Фузија на повеќе музички жанрови содржи албумот „Гласна тишина“. Композитор на темите објавени на албумот е бас-гитаристот Никола Бочваров, кој зад себе има оставено интересна музичка трага. Со својата бас-гитара досега бил дел од групи кои имале различни жанровски определби, од џез-рок и поп-рок до метал, панк, реге и рап-музика, притоа користејќи ритмови од македонското, но и од други поднебја. Во овој период, заедно со „Никола Бочваров квартет“, тој е активен со концертна промоција на песните од албумот „Гласна тишина“, објавен на крајот од 2022 година.
Неодамна (9 април) се одржа клубска промоција на албумот „Гласна тишина“ во „Филхармонија Кафе Бар“. Дали тоа беше прва изведба на темите од албумот во живо, имајќи предвид дека слушачката промоција се случи во ноември минатата година?
– На повеќето песни тоа беше првата изведба, освен на темите „Балиница“ и „Скупи“. Овие две мои композиции ги свиревме своевремено со групата „Атом“, во која членувавме тројца од формацијата што сега се нарекува „Никола Бочваров квартет“, односно Иван Петровски, Александар Ванчовски и јас.
Во кој период се создадени 10-те теми што се објавени на албумот?
– На албумот се најдоа теми кои не биле објавени на носач на звук во подолг период, а биле создадени од 2012 до 2022 година, што значи цели десет години.
Зошто за наслов на албумот се одлучи да го употребиш контрастот „Гласна тишина“?
– Насловот на албумот е според истоимената нумера. Името го доби од оксиморонската природа на тинитусот (зуење на ушите) – противникот кој го искористив за инспирација.

На клубската промоција настапи со квартет и со учество на гости. Во снимањето на темите, сепак, учествуваат многу повеќе музичари. Како се одвиваше процесот на снимањето и колку музичари се присутни на албумот?
– Албумот е збир на песни во период од десетина години, сниман е во повеќе студија и со многу музичари, а меѓу нив е четвртиот член на „Атом“, клавијатуристот и сега диригент Иван Еминовиќ, потоа Ненад Неделков, Гордан Спасовски, Михаил Парушев, Дино Милосављевиќ, Данко Хаџи Илиев, Агни Авшар, Искра Србиновска, Саше Љолес, Марко Пановски, Благоја Неделковски и Антоние Весковски. На снимањето на албумот учествуваат и Стефан Алексовски, Иван Петровски и Александар Ванчовски, кои сега се составен дел од „Никола Бочваров квартет“.
Познат си по учество на повеќе музички проекти/групи. Што беше иницијација своја авторска музика да претставиш на албумско остварување?
– Инструментална музика почнав да создавам уште од 1999, годината во која со Хаџи Илиев и Неделковски го создадовме инструменталното трио „Калап“ и во 2003 година го снимивме првиот истоимен албум. На „Гласна тишина“ му претходеше „No need to fit in a mould“ со бендот „Антиарт“, албум којшто е, исто така, фузија од повеќе жанрови и, како и „Гласна тишина“, беше поддржан како проект од национален интерес. Главна иницијација за издавање на „Гласна тишина“ беше песните креирани во различен период и со различни музички состави да стигнат до пошироката публика, а со тоа и на еден начин заокружив десетгодишна работа.

Од многубројните групи со кои си настапувал, каде си имал можност најавтентично да се изразиш со својот стил на свирење?
– Земајќи ја предвид можноста да свирам во повеќе состави со најразлични стилови и жанрови, како поп-рок, така и метал, панк, џез, реге, рап, би ги издвоил „Мизар“ од рок-сцената, „База 903“ од рап-музиката, „Брама трио“ со кои свирев џез, Калиопи од поп-изразот, „Деменси“ од метал-сцената како состави со кои се чувствувам добро на сцена и на чии настапи не изостанува мојата автентичност и стил на изведба.
При свирењето на бас-гитарата користиш и стандардни и традиционални, правилни и неправилни, но и ритми од други поднебја. Колку самиот ритам го определува карактерот на композицијата?
– Секогаш од корист е познавањето на традицијата, но никогаш не би се ограничил од нешто што ми се допаѓа. Покрај македонските ритмови, интересни ми се и африканските, индиските и, секако, латино – американските. За мене, како басист – композитор, ритамот е еден од главните креатори на карактерот на една композиција.
Кои се следните промотивни активности со албумот „Гласна тишина“?
– Следниот настап на „Никола Бочваров квартет“ ќе биде на џез-манифестацијата „Today It’s All About Jazz, Vol. 7“ во паркот „Ибни Пајко“ во Скопје, што ќе се одржи на на 30 април – Меѓународниот ден на џезот. Составен дел од репертоарот за тој настап ќе бидат повеќе теми од албумот „Гласна тишина“.
Тони Димков
Фотографии: Наќе Батев, Ладислав Кинг