Животната приказна на оваа сликарка нè носи на патување во раните декади од 20 век, во турбуленциите од периодот меѓу двете светски војни. Генијална и смела, таа дефинира еден комплетно нов стил карактеристичен за 20-тите и 30-тите години на минатиот век – стил подоцна дефиниран како арт деко. Родена е како Марија Горска во Варшава, Полска, на 16 мај 1898 година, во семејството на Борис Горски – руски Евреин и Малвина Деклер – полски католик. Во Санкт Петербург го запознала Тадеуш Лемпицки, полски адвокат што набрзо ѝ станал сопруг. Прогонет од болшевиците, парот ја напуштил Русија и се преселил во Франција. Токму таму Тамара решила одново да се насочи кон сликарството, главно водена од мотивот за заработка. Како љубител на класицизмот и италјанската ренесанса, во својата работа ги претопува класичните мотиви со кубизмот. Со маслените бои и со брзите потези од четката врз панелите, таа создава смрзнати и мазни силуети, кои до ден-денес ги пленат љубителите на уметноста. За себе ќе каже: „Мојата цел е никогаш да не копирам. Создајте нов стил, користете чисти, впечатливи бои, почувствувајте ја сензуалноста на моделите што позираат пред вас.“
Музичарката
Насликана е во 1929 година и уште е позната и како „Жената во сино со гитара“. Геометриските форми и контрастните бои како главни принципи на движењето арт деко се вдахновени со индустриски шарм. Во задниот план се извишуваат кули од развиен град, а футуристичкиот идеал е особено присутен за време на грмежливите 20-ти. Оваа слика, како и многу други слики од Тамара, е дел од приватна колекција. Колекционерите ги собираат сликите неколкупати во годината и ги изложуваат во музеи.
Адам и Ева
Масло на панел од 1932 година. Тамара била склона кон рекреирање на религиските тематики што ги среќаваме и кај ренесансните италијански сликари. Инспирацијата за сликата ја добила кога нејзина пријателка и професионален модел направила пауза за јаболко. Тамара ја замолила девојката да ја задржи позата, а потоа го повикала полицаецот што кружел низ улиците, со цел да позира како Адам. Во 1994 година ремек-делото со исклучително светли, но студени модернистички тела и димензии од 116 cm × 73 cm, било продадено на аукција за речиси 2.000.000 американски долари на приватен колекционер од Саудиска Арабија.
Среде лето
Портретот е насликан во 1928 година. Во центарот на вниманието е девојка со букет, доминиран од афион. Лицевата експресија е суптилна. „Јас бев првата жена што црташе чисто, тоа беше основата на мојот успех. Од стотици слики, моите секогаш се издвојуваа. Затоа галериите почнаа да ги изложуваат моите слики во нивните најдобри простории, секогаш во средината, затоа што моето сликарство беше привлечно. Беше прецизно. Беше завршено.“
Портрет на маркизот Д’Афлито
Страст, безбедност, самоувереност и самосвесност во погледот на овој Италијанец. Грандиозниот став и елегантниот костум асоцираат на успешен маж. Човекот вложил во речиси актерско градење на карактерот, создал личност пред која секој друг е плен, и финансиски и сентиментално. Насликан во 1925 година, маркизот е во фокусот и на други ремек-дела од Тамара.
Автопортрет во зеленото „бугати“
Во 1929 година Тамара била избрана од германскиот моден весник „Die Dame“ да ја изработи насловната страница. За таа цел Тамара изработила автопортрет. Себеси се насликала како студена убавица, која со дисциплинирано мистичниот поглед укажува на недостижност. Во реалноста Тамара не возела зелено „бугати“, туку жолто „рено“, но сметала дека идеалот за современ живот во едно индустриски развиено општество подобро би го доловила со некој од моделите на Еторе Исидоро Бугати, основач на автомобилската компанија „Бугати“. Димензиите се 35 cm × 26.6 cm, а сликата е во сопственост на приватен колекционер од Швајцарија.
Мартин Стојановски