Главните протагонисти на легендарната хумористична ТВ-серија „Пријатели“ објавија заедничка изјава по повод смртта на нивниот колега Метју Пери. Имено, другите пет од славните шестмина – Џенифер Анистон, Мет Лебланк, Дејвид Швимер, Лиза Кудроу и Кортни Кокс се огласија во списанието „Пипл“ (People).
„Сите сме целосно потиштени. Ние бевме повеќе од колеги. Ние сме семејство. Има уште многу да се каже, но засега ќе одвоиме миг за да оттагуваме и да ја сфатиме оваа неразбирлива загуба“, се вели во заедничката изјава.
„Пријателите“ додаваат дека ќе кажат и повеќе, кога ќе можат и кога ќе дојде време за тоа.
„Засега мислите ни се со семејството на Мети, неговите пријатели и сите што го сакаа ширум светот“, нагласуваат тие.
Метју Пери, кој го глумеше Чендлер – еден од главните ликови во „Пријатели“, беше пронајден мртов во своето џакузи дома во саботата. Тој имаше 54 години. Истрагата за смртта сѐ уште е во тек. Надлежните во Округот Лос Анџелес потврдија дека обдукцијата е завршена, но се чека токсиколошкиот извештај, и резултатите се очекуваат за неколку недели. Пред зградата на улицата „Бедфорд“ бр. 90, во Њујорк, САД, каде што Чендлер и неговите „Пријатели“ живееја 10 години, обожавателите оставаат цвеќе, фотографии и пораки за покојниот глумец.
Преземено од MIA.mk