Со провејувањето на нивната автентична филозофија за општествена ангажираност и објавување војна на секоја неправда преку музика, познатиот македонски состав Bernays Propaganda го издаде своето ново EP насловено како „Ништо нема да нè раздели“. Ова EP содржи три песни: „Мојата Марија“, „Ќерка на гладот“ (по стихови од Кочо Рацин) и темата според која е насловено. Сите се снимени во „Студио 1060“ со добро познатите Кристина Горовска, Васко Атанасоски и Дени Крстев, а поставата е засилена со Раде Јордановски и Кристијан Лафазановски. Како гости се појавуваат џезерот Тони Китановски и легендарниот Mike Watt (Minutemen, fIREHOSE, The Stooges).
„Ништо нема да нè раздели“ е најава за нивниот нов албум „Втора младост, трета светска војна“ кој ќе се појави во текот на 2019 година. Бендот со звук кој во себе испреплетува жестоки и моќни социјални пораки, ќе можеме да го слушнеме и на голем концерт во Младинскиот културен центар во Скопје на 22 и 23 февруари 2019.


