Оваа недела имавме можност да позборуваме со Дарко Ристевски, кој живее во Битола. Завршил на ФЛУ, отсек графика со графички дизајн, и создава уметност што нам ни е само малку позната или воопшто непозната, за разлика од жителите на Њујорк кои имаа можност да видат негово дело на познатиот Тајмс Сквер.
Со каква уметност се занимаваш?
– Мојот фокус е дигиталната уметност, најмногу апстрактна и крипто арт. Ја користам вештачката интелигенција како алатка за создавање. Можам да кажам дека секое мое дело е резултат на технологиите што ни се достапни денес и преку нив развивам нови идеи.
Што е тоа крипто арт?
– Крипто арт е уметност што ги користи можностите на блокчејн-технологијата (NFT), која низ различните стилови што ги развиле многуте уметници веќе прераснува во движење. Се прават изложби, постојат галерии и музеи што изложуваат вакви дела. Крипто уметноста е врзана со дигиталната уметност, а NFT e технологијата што го овозможува тоа движење.
Дали може да ни кажеш нешто повеќе за NFT?
– Сликата за NFT е матна за луѓе што не ja познаваат технологијата зад неа и најчесто мислат дека се тоа само сликички што скапо се продаваат. Во суштина е многу повеќе од тоа, затоа што тоа со сликичките е само едно поле што е најкомерцијално. Оваа технологија брзо се развива низ уметноста затоа што нуди можност за нејзина децентрализација, таа да не се случува само во институции туку ѝ се отвора многу поголем простор. Галериите и музеите досега беа единственото место за изложување. Во времето на дигитални технологии во кое живееме, многу колекционери сами кажуваат дека повеќе не сакаат физички дела, туку дигитални. Ова е во голема мера и поради штедење на физичкиот простор. Има многу голем број љубители на дигиталната уметност, особено анимираната. Анимираните дигитални дела стануваат хит, затоа што не можеш да ги имаш поинаку освен во дигитална верзија.
NFT е прилично ново движење што се појавува во последните неколку години. Има многу голем пораст и заинтересираност. Се појавуваат колекционери што претходно немале шанса да поседуваат дела, сега полесно успеваат. Се зголемува бројот на колекционери и на луѓе што се интересираат за уметност. Една од главните причини поради која се зголеми популарноста е меме-културата.
Во 2005 година Мет Фури го направи карактерот Rare Pepe, кој по неколку години станува познат во меме-културата. Околу 2015 година се појавуваат картички со овој карактер и почнуваат да се продаваат на ebay, но се тргнати од продажба и поради тоа меме-заедницата решава да ги стави овие слики на блокчејн наредната година. Во 2016 година се појавува и првата платформа за крипто арт каде што сите овие мемиња се објавуваат. Оваа приказната е интересна бидејќи уметниците решаваат да ја рашират меме-културата и децентрализацијата која е придружена со неа и почнуваат да го прикажуваат Rare Pepe во позитивен контекст бидејќи претходно беше „киднапиран“ од некои десничарски движења во САД, каде што беше прикажуван како негативен симбол. Како резултат на ова, на протестите во Хонгконг Pepe се појавува како симбол на мирот и неговата популарност расте уште повеќе. Во 2018 година се случува и првата аукција на која се присутни Сотебис и Мома, каде што една од овие слики се продава за 32.000 $ и веќе овој карактер станува и дел од светот на уметноста. Иако сè уште некои го сметаат за негативен симбол, Rare Pepe е и ќе биде симбол на слободата и децентрализација во крипто уметноста и меме-културата.
Дали може да ни кажеш за своето искуство во тој свет?
– Многу е интересно што има голема разлика помеѓу создавањето уметност тука и таму, во виртуелниот свет. Има многу комуникација и соработка помеѓу нас, уметниците што имаме исти интереси. Вклучува многу технологија што ти дава можност во однос на тоа што може да се случи со една слика. Може да се создаде интеракција помеѓу делото и оној што го гледа. Интересно е затоа што има многу нови работи и брзо расте, а во однос на уметност има поголема видливост на еден куп нови уметници што се појавуваат поради тоа што ова е ново движење. Има многу голема иновација и од страна на технологијата и од страна на уметноста. Технологијата се користи за да се прават нови уметнички дела. Интересно е што живееме во ново време и мене ми е големо задоволство што сум дел од новото движење во уметноста. Се прават феноменални изложби, каде што имаме можност делата што сме ги гледале на своите екрани да ги видиме и да ги доживееме вистински, онака како што треба да се доживее едно дигитално дело. Галериите се доста битни, затоа што делата од дигиталниот свет се носат во вистинскиот свет во физичка форма. Најчесто сите дела се изложени на дисплеј.
Изложби на кои си учествувал во изминатиов период и искуства?
– Во Ливерпул изложував свои дела во една од најголемите галерии за крипто арт. Изложбата беше организирана од колекционер на уметнички дела и траеше шест месеци. Неговата цел беше на едно место да се соберат дела од актуелните творци на дигитална уметност и јас бев поканет како еден од нив.
