Скопје филм фестивал класик започнува утре, 5 април, и ќе трае до 10 април. Филмската програма во Кинотека ќе биде фокусирана на остварувања од тројца шпански и светски режисерски великани: Луис Буњуел, Карлос Саура и Луис Гарсија Берланга. Целата програма можете да ја видите овде.

Ние направивме наш избор од три филма што сакаме да ги погледнеме (за првпат или повторно) во рамките на Скопје филм фестивал класик. Еве ја листата:
„Фламенко, фламенко“ – Карлос Саура
(Flamenco, Flamenco, 2010)
Улоги: Пако де Лусија, Сара Барас, Хозе Мигел Кармона, Мигел Поведа
Карлос Саура сочинува една третина од легендарното шпанско режисерско трио што остави траен белег врз светската кинематографија, заедно со Луис Буњуел и Педро Алмодовар. Сте пропуштиле многу ако не сте изгледале некој од неговите филмови, кои се оценети како софистициран израз на времето и просторот, со мешање на стварноста и фантазијата, минатото и сегашноста, сеќавањата и халуцинациите. Но никогаш не е доцна да го исправите тој пропуст. Еве ви шанса на Скопје филм фестивал класик, со неколку негови филмови. Музичкиот документарец „Фламенко, фламенко“ е врел конгломерат од историјата, традицијата и живите и страсни изведби на фламенко музиката и танцот. Во фламенкото што доаѓа од Андалузија времето ги измешало грчките псалми, мосарапските оплакувачки пеења, кастилијанските балади, еврејските тажаленки, грегоријанските напеви, африканските ритми и иранските и ромски мелодии. Филмот ни ги претставува тринаесетте ритми на фламенкото со песна, гитара и танц и нè носи на возбудливо тонско и ритмичко патување во срцето на Шпанија.

„Џелат“ – Луис Гарсија Берланга
(El verdugo / The Executioner, 1963)
Улоги: Нино Манфреди, Ема Пенеља, Хозе Исберт, Хозе Луис Лопез Васкез, Анхел Алварез
Шпанската критика редовно го квалификува „Џелат“ на Берланга како најдобар шпански филм на сите времиња. Стариот Амадео, по професија џелат, е пред пензија. Токму поради природата на неговото занимање, ќерка му не може да си најде момче, а тој не може да најде наследник за својата работна позиција. Во нивниот живот се појавува Хозе, кој има сличен проблем. Хозе е гробар и затоа не може да си најде девојка. Дали и како ќе се пресретнат нивните желби и стравови? Оваа црна комедија ја добила наградата Фипресци на Филмскиот фестивал во Венеција во 1963 година. „Џелат“ изобилува со остри и вознемирувачки погледи во корумпираниот свет за време на диктатурата на Франко, и поради тоа дел од него бил дури и цензуриран. Инаку, на Берланга му било многу тешко да се занимава со својата филмска работа за време на целата диктатура во Шпанија, па своите најголеми остварувања ги направил дури по смртта на Франко.

„Тој мрачен предмет на желбата“ – Луис Буњуел
(Cet obscur objet du desir / That Obscure Object of Desire, 1977)
Улоги: Фернандо Реј, Карол Буке, Анхела Молина, Жилиен Берто
Луис Буњуел е иконокластот на авангардниот надреализам и автор на најпознатиот краток филм на сите времиња „Андалузиско куче“, кој датира од ерата на немиот филм. Ако тој филм се смета за почетна точка на неговиот обемен режисерски опус, тогаш „Тој мрачен предмет на желбата“ можеме да го сметаме за крајна, бидејќи е негово последно остварување, направено 48 години по „Андалузиско куче“. Дејството се одвива во Шпанија и во Франција, за време на терористичките напади низ кои веќе остарениот Французин Матје се навраќа на својата бурна љубов со Шпанката Кончита. Интересно е тоа што улогата на Кончита ја толкуваат две актерки, кои понекогаш се менуваат и среде сцена – Карол Буке и Анхела Молина. Фасцинира отворениот крај на филмот, што „Њујорк тајмс“ своевремено го нарече Буњуеловиот „Дон Жуан“.


