Вчера ја посетивме урбаната лабораторија Skopje Urban Living Lab – SkULL во Старата скопска чаршија, каде што беше отворена изложбата на студентски проекти од архитектонската работилница „Нови содржини за Старата скопска чаршија“. Изложбата е дел од активностите од европскиот проект „ROCK“ – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови, финансиран од Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020.
Проектот ROCK се фокусира на историските центри во градовите кои ќе ги користи како „теренски лаборатории“ на културното наследство со цел да покаже како тоа може да биде уникатен и моќен двигател на возобновување, одржлив развој и економски раст за целиот град. Визијата на проектот ROCK е тој да помогне во трансформацијата на историските центри на градовите погодени од физичко распаѓање, социјални конфликти и лош квалитет на животот, во креативни и одржливи области преку заедничко генерирање на нови одржливи еколошки, социјални и економски процеси. ROCK има за цел да развие иновативен, колаборативен и системски пристап за промовирање на ефективна регенерација и адаптивна повторна употреба на историските центри на градот, преку спроведување на репертоар на успешни иницијативи за регенерација на културното наследство кои за пример ќе го земат искуството на седум избрани градови: Атина, Клуж – Напока, Ајндховен, Ливерпул, Лион, Торино и Вилнус.
Инаку, Скопје урбана жива лабораторија (SkULL) е проект за искористување на Старата чаршија како место богато со културно наследство, но и простор кој е традиционално место за трговија со воведување на современи „занаети“ преку искористување на ИКТ инкубатори, колаборативни работни простори и нова мрежа на креативни индустрии, добавувачи и промоција на нови производи и услуги. Целта на SkULL е да промовира нов и иновативен пристап за нивна употреба. Лабораторијата ќе воведе модели за работа и соработка создавајќи нови и зајакнувајќи ги постојните локални екосистеми на зелена економија со цел да се овозможат одржливи деловини решенија кои ќе ја зачуваат животната средина и ќе ги зајакнат заедниците кои промовираат одржлива и правична економија.