Во последниве две години учествував на изложби во Дубаи, Пекинг, Хонгконг и во Рим. Во Дубаи се доста активни и планот им е да станат центар за дигитална уметност. Таму веќе се случуваат големи настани, а во следниот период се организираат и нови изложби.
Учествував на „Art Basel“ во Мајами оваа и минатата година. Тоа е еден од поголемите настани за уметност во Америка, каде што се изложува во голем дел современа уметност. Од минатата година ја вклучија и дигиталната уметност, а ние кои сме посветени на дигиталната уметност, бевме поканети да учествуваме. Оваа година имаше повеќе галерии што учествуваа. Исто така, во Њујорк се одржа изложба во „The Crypt Gallery“ во која изложував свое дело.
Промоцијата е повеќе за самата уметност и за уметниците отколку продажна, иако многу често има заинтересирани купувачи.
Дали би сакал да споделиш искуство од некоја изложба што неодамна се одржала и си бил присутен?
– Би ја споменал изложбата во Берлин, во KÖNING GALLERY. Беше доста интересно, пред сè затоа што важи за една од поголемите галерии за уметност. Со нив соработувавме за да го поврземе новиот бран уметност со традиционалните галерии. Целта на соработката беше тие како традиционална галерија да отворат нов оддел, каде што ќе биде изложена дигиталната уметност. Нашата изложба беше отворање платформа за дигитална уметност и беше супер искуство. Беше убаво да се работи на тој проект, да се врзе дигиталната уметност со традиционалните галерии и да се отвори нов простор што понатаму ќе постои, а воедно и добар начин да се промовира оваа уметност. По тој настан во Берлин се одржа NFT-настан што беше еден од најголемите настани – NFT Berlin 2021 мотивиран од ова.
Како едно од твоите дела стигна до Тајмс Сквер?
– Во моментот работев со WEB3 платформа и ENS Domains, кои беа презентирани на Тајмс Сквер како едни од повлијателните проекти во интернет-светот и децентрализацијата. Во моментот кога работев со нив, една од моите илустрации беше искористена за презентирање на проектот, па бидејќи им се допадна, одлучија да ja изложат и да ја презентираат на Тајмс Сквер. Во тој период се случуваше најголемиот настан за дигитална уметност и WEB3 технологии во Њујорк, а ова беше добра промоција за него.
На кои идни настани или изложби би учествувал?
– Во Париз се спрема голема изложба за февруари што е соработка помеѓу Bored Ape Yacht Club, Iham Gallery и MOCA која е дел од голем настан за CryptoArt Week. Во април, во Њујорк ќе учествувам како уметник на NFT NYC 2023, а делата ќе бидат презентирани на Тајмс Сквер, потоа истите дела ќе се изложат во галеријата на NFT NYC.
Што се случува во виртуелниот свет во моментов во полето на уметноста?
– Во моментов сум куратор на Abstract Art District во The Open Metaverse (OM), што всушност претставува отворен виртуелен свет во кој има разни галерии: галерии за крипто арт, за фотографија итн. Таму работиме на градење виртуелен свет што ќе биде посветен само на уметност, презентирање на сите видови уметност во виртуелниот свет. Разликата помеѓу овој виртуелен свет и голем дел од другите е во тоа што целта е презентирање на оваа култура, децентрализација и давање можност секој да може да искуси дигитална уметност на едноставен начин и таа да стане попристапна. Кај помладите генерации има голема заинтересираност и многу посетеност. Објектите ги градат архитектонски фирми што работат во виртуелните светови, се припазува од секој аспект естетски да биде убаво средено, а истовремено да биде отворено, секој да може да го посети во кое било време. Во моментот работиме на тоа да има и водичи што ќе ги запознаат посетителите со виртуелниот свет и со галериите. Тоа би изгледало така што би имало аватар од човек што ќе зборува во живо.
Виртуелната реалност зема голем замав благодарение на постојаниот развој на технологијата. Ваквите галерии би ги нарекол места каде што виртуелниот свет се врзува со реалниот. Преку виртуелниот свет секој може да си дозволи да го искуси одењето во одредени музеи и галерии без разлика колку се тие физички далеку од нас.
Дали би споделил уште некое интересно искуство за крај?
– Интересно движење што се појави е Trash Art, нов вид уметност каде што се користат веќе постојни дела, нешто како „рециклирање дигитални дела“. Започна од разговор меѓу група уметници за тоа што ја дефинира уметноста, улогата на кураторите, блокчејн и улогата што технологијата ја игра во создавањето на уметноста. Се постави прашањето дали скратениот пат до резултат се смета за уметност и со ова почнаа да се отвораат прашањата за Trash Art. Овој стил овозможува составување дело од милион работи. И овој правец започна како шега – да се креира уметничко дело на најмрзлив начин.
Викторија Мачковска