PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

ЗОШТО ЕДНОСТАВНО НЕ МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ ОК ЕДНИ СО ДРУГИ !?

Ја гледавте BEEF на Netflix? Јас долго време го одолговлекував гледањето на оваа серија, која брзо рипна во првите пет места на листите на омилени серии на многумина што ги следам на Инстаграм, а во првата недела дури достигна и 100% на Rotten Tomatoes. Некако чувствував дека ќе биде преинтензивна за мојот прегорен миленијалски ум. И, бев во право.

PopUp by PopUp
мај 8, 2023
in Филм
1
ЗОШТО ЕДНОСТАВНО НЕ МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ ОК ЕДНИ СО ДРУГИ !?
603
СПОДЕЛУВАЊА
3.5k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Ок, тоа не ја прави серијата лоша – но, како и многу луѓе што ги познавам, така и јас сум преоптоварена со тоа дали изборите што ги правам се најдобрите избори и се прашувам често што е најлошото што би можело да се случи како последица од нив. Па, затоа, серијава многу ме растажи и ме налути. И тоа беше пред воопшто да ја пуштат „The Reason“ од Hoobastank.

Психотерапевтите тоа го нарекуваат „катастрофично размислување“ т.е. мисловен процес чија функција е да те „спреми за најлошото“ за да се чувствуваш како да имаш некаква контрола над овој непредвидлив свет. Е, па, BEEF е 400-минутен приказ на тоа како изгледа кога СИТЕ катастрофични сценарија ќе се случат, како и некои на кои воопшто не би се сетиле.

Протагонисти се Ејми (Али Вонг) и Дени (Стивен Јан), кои на почетокот на серијата ќе влезат во „сообраќаен конфликт“ еден со друг. Видео од нивната брканица со коли ќе почне да циркулира низ социјалните мрежи во нивните кругови во Лос Анџелес, и нивните патишта неповратно ќе се испреплетат. И тука почнува тоа што вистински ме вознемири – тие ќе почнат да си нанесуваат секакви пакости еден на друг, пред сѐ како механизам да не преземат никаква одговорност за нивната депресија, очај и шупливост во нивните животи. Бидејќи ако нашиот фокус е тоа што другите се „луди, неспособни, нечесни итн.“, тогаш секогаш има нешто што треба да го направиме пред да дојде на ред нашата лична одговорност кон нашите животи. Макар и тоа нешто да е „само“ да го преболиме неправедниот свет во кој живееме.

Ајде веднаш да расчистиме – светот во кој живееме е екстремно неправеден и тоа е навистина тешко да го преболиме. Ејми и Дени на различен начин се истовремено привилегирани и жртви на овој свет, но и на различен начин неговите неправди ги злоупотребуваат во сопствена полза, што во најмала рака значително го комплицира нивниот статус на жртви, а можеби поважно и од тоа, го прави светот уште понеправеден.

За мене, оваа серија не спаѓаше во сериите што можам да ги гледам „на екс“, сѐ додека не стигнав до последните 2-3 епизоди, кои морав да ги гледам една по друга бидејќи бев спремна мојата емоционална инволвираност со оваа приказна да заврши. Секако, можев да престанам да ја гледам пред да заврши но, како и ликовите во BEEF, едноставно не можев да запрам.

На крајот од серијата, мојот впечаток беше дека всушност главната улога беше длабоката тага или духовна празнина со која многумина живеат постојано, нашиот заеднички „слон во собата“. Можеби и затоа откако серијата заврши, почувствував огромно олеснување. Емоционалната луда железница конечно се смири и повеќе не морам воопшто да размислувам ниту на серијата ниту на нејзините протагонисти, сѐ додека мојот „слон во собата“ не се разбуди од сон. BEEF ме потсети на мојата внатрешна празнина. Малку поинтензивно ја почувствував нејзината гравитација, која најчесто наоѓам начини како да одбегнам да ја чувствувам. Погодете колку често тие начини се гледање серија? Ако погодивте приближно околу 50% од времето, во право сте. Останатите 50% се поткасти.

