Веројатно најголемите во овој круг се „Mank“ и „The Trial of the Chicago 7“, но дури и тие се драми, а не високобуџетни филмови. Поради пандемиските услови, годинава рокот за пријавување на филмовите беше продолжен до 28 февруари (вообичаено е до 31 декември), па затоа филмови како „Judas and the Black Messiah“ успеа да стигне до номинација, иако излезе во јануари.
Номинирани за најдобро филмско остварување на годинашниве Оскари се:
„Sound of Metal“
„The Trial of the Chicago 7“
„Mank“
„The Father“
„Nomadland“
„Minari“
„Judas and the Black Messiah“
„Promising Young Woman“
Најголем фаворит за престижната статуетка (барем засега) е „Земја на номади“ (Nomadland) на режисерката Клое Жао. Овој филм успеа да оствари неверојатен успех на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто. Ова е трогателен портрет на жена (улога за која на Френсис МекДорманд ѝ се насмевнува уште еден Оскар), која го живее својот живот по патиштата, ги прикажува малите нешта и предизвикува емпатија кон луѓето што се отфрлени или игнорирани од општеството. И статистиките исто така се во полза на „Земја на номади“. Филмот заслужи шест номинации, вклучувајќи ги и оние за најдобра режија, актерка, адаптирано сценарио и монтажа (главните категории за сите евентуални добитници на Оскар за најдобар филм). Овие предвидувања се уште посилни ако се земе предвид дека овој филм ја доби највисоката PGA-награда што се смета за индикатор кој ќе го добие Оскарот за најдобар филм.
Следниот филм со најголеми шанси е „Trial of the Chicago 7“ на „Нетфликс“. Сценаристот и режисер Арон Соркин ја раскажува приказната за моќта на протестот и му се обраќа на светот во кој живееме денеска. Филмот се одликува со одлични актерски изведби и силни дијалози. Иако овој филм веројатно би им бил фаворит на потрадиционалните членови на Академијата, сепак се чини дека годинава ќе преовладува расположението во полза на независните филмови како „Земја на номади“, но останува да видиме.
И „Promising Young Woman“ не е ништо подолу во главната конкуренција за најдобар филм. Овој филм на Емералд Фенел ја раскажува приказната за жена што тргнува во одмазда за смртта на својата најдобра пријателка, која е жртва на силување. Во другите категории, филмот претендира за Оскар за најдобра актерка, оригинално сценарио и монтажа. Воопшто не би било изненадување доколку Кери Малиган замине дома со статуетка за најдобра актерка за улогата на Кеси Томас.
Едно од поголемите изненадувања во листата номинирани е „The Father“. Филмот е режиран од Флоријан Зелер и се базира на неговата истоимена драма од 2012 година. Главните улоги ги толкуваат Ентони Хопкинс и Оливија Колман, а ја раскажува приказната за возрасен човек, кој мора да се соочи со деменција. И овој филм заслужи шест номинации, меѓу кои и номинација за најдобра монтажа.
„Minari“ исто така доби одлични критики оваа година. Филмот ја раскажува приказната за јужнокорејско семејство на емигранти, кое се обидува да преживее во руралните делови на САД во 80-тите години. Номиниран е и за најдобра режија (Ли Ајзак Чанг), за најдобра машка главна улога и за оригинално сценарио.
„Sound of Metal“ е одличен кандидат, но засега оние што ја следат филмската трка, не му предвидуваат сериозни шанси да ја понесе статуетката за најдобар филм. Овој филм ја следи приказната за тапанар во хеви-метал бенд (Р. Ахмед) кој го губи слухот пред почетокот на еден од концертите. Филмот „Mank“ на Дејвид Финчер го следи Херман Џ. Манкиевич, легендарниот сценарист на филмот „Граѓанинот Кејн“. Ова црно-бело остварување има дури десет номинации за Оскар, меѓу кои е и номинацијата за најдобар актер во главна улога за Гари Олдман. Храбрата приказна на Шака Кинг, „Judas and the Black Messiah“, воодушевува со актерскиот перформанс на Даниел Калууја, кој го глуми Фред Хамптон, убиениот лидер на Партијата на црните пантери од Илиноис. Филмот е носител на шест номинации за претстојните Оскари.
Оскаровската ноќ годинава е закажана за 25 април. Овој текст нека биде поттик за оние што сѐ уште не ги погледнале остварувањата што се во трка за најдобар филм и сами нека го одберат својот фаворит за најочекуваните филмски награди во годината. Впрочем, ноќите со полициски час од 20 до 5 часот наутро се како создадени за тоа.
Драган А.