Најновото 18. фестивалско издание на OFFest годинава ќе се одржи од 3 до 8 јуни и ќе биде составено од девет настапи и еден документарен филм. Во продолжение ја претставуваме програмата во рекордните шест фестивалски дена.
3 јуни
Фестивалот ќе биде отворен на 3 јуни во МОБ со виртуозниот дует на велшката харфистка Catrin Finch и сенегалскиот кора-мастер Seckou Keita.
Истата вечер ќе имаме можност да го слушнеме и нашиот њујорчанец Крсто Роџевски со концертна премиера на својот исклучително интересен и вреден материјал, во придружба на неговите најблиски музички соработници од првата лига на њујоршката џез сцена.
4 јуни
Во МКЦ ќе се слави музиката од Мали, најпрвин со прикажување на документарниот филм „Mali Blues”, а потоа и со концертот на единствениот Bassekou Kouyate и неговиот бенд Ngoni Ba, со промоција на новиот, одлично оценет албум „Miri“.
5 јуни
ОFFest продолжува со звукот на Мали. Токму таа вечер, во МОБ ќе настапи најголемата ѕвезда на ОFFest 2019, Fatoumata Diawara. Оваа африканска дива двапати беше номинирана на 61-то доделување на наградите Grammy – во категоријата Best World Music Album за албумот Fenfo и во категоријата Best Dance Recording за Ultimatum со англискиот бенд Disclosure.
6 јуни
Во рамките на т.н. „Balkan Fever Night“, на 6 јуни во МКЦ, ќе се „судрат“ двете најголеми балкански world music атракции: неприкосновените претставници на „унгарската тамбурица“ Sondorgo и струмичкиот „фанки тигар“ Џамбо Агушев со неговиот многуброен, експлозивен и светски популарен дувачки оркестар.
7 јуни
Претпоследната вечер, 7 јуни, во МКЦ, е посветена на модерната интерпретација на традиционалното, претставена низ фасцинантниот аудио-визуелен перформанс на „либанскиот одговор на Gotan Project“ – групата Love and revenge и фуриозната електро-психоделична cumbia на Колумбијците Romperayo.
8 јуни
OFFest 2019 ќе финишира на 8 јуни, во клубот Епицентар, со ексклузивен полноќен диџеј-сет на DADDY G од Massive Attack.