PopUp Rating: 4/5
Младите дами поминуваат сè повеќе време заедно додека сликарката се обидува да ги улови контурите од лицето на привлечната Елоиз, а нивните погледи добиваат неочекувана копнежлива страсна димензија…
„Портрет на дамата во огнот“ е долгометражен игран филм на француската сценаристка и режисерка Селин Сијама. Авторката на победничкото сценарио од минатогодишното издание на престижниот Кански филмски фестивал се осврнува на безвременската макотрпна битка на понежниот пол за човековите права, а таа пренесува моќна порака во филмското дело каде што доминира бројот на жени пред и зад објективот на кинематограферката Клер Матон.
Воведот во животните приказни и зачетокот на љубовната авантура на протагонистките е неуверлива и недоволна увертира за фантастичната кулминација и епилог. Режисерката сувопарно и нетрпеливо ита и избрзано го претставува запознавањето на Мариен и Елоиз. Веднаш се чувствува огромна разлика од темпото што го одбележува почетокот, па сè до пукнатините од зовриените страсни искри кај младите дами.
За среќа, некохерентноста во поглед на дејството не остава преголем белег и до израз повеќе доаѓа креативноста на Сијама. Таа перфекционистички внимава на деталите и прецизно вметнува симболика. Доследно, ликовната уметница ја слика Елоиз со нежни движења на четката по платното, како пердувесто да ја допира и гали по телото. Исто така, звуците на разбрануваниот океан и пламените јазли ја отсликуваат жестоката привлечност и сексуална тензија. Дијалозите се исполнети со длабоки мисли за правото на избор, слобода, еднаквост, а највпечатливата сцена (куќната помошничка ја прекинува својата бременост додека бебе ја држи нејзината рака) го содржи и абортусот.
Визијата на режисерката е кристално јасна, таа се труди да прикаже помалку за да изнуди повеќе. Отмената облека на актерките го покрива целото тело, освен ерогените зони околу вратот, клучната коска, а притоа косите на речиси сите жени се фатени во коњско опавче. Директорката на фотографија вешто ѝ помага на Сијама да ја исполни зацртаната замисла со крупните кадри од многубројните неиспитани погледи помеѓу Мариен и Елоиз и од градите на помошничката Софи.
Малиот број актерки им дава голема шанса на избраничките да се истакнат во улогите. Ноеми Мерлан ја игра сликарката со специфичен жар во очите, а Адел Енел е угнетената млада девојка заробена во судбината на сестра си. Тие развиваат силна хемија и неиздржлива сексуална фрустрација која допира до публиката, а притоа фантастични се една кон друга во невербалната комуникација со жешки погледи. Мајката на Елоиз т.е. холивудската глумица Валерија Голино ја претставува искусната нишка во актерската игра.
Филмското остварување на режисерката Селин е лекција за маестрален приказ на моќна емоција и сирова страст без експлицитна голотија, а уметноста, црвеното вино и францускиот јазик создаваат романтична атмосфера. Иако „Портрет на дамата во огнот“ содржи недостатоци, пред сè во недостатокот на остроумна монтажа, преовладува позитивниот впечаток. Победникот на Палмата во категоријата „Квир“ отвора актуелни теми за правата на жените и ЛГБТ-заедницата. Агресивната класична музика на Антонио Вивалди совршено е вметната во ударните сцени полни со бурни емоции, а убавите реплики лесно се врежуваат во меморијата и оставаат длабоки лузни врз публиката.
“Don’t regret, remember.”
Филип Мишов