На пример, остракизмот, екскомуникацијата, јавното засрамување и исклучување се древни форми на социјална контрола. Во изминативе години идејата дека некоја личност може да биде „откажана“ – со други зборови, културолошки блокирана или оневозможена да развива кариера или каква било своја платформа – се претвори во терен со поделени мислења. Културата на откажување започнува оној момент кога одредена славна или јавна личност ќе направи или ќе каже нешто навредливо. Потоа следува јавната стигматизација, која во голема мера е разгорена од социјалните медиуми. Третата етапа е т.н. „повик за откажување на личноста“, со цел таа да се казни или да ѝ се уништи кариерата преку бојкот на нејзините активности или, пак, преку отпуштање од работа.
Најпрепознатливите примери за „откажување“ се појавија во т.н. „Me Too“ ера, во која повеќето мажи што се соочија со обвиненија за сексуална злоупотреба на жени, сега трпат долгорочни последици. Мора да се каже дека има и примери на обратен ефект, односно зголемена популарност на славните личности што на некој начин биле допрени од „културата на откажувањето“. Така, по емитувањето на документарните филмови со жестоки обвинувања за сексуални напади за Ар Кели и Мајкл Џексон, стримовите на нивната музика наместо да се намалат, забележале зголемување. Се разбира, има и такви што откажувањето ги чинеше буквално сè што поседуваат, а тука ќе ги спомнеме добропознатите „откажани комичари“ во САД – Си Кеј и Розен Бар.
Некои славни личности, чии престапи вклучуваат силување и сексуална злоупотреба, какви што се Харви Вајнстин, Бил Козби и Кевин Спејси, се веќе успешно „откажани“. Розен Бар, која го изгуби своето ТВ-шоу по еден расистички твит, се соочи со непоправлива штета по кариерата. Неодамна и авторката на Хари Потер, Џ.К. Роулинг, ги разочара многубројните фанови на омилениот магионичар со нејзиниот трансфобичен твит, соочувајќи се со истурање невиден бес, по што таа долго време не се врати на оваа социјална мрежа. Имено, таа напиша дека би сакала транс-жените да бидат безбедни, но дека е загрижена за безбедноста на „девојките што се родени како девојки“ во јавните тоалети и во соблекувалните.
Логично, се поставуваат многу прашања во врска со културата на откажување, од тоа дали таа е легитимна алатка за воспоставување на нарушената социјална правда или ограничување на слободата на говор. Во јули годинава, списанието „Харперс“ објави отворено писмо потпишано од 153 писатели и академици, меѓу кои и Салман Ружди, Ноам Чомски, Малколм Гладвел и Маргарет Етвуд. Во ова отворено писмо тие предупредуваат за напорот да се ослабат нормите за отворено дебатирање. Според авторите, поставувањето граници во слободата на говор е опасно и создава атмосфера на параноја, која ги плаши луѓето да ги споделуваат своите гледишта, под закана дека ќе бидат отпуштени од работа.
Во писмото се изразува загриженост во врска со „нетолеранцијата на спротивставените ставови“ и „јавното засрамување и остракизмот“ насочени кон оние што ги оспоруваат либералните идеи. Според авторите, овој феномен „ги стеснува границите на она што може да се каже без закана од одмазда“.
„Сега е премногу вообичаено да се слушаат повици за брза и сериозна одмазда како одговор на она што се смета за престап во говорот и мислата“, се наведува во писмото. „Уште повознемирувачки е тоа што институционалните лидери, во духот на паничната контрола врз штетите, изрекуваат избрзани и непропорционални казни наместо да разгледуваат реформи…“
Авторите го свртуваат вниманието кон културата на откажување, во која луѓето ги губат работните места како резултат на притисокот од општеството поради своите контроверзни ставови или забелешки. Афроамериканските новинари не останаа без одговор на ова писмо, обвинувајќи ги потписниците на отвореното писмо од „Харперс“ дека го игнорираат систематскиот расизам во медиумите. Според нив, иронијата во ова писмо се состои во тоа што потписниците никаде не ги спомнуваат маргинализираните гласови што биле замолчувани со генерации во новинарството, академскиот свет и во издаваштвото.
Мејнстрим интернет активизмот во голема мера се базира на механизмите за „calling out“ или целосно откажување на одредена таргетирана личност во однос на тоа што го застапува.
Во целост, културата на откажување не функционира секогаш, а тоа го докажуваат „закрепнувањата“ на кариерите на многу претходно откажани познати личности со проблематични ставови и гледишта. Се разбира, ефективноста на ваквата појава зависи од тоа дали откажувањето секогаш води до конструктивна дебата во општеството која ќе ги промени проблематичните ставови, предрасуди или стереотипи, или сè се завршува само со масовно истурање бес (неретко проследен со лични навреди) врз одредена личност, во стилот „секое чудо за три дена“.
Драган А.