Познат е по тоа што има изјавено: „Јас имам социјална болест. Морам да излегувам секоја вечер. Ако останам дома една вечер ќе озборувам заедно со моите кучиња.“ Не е ни чудно што заедништвото и пријателството биле негови приоритети, особено затоа што во периодот од 1950 до 1980, тој бил „лепилото“ што ја држело заедно групата најважни њујоршки уметници, негови современици. Но кој би помислил дека темата за Божиќ и целата празнична еуфорија играле толку голема улога во творештвото на познатиот уметник? Дедо Мраз, поинсетија, венци, ангели, играчки – се чини дека Енди Ворхол ја истражувал божиќната тематика на многу начини.
Тој бил опседнат со конзумеризмот, културата на славните и механичката репродукција, па во текот на својата кариера го проширил влијанието на поп-артот во други сфери, поместувајќи ги границите меѓу светот на високата уметност и популарната култура. Она што е помалку познато, е тоа дека Ворхол бил длабоко религиозен. Тој пораснал во религиозно семејство на словачки имигранти, а дури по неговата смрт јавноста дознала дека донирал оброци за бездомниците и помагал во чистењето во една од околните цркви.
Пред пристигнувањето во Менхетн и влегувањето во светот на уметноста, Ворхол работел во Tiffany & Co во 1956 година, правејќи сè – од реклами за чевли до божиќни честитки. Со неговите цртежи со кои ја замаглувал тенката линија меѓу комерцијалниот дизајн и уметноста, Ворхол станал „Божиќен крал“. Цртајќи елки со овошје, ирваси, подароци, слатки и камини, тој ја создал совршената претстава за Божиќ, таков каков што го замислувал во своето детство.
Во 1978 година, Енди Ворхол и Труман Капоти се појавиле на насловната страна на божиќното издание на High Times во празнична облека. Ворхол бил облечен како Дедо Мраз, а Капоти требало да биде облечен како мало девојче. Но, како што Ворхол подоцна ќе запише во својот дневник „Капоти не бил расположен за дрег, па рекол дека веќе бил облечен како мало момченце.“
Кога Ворхол пристигнал во Њујорк, тој бил опседнат со Капоти и насекаде го следел. Капоти отпрво изјавил дека Ворхол е „еден од оние безнадежни луѓе на кои знаеш дека никогаш ништо нема да им се случи“, сè додека еден Божиќ од него не добил златен чевел кој му бил посветен нему. Откако Ворхол станал познат, ја направиле и познатата божиќна сесија со полароид.
Па зошто Енди Ворхол толку многу го сакал Божиќ? Ако ја погледнеме неговата уметност, воопшто не треба да бидеме зачудени. Ворхол отсекогаш бил фасциниран од популарната култура и конзумеризмот, и сакал сè што е поп. И материјален и спиритуален, и кич и привлечен, и универзален и демократски, Божиќ е веројатно најПОП нешто од сите нешта на светот 🙂