Одличен концерт најмногу се препознава по лицата на присутната публика, а потоа по звукот, атмосферата, репертоарот и ангажманот на групата, бидејќи лицата се рефлексија, одраз, лакмус на она што се случува на сцената. Одличен концерт направија „Фулиш грин“ на 4 мај во Денсинг салата во МКЦ, бидејќи нивниот ангажман беше на врвно солистичко и естетско ниво, а лицата на публиката беа исполнети со воодушевување. Со интуитивен избор помеѓу новиот албум и песни од претходниот период на „Фулиш грин“, како и со учество на повеќе гости, групата се претстави во своето, веројатно, најзрело издание. Импресиите од концертот, како и некои други муабети за плановите на групата, ги сумиравме заедно со Ненад Стефаноски – Брус, идеен творец на бендот.
Целовечерен концерт и промоција на албумот „Soul Revival“ одржавте на 4 мај во МКЦ. Колку време го подготвувавте концертот, имајќи го предвид новиот состав на бендот?
– Мислам дека повеќе е другарство што ги тегне овие работи. Овој состав функционира и подолго време, се создаде во почетокот на ковид-пандемијата, а оттогаш си функционира и се подготвува по свој автоматизам и ќеиф, додека Петар и Ади се вклучени во „Фулиш грин“ од самиот почеток. Подготовките беа за време на самото снимање на албумот „Soul Revival“ и оттогаш буквално нашите бендовски проби се бројат на прсти. За овој концерт, искрено немавме време да го подготвуваме нешто посебно „сценариски“, туку оставивме простор за тотална импровизација, бидејќи си го знаеме репертоарот и на сон. А и онака Џигер, нашиот барабанџија беше отсутен две-три недели на турнеја во Австралија, точно пред концертот. А со таков барабанџија и вакви нинџи во состав, нема потреба од некои посебни подготовки.
Страст за свирење наспроти желба за зборување – што беше посилно на самиот концерт?
– Енергијата, нашата меѓусебна конекција, коегзистенција и поврзаноста со публиката, односно „свирењето“, секако. Иако и доста се „брбљаше“ на сцена.
Нова, моќна постава на бендот со Ади, Драган, Џигер на тапани и клавијатуристот Петар Лукиќ. Мислам дека првпат во тој состав ве слушав на „Земјотрес“ на почетокот на оваа година. Дали е тоа зрела постава за најзрелата фаза на бендот?
– „Фулиш грин“ е жива материја. Може да се дефинира ова како најзрела постава, бидејќи растеме и нормално, искуството е поголемо, се менуваат нештата и начинот на живот, меѓутоа не треба да се потценуваат и претходните постави, кои се менуваа во текот на последните години. Секоја почит до сите кои придонеле да се изведува и создава музиката на „Фулиш грин“.
Албумот е заокружување на 10-годишниот развој или нов почеток, бидејќи насловот на албумот може да се толкува на повеќе начини?
– За разлика од претходниот „Escape“ и психолошкиот ескапизам, овојпат е еден скок во соочување на реалноста, во победата над себе, над сите разочарувања и своето препородување. Преродба на душата, ново будење, нов ден… Фаза на нов почеток во животот. Се случува во животот едноставно, правила (manual) нема. „Фулиш грин“, и генерално себе си, се повлеков на некое време, поради некои надворешни мисии и себеусовршувања. Покрај тоа ми рикна материјалот, ни рикна студиото во пожар, но со сета волја и љубов го рекреирав материјалот и создадовме нов. Како Фениксот од пепел да се препородиме.
На концертот за првпат го изведовте во живо новиот сингл „On My Way To You“. Кој работеше на спотот за синглот?
– Синглот буквално се создаде при една обична џемсешн-дружба меѓу мене и Ади, за многу кратко време и без многу размислување. Кратко, јасно и концизно. Спот, сѐ уште, нема песната. Анимациите на видеото ги сработи Мики Стефаноски, а монтажата Драган Стојковски буквално истиот ден кога го пуштивме синглот. Брза операција.
Дали би сакале Тарантино да сними спот на ваша тема?
– Нема потреба, го имаме Драган. Или, ако се инспирира некој, слободно нека се јави.
Концертот беше можност и за потсетување на првата љубов – хип-хопот со гостување на Рутсмен од „Конкверинг лајон“ и Р.О.Н.И.Н од „Легијата“. Какви чувства остави првата љубов?
– Хип-хоп музиката отсекогаш била присутна во мојот креативен опус и за мене беше сосема природно да направам мал жанровски спој на концертот и да исплукам некоја рима, што би рекле Америте. А на крајот на краиштата, па што се жанрови? Музика е музика. Мане и Ронин искинаа врвно!
Сега тенденциите се потврд рок-израз со поп и инди-примеси. Кој за што е задолжен во бендот?
– Нема никакви задолженија. Се водиме по интуиција и љубов кон креација на музиката. На кој што му дојде. Сите свириме на повеќе инструменти, лесно ни е да се вклопиме во идејата и да зграпчиме некоја универзална космичка фреквенција. Лично за себе можам да кажам дека јас ќе продолжам да компонирам и пишувам песни и да ги споделувам со другарите.
Какви се понатамошните планови поврзани со промоцијата на албумот?
– Да се рока, да се создава музика!
Тони Димков
Фотографии: Маја Аргакијева