Не сакам да ги врамувам уметниците. Ниту да им доделувам идентитети. Како да го претставам светски познатиот хрватски артист Лонац? Како академски сликар? Визуелен уметник? Грандиозен муралист? Тој е мешавина од сето ова, и веројатно многу повеќе од сите тие квалификативи заедно. Во родната Хрватска најмногу го препознаваат по хиперреалните мурали со фигурација инспирирана од класичното сликарство. Во Скопје е дојден по идеја и заложба на Младинскиот културен центар, кој сакајќи да остави дополнителен белег во низата на (нови) скопски топоними, го покани да изработи свој мурал во рамките на новиот парк што се подготвува на потегот кај Македонската филхармонија и ФМУ. Овој мурал е своевиден подарок од МКЦ за Скопје.
Во едно твое интервју прочитав дека ги сакаш ранетите простори, „ѕидовите со проблем“ како уметнички предизвик. Па тогаш, добре дојде во еден ранет град. Како се случи твоето доаѓање во Скопје и иницијативата за твој мурал овде?
Имав можност накратко да се запознаам со Скопје. Знам за што зборуваш. Ми се допаѓа, иако сум изненаден од кичот на огромниот број споменици на толку мал простор. МКЦ ми ја довери задачата да го облагородам овој т.н „музички дел“ на Скопје. Дојдов овде малку порано за да учествувам во комплетирањето на сликата за паркот зад Македонската филхармонија со мурал на еден од ѕидовите на музичкото училиште. Сосема непланирано дојдовме до композицијата за муралот и за таа цел фотографирав една девојка што случајно ја запознав. Резултатот ќе го видите наскоро. Инаку, кога работам во Загреб, се качувам на велосипед и барам ѕидови, фотографирам и потоа одредувам што би било добро за цртање. Ја чувам таа фотографија сè до моментот додека не се снабдам со доволно бои и материјали. Потоа започнува реализацијата. Ако има некој проблем со ѕидот, тоа е уште поинтересно. Со тој проблем (цевка или пукнатина) можеш да се обидеш да создадеш дело што ќе има смисла само за тој простор.
Како би гласела твојата интимна дефиниција за уличната уметност?
Тоа се менува како камелеон. Понекогаш е проституција. Од излегувањето на уличната уметност од илегалата на подземните железници во 70-тите, таа веќе стана јавна, еден вид „музеј на отворено“. Уличната уметност е слична на галеријата, само што работиш на отворено. Постојано доаѓаат некои нови луѓе што воведуваат нови нешта и затоа никогаш не можеш да кажеш точно што претставува.

Во рамките на техничкиот дел, каков е твојот медиум за артистичка експресија при освојувањето на ѕидовите?
До неодамна користев само спрејови, но колку што се поголеми ѕидовите, спрејот станува претоксичен за работа. Колку повеќе работам во ателје, толку повеќе сакам муралите надвор да изгледаат слично на делата што ги правам внатре, па така почнав да користам ролери и кистови за некои детали што мораат да бидат реалистични. Секој ѕид е различен. Не можеш на секој ѕид да ги постигнеш истите резултати, но генерално тоа – спреј и акрил.
Првата асоцијација за уличната уметност е артикулацијата на одреден став против политичките текови во едно општество. Тоа мислење донекаде можеби е наметнато од графити-културата што е нешто сосема различно. Какво е твоето гледиште?
Ако се занимаваш со стрит арт, луѓето веднаш помислуваат дека си на некој начин социјално ангажиран и преку тоа испраќаш општествено-политички пораки. Искрено, jас мислам дека социјално ангажираната уметност понекогаш е тотален фејк и дека не менува ништо освен што го прославува „социјално ангажираниот“ уметник. Секако дека има одлични дела и со таа намена, но генерално е ужасно лесно да се занимаваш со оваа работа за да критикуваш. Мене тоа не ме интересира. Сум работел со такви луѓе и имам заклучено дека постои огромна фарса. За мене нема никаква смисла да се претставуваш себеси како некаква морална вертикала.
Порано ги избегнуваше галериите како изложбен простор. Велеше дека „улицата е најголемата галерија на светот“. Во меѓувреме се случија две твои галериски излагања на цртежи („Ljeto u gradu“ и „Gerascofobia“). Што се промени?
Тој став повеќе се однесуваше на Хрватска. Во Хрватска нема пазар за оваа уметност. Дури и да си многу добар, тоа не значи дека можеш да живееш од стрит арт. Таму се знае како се доаѓа до некои позиции и конкретно, до некаква афирмација. Затоа реков дека нема да се пријавувам на натпревари на кои некој ти наметнува тема и на кои главно поминуваат само луѓе од Загреб, додека квалитетните уметници од другите градови се занемарени. Не се согласувам како функционираат тие нешта. Очигледно е дека пријателите си ги туркаат своите пријатели, а тоа нема врска со никаква вредност, никаде нема да стигнеш на тој начин. Јас работев на улица зашто ми се гадеше од тоа изложување и од фактот што мораш да поминеш низ пет администрации. Поискрено ми беше да излезам надвор и да цртам за себе, за своја душа, без да размислувам дали сум уметник или не, дали е ова доволно вредно или не. И одеднаш некој тоа го препозна. Па и кога ме препознаа, пак ми се случуваше да ми кажат: „Еј, можеш да работиш НО…“. Некако, на крајот излегува дека во суштина тоа е едно исто.
