„Изложбата насловена ‘Релапс’, е сложена целина составена од неколку серии слики во различни формати кои на интересен начин се испреплетуваат на галериските ѕидови, но особено преку специфичното фрагментирање во каталогот. Иван Ивановски поставува едно клучно прашање за позицијата на човекот во урбаната средина, како маргинален елемент, за дезориентацијата, за обидите да се разбере времето во постисториската сегашност. И секако за аналогната слика во дигиталниот свет, која се спротивставува на својата одамна најавена смрт, и е во активна релација со други слики, асоцијативно градејќи јазик кој ја прави видлива нашата дехуманизација, но истовремено и се спротивставува преку психоделична разиграност на елементите“ – Владимир Јанчевски, Фрагмент
Иван Ивановски (1983, Скопје) работи скулптури, цртежи, инсталации, слики , видео, филм и анимација. Дипломирал на отсек вајарство на Ф.Л.У. Скопје, а студирал и на Академски програм за режија на Ф.А.М.У., Р. Чешка. Има реализирано 17 индивидуални (Скопје, Куманово, Гевгелија, Њујорк, Љубљана, Берлин…) и повеќе групни изложби меѓу кои и – Биенале на млади уметници од светот (WEYA) , NewArt Exchange (Нотингем, Англија, 2012), Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот (Рим, Италија, 2011), Фестивал за визуелни уметности и независен филм 4 синхронизирани градови (Приштина, Амстердам, Сараево, Скопје, 2010), PROJECT(OR) ART FAIR – платформа за современи уметнички простори (Ротердам, 2007), IndependentDrawingGig (IDG) Vol. 2, Музеј на современа уметност, (Скопје, 2006) и многу други во земјава и странство.Автор е на скулптурите „Луѓе-птици“ во Градскиот парк. Неговите анимирани филмови се претставени на различни регионални и интернационални филмски фестивали. Во моментот работи на неговиот петти краток анимиран филм – Јадица. Во 2014 година ја добил наградата за млад ликовен уметник „Денес“ која ја доделува Центарот за современи уметности од Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско опшество од Њујорк.