Албумот е полн со рефлективни и интроспективни емоции и теми што ги придвижуваат секоја од песните. Со својата кинематска природа и мноштвото детали, „Some Kind of Peace“ е прекрасен и меланхоличен албум. Тоа што е карактеристично за Арналдс е дека неговите композиции не еруптираат со експлозивни и грандиозни мелодии, туку полека се напластуваат со слоевити амбиенти. Арналдс не е само талентиран композитор, туку е и надарен продуцент што ги меша мелодиите создадени од оркестарот и од неговото „Стратус“ пијано со најразлични амбиенти. Сето тоа заедно создава еден универзум од звучни екосистеми и слоевити звуци, кои нежно го исполнуваат вашиот ум додека ја слушате оваа музика.
Новиот албум „Some Kind of Peace“ е објавен во момент кога светот се наоѓа среде глобална пандемија. Каде ја гледате вредноста на музиката кога станува збор за поврзување на луѓето и нивното издигнување за време на овој период полн со предизвици?
Мислам дека општо земено, музиката и уметноста се најважни во периоди како овие. Се разбира дека ова е малку иронично бидејќи оваа криза предизвика и колапс на концертната индустрија, но ние сме родени да создаваме, па пандемијата нема да нѐ запре. Во овие времиња, музиката нѐ потсетува на заедништвото и на меѓучовечката поврзаност. Наоѓаме утеха во тоа и ни помага да заздравиме.
Каков ефект имаше пандемијата врз Вас и на уметнички план и лично?
Тешко е да сте креативен кога имате чувство дека светот ви стои на рамената, но ова ве учи да се ослободите од каква било потреба да имате контрола врз околностите околу вас, особено кај тие што не можеме да ги промениме и да работиме во рамките на ограничувањата што се наметнаа. Мислам дека тие ограничувања, всушност, можат да бидат позитивни бидејќи нѐ тераат да гледаме вон тие ограничувања.
На прес-објавата за овој албум изјавивте: „Ова е мој личен албум, мој најличен досега, кој е создаден наспроти сликата од светот кој е фрлен во хаос“. Каков тип приказни чувствувате дека песните на албумот ги раскажуваат емотивно?
За мене, лично, ова се мошне интимни приказни и не се нешто што чувствувам дека имам потреба да раскажам детали за нив. Но, се поврзуваат со искуствата на препуштање и на наоѓање утеха во нешто што не можете да го контролирате.
На кој начин многубројните гости што беа инволвирани влијаеја врз насоката во која албумот се имаше упатено?
Овие соработки се за мене важен начин да скршнам од работите и од начините на кои сум навикнал да ги правам; тие ме учат на нови пристапи и ми отвораат нови врати на креативноста. Чувствувам дека е важно да не се заглавиме со пристапите на кои обично работиме…
„Loom“ е прекрасна соработка со продуцентот Бонобо и го отвора новиот албум. Како дојде до оваа соработка?
Јас и Бонобо станавме добри пријатели во последните неколку години откако се среќававме често по разни фестивали низ светот. Тој дојде на Исланд да се дружи и да свириме заедно на еден концерт. Потоа спонтано ја напишавме оваа песна во тој период.
„We Contain Multitudes“ беше првата песна што објавена летоска претставуваше вовед во новиот албум. Кои се некои од пораките што оваа песна ги носи, на кој начин нејзиното расположение ги рефлектира тие пораки?
Во основа песната е импровизација и ја напишав во куќата на еден пријател. Беше доцна во ноќта. Се разбира, тука има повеќе слоеви, но во основа отсликува како се чувствував во тие моменти.
Дали имаше некоја музика што посебно ја слушавте додека работевте на албумот?
Всушност, не слушам толку многу музика кога сум длабоко навлезен во креативниот процес. По долг ден поминат во студиото, повеќе преферирам тишина во тие моменти.
Во изминатите две години Вие бевте на една долга светска турнеја по албумот „Re:member“ каде што последниот настап беше во Белград, во 2019 година. Кои беа највпечатливите моменти и предизвици што се случија за време на таа долга турнеја?
Мислам дека највпечатливиот момент беше да поминам толку многу време и енергија за да го осмислам тоа шоу додека се случуваа концертите. Имав прекрасен тим околу себе и со секој настап се зближувавме сѐ повеќе и повеќе и се здобивме со длабоко разбирање за тоа какви ни се способностите. Никогаш не запревме со нашата креативност и никогаш не запревме со обидите да ги подобриме работите. Ова беше тоа што најмногу го засакав…
Вашите концертни настапи се прекрасни и интригантни аудиовизуелни искуства. Дали Вашите песни еволуираат во контекст на долгата турнеја или се изведуваат така како што првично биле напишани?
Секој ден еволуираат малку по малку. Можеби ќе променам некоја мала работа денес и некоја друга мала работа во следните неколку денови. Сите овие промени се случуваат поради секогаш променливото концертно опкружување и на крајот сите тие мали промени заедно придонесуваат кон една голема промена. Затоа песните се сосема различни на крајот отколку за време на првиот ден од турнејата.
Без можност да настапувате на турнеи во догледно време поради кризата, како се гледате себеси во напорите да создадете моментум, односно да чекорите напред во периодот што доаѓа?
За мене, сѐ се сведува на создавање заедница околу музиката и мислам дека постојат повеќе начини да се направи тоа. Можеме да создаваме онлајн настани или музички видеа и на овие начини да ја раскажеме приказната зад музиката преку најразлични медиуми. На пример, навистина ми се допадна нашата промотивна забава што се случуваше онлајн цели 24 часа. Имам повеќе такви идеи, иако ниту една не може да го замени чувството или енергијата во еден простор каде што се случува концертен настап.
Што планирате да се случува во периодов за Вас?
Многу нова музика…
Ненад Георгиевски
насловна фотографија: Marino Thorlacius