Без никакви ознаки или информации, Ким пристигнал во хотелот и открил дека станува збор за преноќиште за бекпакери, составено од мали кабини направени од иверица. Иако преноќиштето му одговарало на моменталните потреби, Ким имал испланирано да продолжи да патува со ранецот на грб низ земјата, во потрага по нови авантури. Сепак, неколку години подоцна, фотографот никако не можел да ги заборави впечатоците од малиот хотел, па се вратил повторно, овој пат со друга амбиција. Ким вели дека е опседнат со простори што наликуваат на матка. За одлуката да се врати на локацијата на хотелот, фотографот вели дека била водена од чувството на удобност и сигурност што му го даваат малите простори, како и инстинктивната потреба да се биде едно со нив како фетусот во матката.
Вон Ким живеел во малите кутии неколку месеци. Од тоа искуство произлегува неговиот фотопроект – „Затворен: Живот во мало“. Патувањата со ранец се позната форма на нискобуџетна авантура и независност, но за Ким ова патување било можност да им се приближи на своите уметнички субјекти.
„Мислам дека бекпакингот ми помага подобро да комуницирам со жителите на хотелот, кои ми дозволија да го сликам нивниот личен простор. Ако дојдев во друго својство, сигурно немаше да ми дозволат да го направам тоа.“
Иако тесниот хотел наизглед предизвикува клаустрофобично чувство, неговиот амбиент им дава надреална можност на оние што ќе изберат да престојуваат во него. Ким вели дека сепак му било удобно, иако понекогаш не можел да процени дали надвор е ден или ноќ поради слабиот пристап на светлина во кутиите. Повеќето луѓе што ги сретнал во хотелот биле слободоумни и достапни за комуникација, за разлика од типичните Јапонци, кои вообичаено не се такви. Најтешко му било да добие дозвола да го фотографира овој проект.
Покрај ваквите простори, тој е заинтригиран и од дизајнерските елементи, геометријата и повторувањето на формите при создавањето нешто што е меѓу реалноста и илузијата. Всушност, тој започнал да фотографира во моментот кога затекнал валкана соба во хотелот, па ја запрашал станарката дали смее да ја фотографира со неа внатре.
„Верувам дека ако некој живее во одреден простор некое време, атмосферата ја одразува неговата личност и карактер. Тоа е она што сакав да го овековечам.“
фото: „Затворен: Живот во мало“ од Вон Ким