Меѓутоа, ова не беше и не е природна и самозададена оддалеченост. Несомнено, неизвесноста нè допре сите еднакво, но воедно послужи и како инспирација за правење забележителни уметнички проекти. Во овој текст ќе разгледаме два проекта што ни го привлекоа вниманието.
Во краткиот филм „Ова сега“ (This now) на Dazed Digital, Кеј Исаја Џамал и режисерката Емили Мек Доналд упатуваат надежна, непоколеблива порака за иднината по коронавирусот. На почетокот на оваа оригинална поема сублимирана во краток филм за време на колективната изолација, Кеј Исаја Џамал вели дека се разбудил во доволно утра исти едно на друго и насобрал глад за промена. Додека артистoт зборува, гледаме визуелен циклус со компилација од селфи видеа од 40 луѓе кои се во самоизолација. Гледаме отворени прозорци и лица што ѕиркаат од нив, прошетки низ урбани блокови и рурални места, вечери со запалени свеќи и празни улици низ Лондон. Поемата и филмот зборуваат за времето поминато во карантин поради коронавирусот, научените лекции за ненадоместливоста на односите во реалниот живот и човечкиот допир, моментите на меѓусебното поврзување што ги доживеавме, и покрај целата болка, раздалеченост и несигурност што ги искуси светот. „Ова сега“ зборува за сето она што го земавме здраво за готово, за она што треба да го негуваме, за она што треба да го отфрлиме во животот по пандемијата. Заедно со режисерката Емили Мек Доналд, овој филм нуди порака на надежи и единство, и покрај сегашните политички и социјални турбуленции.
Фотографскиот проект „Како ви оди во карантин?“ (How is your quarantine going) на Рошни Катри почнал како резултат на нејзината желба да зборува со странци. Размислувајќи интензивно за интимноста и за изолацијата, таа почнала да ги фотографира луѓето што случајно ги запознава по улиците. Станува збор за парови, кои заедно го поминуваат времето во карантин во Бруклин. Таа зборувала со нив одржувајќи физичка оддалеченост и пронашла начин да се поврзе со нив, низ нивните приказни. Интересно е тоа што секоја од фотографиите си има своја приказна за искуствата од карантинот и за ефектите што изолацијата ги имала врз односот на овие луѓе. Меѓу нив има и такви што се запознале на Тиндер за време на карантинот, па токму тоа имало позитивен емоционален ефект врз целиот неизвесен период. Други, пак, сфатиле дека нивната врска била успешна и здрава поради тоа што порано поминувале повеќе време одвоени еден од друг. Се разбира, има и такви што се благодарни за времето што го поминале заедно, бидејќи никогаш претходно немале можност да бидат толку долго заедно и толку добро да се запознаат.
Драган А.