Неодамна дури и ја открив фразата „попладневна депресивна зона“, оној период по завршувањето на работното време кога сѐ што ни треба е одмор, но исто така ни треба да престанеме да ги чувствуваме сите чувства што ги чувствуваме. На ничие изненадување, најчесто го бираме второто, бидејќи за вистински да се одмориме, би требало прво да ги процесираме сите тие чувства. А кој има време и енергија за тоа?

Теориите што кружат на интернетот е дека токму поради ова и имаме хиперпродукција на ТВ-серии што ни го држат вниманието доволно за да нѐ оттргнат од нашите мисли и чувства, без да нѐ соочат со нив. И можеби баш во ова и лежи генијалноста на оваа серија: ни го задржува вниманието и плус нѐ соочува со таа неизговорена тага или празнина. Или можеби, баш во моментот кога ликовите треба да почнат да преземаат одговорност за нивните дотогашни мешаници, таа се претвора во холивудски спектакл со насилство, халуцинации и сплетки, кои ни укажуваат дека не, не се случило вистински сѐ што може да се случи. Или со други зборови, втора сезона (непотврдена информација).

Додека ја гледав серијата, ја почувствував лутината кон сите луѓе што ги сакам, а кои одбиваат да преземат одговорност за сопствената среќа, за сите избори што ги правам а чиј исход е целосно неизвесен, и за храброста што ми е потребна за да го создадам животот што го сакам, а која во моментов дефинитивно не е поголема од стравот што го чувствувам. Најмногу од сѐ, се налутив на себе си и на сѐ она што одложувам да го направам затоа што, како што е случајот и со Ејми и Дејвид, ситуацијата сѐ уште не е доволно неподнослива, болна, страшна. И на сето ова можеме да го додадеме товарот од живеење во овој шизофрен свет, чија неправедност е „поголема од животот“ во буквална смисла. Профитот и одржувањето на бесмислени концепти во живот се поважни од човечките животи. Од оваа гледна точка не е воопшто чудно тоа што ни е полесно, наместо да се справиме со нив, едноставно да се логираме на Нетфликс.

Во BEEF видов автодеструктивност која е како црна дупка – ја проголтува и уништува личноста и целиот свет околу неа. Не мислам дека сум во позиција на некој вистински начин да го осудам ова или да тврдам дека јас „никогаш не би се нашла во таква ситуација“ бидејќи тоа би било лага. Но, исто така би било неправедно да го игнорираме фактот дека автодеструктивноста е механизам на преживување на кој често се осудени луѓе кои се маргинализирани или системски загрозени. Во оваа серија, обата протагонисти потекнуваат од семејства на сиромашни мигранти од Азија.

Затоа мислам дека оваа серија би ја сместила во некој чуден вид на аларм: можеме да ја консумираме како анестезија, но ако ѝ дозволиме да нѐ налути и натажи, можеби и ќе нѐ разбуди и поттикне да станеме од каучот, да ги проветриме домовите и умовите и конечно да почнеме да ги правиме животните промени кои ги посакуваме.

ПС: Една од омилените работи ми беа насловните илустрации на почетокот од секоја епизода, чиј автор е Дејвид Чо. Тој го игра ликот на Исак, братучедот на Дени кој е криминалец. Исто така, Чо неодамна беше обвинет за силување, така што не знам што да ви кажам.

Клелија Живковиќ

Previous Post

Новиот филм на Јоргос Лантимос доаѓа во септември 2023

Next Post

Ненад Стефаноски – Брус: „Фулиш грин“ е жива материја

Next Post
Ненад Стефаноски – Брус: „Фулиш грин“ е жива материја

Ненад Стефаноски - Брус: „Фулиш грин“ е жива материја

Comments 1

  1. Margarita says:
    7 месеци ago

    Nema podobar kraj na edna serija

    Одговори

Напишете коментар Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum