Претходно завршил ликовно образование во средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје. Тој е дел од графити сцената во Скопје од 2011.
Неговата уметност е апстрактна лична експресија, која е создадена со материјали што се типично користени за графити-уметност, што се додава на уникатноста на неговиот веќе уникатен визуелен јазик.
Историчарката на уметност Ангела Витановска, по повод изложбата, го забележува следното: „Неговите колоритни дела додаваат малку повеќе боја во нашиот град. Кога зборуваме за уметноста, неретко се среќаваме со поимот „потенцијал“, било да се работи за креативен, творечки или пазарен потенцијал. Што е потенцијалот во уметноста? Колкав е потенцијалот што еден уметнички продукт го носи во себе? Дали понекогаш една содржина е осудена на момент кога е потиснат целокупниот нејзин потенцијал и сé тоа што таа е способна да го изрази, да го даде од себе?
Интересно е што графити-уметноста како да не влегува во ниту една од споменатите категории. Барем не овде, не на овие простори. Честопати отфрлана, понекогаш дури и погрешно категоризирана како форма на вандализам, кај нас и натаму стои на маргините од уметничките практики, недоволно признаени „за“ и „во“ рамките на галерискиот простор, можеби на моменти дури и премногу одвоена од галериската уметност, како не толку „елитна“ или „ексклузивна“, за да ги задоволи воспоставените институционални критериуми. И додека во светски рамки уличната и графити-уметноста, која ги бележи своите почетоци уште во шеесеттите години на минатиот век, кога ќе се појават првите знаковни форми и кратки натписи, кои ќе ја „бомбардираат“ подземната железница во Њујорк и која одамна започна да добива не само јавна декларативна, туку и финансиска, институционална поддршка, во наши рамки, нејзината афирмација како посебна уметничка појава со своја уникатна содржина и форма и со посебен облик на естетика, започна од неодамна.
Душан Стефановски во неговата прва самостојна изложба, која не случајно го носи насловот. „Потиснат потенцијал“, упатува токму на потиснатиот потенцијал на овие уметнички форми и практики, со интенција да укаже на можноста за алтернатива во галерискиот простор, но истовремено и обратно, да ја доближи урбаната „street-art“ сцена до едно институционално рамниште.“