Со цртежите од проектот „Gerascophobia“ недвосмислено му се спротивставуваш на ејџизмот во уметноста. Како се разви оваа побуна против „фобијата од староста“?
Тие цртежи ги изложив во еден баш клошарски изложбен простор. Имав добра причина. Кога работиш мурали, луѓето не сакаат на нив да црташ стари лица. Сите сакаат нешто младо, нешто убаво. Токму затоа ги направив овие цртежи, поради таа фобија од староста. Загрепските трамваи се полни со возрасни луѓе чии лица се фасцинантни. Самиот наслов гласи „страв од староста“, а јас не ги прикажав на гаден начин, туку со намера да го прикажам убавото во староста. Идејата ми дојде при еден работен престој на Флорида, сојузна држава која важи за место во кое луѓето доаѓаат да живеат во пензионерските денови. Таму сакав да нацртам возрасен брачен пар, при што наидов на негодување од организаторите, кои побараа да нацртам млада девојка. Што повеќе работиш на улица, си мислиш дека имаш повеќе слобода, а всушност брзо почнуваат да ти се наметнуваат.
Познатата хрватска стрит-уметница ОКО зборува за флуидноста на уличната уметност, за тоа како краткотрајноста на овие дела те учи на letting go и те лекува од концептот на припадност…
Да, кога изложуваш во галерија, имаш еден ден во кој ги покажуваш своите дела (понекогаш само пријателите, наместо некој што би ги купил или би дал конструктивна критика), а потоа си ги носиш сликите дома, ги делиш бесплатно или ги фрлаш. Во случајот со уличната уметност, ако некој ти го упропасти муралот, немаш што да направиш. Во тој случај можеби имаш поздраво его, бидејќи продолжуваш понатаму, бидејќи тоа дело не е веќе твое. Се учиш дека не ти припаѓа и продолжуваш со нешто ново. Твое е додека го работиш. Некој друг има право да го интерпретира, уништи. Некои свои стари дела и јас самиот би ги ишарал бидејќи се лоши 😊
Каква е иднината на балканската стрит арт сцена?
Голем дел од уличната уметност е фејк бидејќи многу малку луѓе сакаат да работат на сопствен трошок. Сите чекаат дигалка и спонзорство. Јас во Хрватска, горе-долу најчесто сликав без надоместок. Ние овде едноставно ја немаме таа сцена. Дури и ако ја има, сцената ги нема тие размери како во Шпанија, Португалија, Германија. На Балканот, некако сите повеќе би сакале да направат три дела и да чекаат да бидат препознати. Тоа така не оди. Затоа и реков, уличната уметност сега е ку*ва што се искористува зашто во моментов е многу популарна.
Кои светски улични артисти би ги навел како директно влијание за твојата работа?
Aryz, Roa, Belin, Smug и Andrew Hem.
Во која насока ќе се одвиваат твоите следни активности на полето на уличната уметност?
По изложувањето во галеријата во Лос Анџелес, мислам дека повторно ќе се вратам по запуштените простори, бидејќи не морам да одам по фестивали и договорени проекти. Исцрпен сум. Не сум социјално ангажиран, а сепак се соочувам со наметнувања и ограничувања во креативната слобода. Ова важи и за западниот свет. Без разлика колку и да е некој град развиен, на крајот излегува дека е подобро да работиш каде што е запуштено и ја имаш најголемата слобода. И што е најдобро – токму тоа најмногу ќе ги привлече луѓето. Тоа е она што ниту една администрација, ниту една канцеларија не може да го разбере. Ако го пуштите уметникот да создава сам, резултатот ќе биде многу подобар. Инаку, планирам да патувам во Германија со ОКО, на фестивал во Вуковар, Португалија, Кина, малку време треба да поминам во ателје, и добро е што ми се отворија тие опции за изложување за да почнам малку поинаку да гледам на нештата.
За крај, морам да ти кажам дека твоето дело „Неприроден хабитат“ ми остави посебен впечаток. Каква е неговата приказна?
Станува збор за стар брод во шума покрај Ликовната академија во Загреб. Првиот пат кога дојдов на Академија го здогледав тој брод и потоа со години ја прашував професорката дали можам да го насликам. Добивав типични, стандардни безрбетнички одговори дека не смеам. И последната година од студиите одлепив и отидов да го направам илегално. Поентата е: риба на суво или неприроден хабитат. Тоа е мојот одговор на Академијата. Така јас се чувствував таму цели седум години. Не научив ништо освен тоа како философски, на убав начин да оправдам некое лошо дело.

Јосип Коцев
фото: Елена Фиданска