silk Sonic.
Silk Sonic, инаку, е нов проект на Bruno Mars и Аnderson .Paak. Доволно нов за Bruno Mars јавно да ги моли Греми да го „пикнат“ во репертоарот во 5 до 12, шегувајќи се дека е невработен артист, кому очајно му е потребна свирка.
Настапот беше идеален, со костимографија како во спот од „Jackson 5“, ѕвездено небо и vintage филтер.
https://www.youtube.com/watch?v=M-mpDrPBnTY
Песна на годината е некоја си „I can’t breathe“?
Наградата за песна на годината ја доби песната „I Can’t Breathe“ од H.E.R. Тука веќе се става под знак прашалник критериумот според кој комисијата гласа – субјективни преференции, објективни статистики или добар пи-ар?
Песната е посветена на движењето „Black Lives Matter“, што прави да се запрашам во намерите и заднината на комисијата (бркање поени за политичка коректност?)
А, и ако погледнете наназад низ годините, очигледно е дека H.E.R има исклучително цврсти врски во музичката индустрија, кои ѝ гарантираат, ако ништо друго, барем позиција во листата номинации.
Друго:
Fiona Apple ја освои наградата за најдобар алтернативен албум за „Fetch the Bolt Cutters“… Наводно, таа го преспала моментот, затоа што, искрено, не ѝ било гајле.
Harry Styles ја отвори церемонијата со нов аранжман на „Watermelon Sugar“ (за која и го освои своето прво Греми за најдобар соло-настап), облечен во црн, кожен костум. Неговиот настап беше меѓу најдобрите, најприродните и најавтентичните.
„Тhe Strokes“ ја освоија својата прва награда Греми за рок-албум на годината со „The New Abnormal“… и, иронично, новата абнормалност им возврати со технички проблеми, прекин на стримот и звукот.
Lady Gaga и Ariana Grande не ни покажаа ништо ново со нивниот излитен настап на „Rain on Me“, која освои награда за најдобар поп дуо/групен настап.
Сѐ на сѐ
Наградите Греми не понудија ништо ново оваа 2021 година. И покрај евидентниот труд, никому не се искупија и не успеаја да ја придобијат назад почитта од фановите, музичарите и работниците на музичката индустрија.
Следната година, си ветувам дека нема да правам осврт на наградите Греми.
Миа Милошеска