PopUp Rating: 4/5
Едвард Нортон првпат му пристапил на авторот Џонатан Летам со идеја за филмска адаптација на неговата новела во далечната 1999 година, веднаш по безвременските „Американска историја икс“ и „Боречки клуб“. Новопечениот холивудски миленик во консултација со писателот добил потполна слобода да направи измени на криминалистичката драма. Тој трпеливо работел на усовршување на дебитантското сценарио и конечно, „Сираците на Бруклин“ ја дочека премиерата на големото платно по две децении.
Сценариото се темели на ликовите и на случувањата од истоименото дело, но дејствието е сместено во 50-тите години од минатиот век, односно четири декади порано од книгата. Од почетната сцена се создава тензија, а публиката е впуштена во акција како случаен минувач на улиците низ Бруклин, каде што постојано демне опасност. Веднаш се насетува прилив на многу детали и информации, но тие полека, мудро ги отклучуваат бравите на мистеријата. Поделениот Бруклин е епицентар на расната дискриминација и корумпираните политички сплетки каде што владее насилничкиот закон на улицата. Животниот стил препознатлив за 50-тите години во САД е соодветно прикажан со отмените џентлмени што пијат виски во црни капути и шапки т.е. со заводливите фустани и марами кај дамите.
Режисерот го користи долгото времетраење од 144 минути како предност и овозможува постепен развој на карактерот на протагонистот. Осамениот детектив бавно ги открива лузните од детството што ги објаснуваат неговите храбри чекори. Милозвучната џез-музика во секогаш забавните барови во Њујорк го дополнува автентичниот амбиент и, на моменти, ја сталожува неизвесната атмосфера. Трубата и тромбонот влијаат успокојувачки, пријатни за уво, како што марихуаната му помага на главниот лик да ги смири неконтролираните стресни напади од Туретовиот синдром.
Директорот на фотографија успешно користи кратки, динамични кадри во акционите сцени, а со крупни кадри ги претставува нежните погледи помеѓу убавата Лора и угнетениот Лајонел. Очигледно, Едвард Нортон одлучил да не ризикува во првиот филм каде што дели тројна улога – на сценарист, на режисер и на актер. Тој се решил за етаблирани колеги во кои има доверба дека нема да потфрлат во актерската игра. Предводник на искусната екипа е токму Нортон, кој го игра главниот лик со Туретов синдром, долготрајна состојба што се одликува со неконтролирани тикови, а понекогаш и непрекинато имитирање на другите луѓе.
Реномираниот актер одлично го доловува паметниот и чувствителен Лајонел во страдањата и во копнежот за љубов. Привлечната глумица Гугу Мбата-Ро е бунтовничката за правата на бруклинчаните и солидно одржува ритам со докажаната фела, која уште ја сочинуваат Алек Болдвин, Вилем Дефо и Брус Вилис. На прв поглед, навидум лесно делува да го одиграте ликот што самите сте го напишале и од кого знаете што сакате, но тоа воопшто не е едноставно, посебно не кога будно внимавате со режисерското око.
Најчесто таа комплексна задача буди конфликт на улогите каде што секогаш повеќе преовладува еден глас, но сценаристичкото деби на Нортон сосема солидно балансира и доминираат позитивните страни. Сепак, филмското остварување има видливи мани, на пример нелогичниот недостаток на задевање од околината кон лицето со посебни потреби, некарактеристично за тој период, кога свеста кај општеството била мала и тие лица биле етикетирани и дискриминирани.
Симпатичен филм со издржано, возбудливо сценарио и квалитетна актерска игра, крими-драма што потсетува на т.н. „стара школа“ налик „Спијачи“ од 90-тите, со шмек на детективските романи на Агата Кристи. „Сираците на Бруклин“ е распарчено стакло на ситни делчиња, кое внимателно ќе се обидете да го составите. Долгото времетраење ќе ги оттргне нетрпеливите, но неизвесноста будно ќе ве одржи и ќе ве остави да предвидувате до самиот крај.
Филип Мишов