Токму тоа е главната премиса на серијата „Раздвојување“ (Severance) на авторите Бен Стилер и Ден Ериксон. Вработените во корпорацијата „Лумон“ доброволно се подложуваат на оперативната процедура наречена раздвојување (severance) со вградување на револуционерен иновативен чип во мозокот со којшто се прави строга поделба на свеста за нивниот професионален од приватниот живот. Кога се на работа не се сеќаваат кои се приватно, со какви проблеми се соочуваат во својот надворешен живот, кои им се роднини и пријатели, какво хоби имаат, дали имаат домашно милениче, како им се викаат партнерите, дали се заљубени, во брак или сингл. Кога се дома, го знаат само името на компанијата во која работат, но не се сеќаваат што работат, кои им се колеги, како им се вика шефот или како им изгледа канцеларијата.
Во „Раздвојување“ следиме два паралелни света кои навидум се потполно изолирани еден од друг. Првиот е светот на професионалното во кој „одвоениот“ Марк (Адам Скот) работи заедно со колегите Ирвин (Џон Туртуро), Дилан (Зак Чери) и новодојдената Хели Ар (Брит Лоуер). Долги, бели и стерилни, недогледни ходници, чудни полупразни, минималистички уредени канцеларии, бескрајно прави агли и лифтови во кои се менува свесноста меѓу личното и професионалното – тоа е, во кратки црти, ентериерот во кој работи тимот од Микроаналитика. Хели никако не може да ја прифати одлуката донесена од нејзината надворешна верзија да биде заглавена во канцеларискиот простор на „Лумон“ и постојано бара начин да излезе. Марк е единствениот лик во чиј надворешен живот имаме увид од самиот почеток на серијата, па така брзо заклучуваме дека неговата одлука да се подложи на „раздвојување“ е донесена со цел да ја заборави болката по смртта на неговата сопруга. Тој започнува да го преиспитува својот подвоен канцелариски живот откако доскорашниот колега Пити еден ден нема да се појави на работа, а претпоставениот Милчик (Трамел Тилман) ќе им соопшти дека Пити повеќе нема да доаѓа затоа што му е одобрено барањето за отказ. Се разбира, никако не смееме да го заборавиме и ликот на фанатичната надредена Хармони Кобел (Патриша Аркет) која се чини дека го има клучот на загатката наречена Лумон. Вториот свет е надворешниот или приватниот живот на Марк, во кој ги среќаваме чудната сосетка, неговата бремена сестра и нејзиниот партнер, но и колегата од работа, Пити. Дознаваме дека Пити успеал да се реинтегрира (да го отстрани чипот), односно да се врати назад во реалниот живот и сега се обидува да го контактира Марк за да му предочи дека нештата во Лумон не се толку безопасни колку што изгледаат и дека е дел од поголема игра.
„Раздвојување“ е вешта сатира за недостатоците на корпоративниот капитализам. Поделениот работник има чувство дека е постојано на работа бидејќи не може да се сети на ништо друго освен на светот меѓу канцелариските ѕидови. Работниците не знаат какви се крајните ефекти од нивната работа (можеби кликајќи на тастатурите убиваат луѓе), тие едноставно ги вршат операциите на своите уреди и никој не може да знае каква е целта на сето тоа. Тие дури не знаат ни кои и какви други оддели постојат во корпорацијата (освен одделот Оптика и дизајн во којшто работи Барт, улога што му е доделена на легендарниот Кристофер Вокен). За работата на работникот во Лумон одлучува друг арбитер – неговото надворешно „јас“ (outie) за кое тој ништо не знае освен тоа дека го делат истото тело. И токму телото е единственото оружје со кое внатрешното „јас“ (innie – работникот) располага во борбата со неговата надворешна верзија. Единственото зло што може да му го направи е да му наштети на телото што го делат.
Постепено дистопијата започнува да се шири и надвор од зградата на Лумон, па така во понатамошниот тек на серијата ќе дознаеме дека веќе се заговара поширока употреба на постапката на разделување и нејзино официјализирање на државно ниво. Сето тоа е пресретнато од отпор што креира немири и поларизација во општеството (нешто што веројатно ќе го видиме во поголеми размери во текот на втората сезона).
Особено вознемирувачка е димензијата на фанатизам во корпоративната структура на Луман. Нејзиниот основач Кир Иган ја основал пред стотина година и наметнал кодекс кој звучи како света книга подложна на своеволни интерпретации од страна на надлежните. Тој создал култ со строги правила кои мора да се почитуваат (инаку, вработените ги очекува непожелното патување во т.н соба за одмор). Бидејќи за секој сторен грев следува неминовна казна. Со тоа, серијата се занимава со уште едно комплексно прашање што само му додава дополнителна привлечност на целото сценарио и нè тера да се прашуваме што е следно.
Гардијан ја оцени оваа серија со највисока оцена, а Американскиот филмски институт ја прогласи за една од најдобрите телевизиски серии за 2022 година. Втората сезона започна да се снима во октомври минатата година, а снимањето е предвидено да заврши во мај 2023. Останува стрпливо да ги поминеме деновите во нашата внатрешна innie 9 до 5 рутина, и во рамките на нашиот outie надворешен свет да видиме како ќе се расплетка мистеријата во втората сезона на „Раздвојување“.
Јосип Коцев