PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

„Пирани“ – Насилството знае само за почеток [рецензија]

popup by popup
октомври 17, 2019
in Филм
0
399
СПОДЕЛУВАЊА
2.3k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Младиот Никола и адолесцентското друштво се угледуваат на наркошефовите и сакаат да живеат богато како своите идоли, облечени во најпознатите марки. Мајката на Никола работи во локална пералница и секоја недела двои од нејзината плата за рекетарите. Нејзиниот син е незадоволен и револтиран од ситуацијата и бара излез запливувајќи во криминални води…

„Пирани“ е италијанска криминалистичка драма на режисерот Клаудио Џованези, која ги истакнува проблемите со мафијата во Неапол и открива поинаква слика што не ги содржи медитеранското море, вкусната храна и волшебното вино. Од почетната сцена и акт на групата се насетува акција, зовриена крв и пеколна енергија што бара притока, излез за ерупција. Насловот на филмот совршено соодветствува со сценариото на Маурицио Браучи, кое се фокусира на малолетничката деликвенција, рекетарството и дилерите.

Протагонистот Никола и неговото пубертетско друштво се навистина како пирани, полни со адреналин, кои не застануваат и лакомо итаат кон сè поголема моќ и власт. Целиот амбиент во филмот е тензичен, a минималната доза на музика ја наѕира и воспева неволјата. Исто така, авторот и режијата упатуваат директна критика до државните власти за случувањата. Во малкуте сцени каде што се забележува присуство на полиција, тоа се моменти по завршување на криминалните дејства.

Директорот на фотографија го поседува клучот до тензичната мистика. Камерата на Даниеле Ципри има движечка сила, ударен ефект со огромно влијание врз гледачот, кој станува рамноправен член на бесното друштво. Воодушевуваат кадрите во кои мотоциклите како пирани се движат кон камерата, а во заднина е живописното маало во Санита исполнето со многубројни староградби кое наликува на бразилските фавели. Долгите сцени во еден, најчесто близок кадар, исполнети со динамика, ја истакнуваат и одличната глума на главниот актер Франческо Ди Наполи. Тој поседува чудна, но интересна мрачнина во погледот, која ја дополнува харизмата на Никола. Во безизлезните ранливи моменти се чувствува добрата душа на протагонистот, но кога тој владее и командува, доаѓа до израз актерската игра и карактерот на Ди Наполи. Сицилијанецот Ципри се закити со наградата „Бронзена камера 300“ на овогодишното издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Во ера кога акционите филмови се во сенка на моментално мегапопуларниот жанр хорор, заедно со романтичните комедии и безвременската драма, „Пирани“ е впечатливо филмско остварување што влече конци, инспирација од златната ера на акцијата. Динамичното сценарио на Браучи кое логично се поврзува, квалитативно отскокнува и допира до гледачот, не го остава рамнодушен. Кинематограферот Ципри има еднаква заслуга со лесното движење на камерата, која не нуди излез од светот на криминалот и дрогата. „Пирани“ испраќа силен крик преку платното и суптилен повик за помош за сите „заглавени“ деца во јужниот дел на Италија. Пораките допреа до „Берлинале“ каде што филмот ја освои „Сребрената мечка“ за најдобро сценарио и беше номиниран за „Златна мечка“ за најдобар филм. На ред се властите во Италија.

Филип Мишов

Previous Post

Ромео Кастелучи – театарски режисер на годината

Next Post

Елена Чемерска: Да создаваме простори за чувствување на времето

Next Post

Елена Чемерска: Да создаваме простори за чувствување на времето

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum