„Двете главни идеи што се основа на овој проект насловен „ПОДАРОЦИ“ се интерпретирање историја, традиција, култура и фолклор на модерен начин соодветен за жената денес како и подлабоко навлегување во еден од најголемите проблеми во модната индустрија и светот како целина, а тоа е рационалното, економичното и свесното производство на услуги и добра. Со овој проект сакав да дадам пример на кој начин модните дизајнери можат да придонесат во создавањето подобар свет.
Преку процесите на „upcycling“ (употреба на веќе користени предмети и материјали со цел да се создаде нешто ново, различно од нивната првобитна функција и со поголема вредност) и „recycling“ (употреба на веќе користени предмети и материјали за создавање нешто ново при што не се менува нивната првобитна функција, туку само вредноста, која се зголемува) се обидов да трансформирам материјали како стари завеси, декоративни, рачно плетени и ткаени чаршафи за маси и кревети и таписерии подарени од мојата мајка како и остатоци од други материјали, кои беа употребени при изработката на мојата прва колекција во нешто што е ново, функционално и може да се користи секојдневно.
Преку ваквиот начин на работа и користењето на таков вид материјали се обидов и да ги зачувам и да ги обновам старите занаети на создавање облека, кои се од огромно значење за земјата и дел од нејзината богата традиција и култура“.
Марко Илиевски е роден на 10.12.1993 година во Скопје, Македонија.
Своето средно образование го заврши во училиштето „Јосип Броз Тито“ во Скопје. По завршувањето на средното училиште во 2012 година, своето образование го продолжува на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот Графика и графички дизајн, како дел од класата на проф. д-р Славица Јанешлиева-Бачварска.
Во третата година од неговото студирање ја освојува годишната награда „Драгутин Аврамовски – Гуте“ за најдобро изведено графичко дело.
При крајот на неговите студии во мај 2016 година започнува со работа како асистент, а подоцна и Џуниор дизајнер во модното студио „Драма“, како дел од тимот на креативниот директор Ивана Кнез.
По повеќе од една година работа на таа функција, Марко одлучува да ја напушти таа работна позиција и ја организира својата прва самостојна изложба насловена „Три точки“ во просторот „Јавна соба“, каде што се претстави пред македонската публика со својата дипломска работа во која преку форма и боја го разработува влијанието на музиката врз секојдневното расположение на човекот.
Во септември 2017 година заминува во Париз каде што го продолжува своето академско образование со Мастер студии по Моден дизајн во институцијата IFA (International Fashion Academy). Своите студии таму ги завршува како најдобар во неговата класа, а исто така е еден од избраните за учество во групната ревија на која се претставува со својата прва колекција за сезната есен/зима/2019-2020, насловена „ХЕРОЈ“. По завршувањето на неговите мастер-студии, Марко се враќа во Скопје каде што започнува да работи на свој сопствен бренд.