Бојан Станиќ е дипломиран теориски физичар кој се занимава со сè освен со теориска физика 😊 Во средно свирел со „Molokai“, првиот македонски сурф-панк бенд, а сега свири гитара во „Емa“ и тапани во „Red Sails Billow“. Да го цитирам: „Успат, со неколку екипи на битолчани, последните пет години организираме настани, партизански, како знајме и умејме, со поќе љубов од пари, одржувајќи го независниот културен дух во градот.“ Почнале со „Predisposed to Oppose“, продолжиле со „Артикултура“, ослободувајќи мал простор во битолската чаршија како културно прибежиште на сите оние на кои им е потребно, притоа организирајќи свирки на над 100 бендови од 19 држави, проследени со изложби, проекции, саем на книга, скејт натпревари… Во меѓувреме, со дебатното кино „Контра кадар“ организирале над 180 проекции на филмови и дискусии опфаќајќи исто толку теми кои директно го засегаат општеството.
Од каде потекна интересот за да се вклучиш во развивањето на македонската алтернативна сцена?
За мене лично ова започна со откривањето на хардкор-панкот и анархизмот некаде во осмо одделение, каде го препознав она што на некое интуитивно ниво знаев дека ми е потребно. Кога почнавме средно веќе се собравме неколку другари со слични светогледи и музички вкусови и одевме редовно на концерти во Битола и околината. Во тие моменти веќе знаевме дека сакаме да имаме бенд и знаевме дека истиот сакаме да функционира, бидејќи ја имавме таа среќа во Македонија да ги имаме сопствените „Fugazi“ во луѓето од „Bernays Propaganda“ и бендовите околу нив, од кои од прва рака научивме битни лекции за начин на функционирање, напорна работа и интегритет на еден бенд, а и тие се луѓето кои на многу млади бендови им го даваа тој потребен gentle push за остварување на нивниот потенцијал.
Така, некаде на наши 16 години го формиравме „Molokai“, првиот македонски сурф-панк бенд, со кој во нашето тригодишно постоење успеавме, релативно независни, да снимиме и издадеме два албуми, да отсвириме 40тина концерти и да оствариме мала 11 дневна балканска турнеја, шо и не е така лошо за тројца тинејџери.
На крајот, како и многу други македонски приказни, и нашата заврши со селење на Даме (Маневски) во Словенија за факултет, каде сега e на докторски студии и е веќe seasoned чинител на тамошната алтернативна сцена, меѓу другото, со сопствена емисија на Radio Študent Ljubljana. Од друга страна, јас моето образование го продолжив на УКиМ во Скопје и се запишав на теориска физика на ПМФ. Истата година, меѓу другото почнав да организирам концерти, под Predisposed to Oppose – booking and promotion.
Генерално идејата беше да се букираат бендови од Македонија и странство, па во периодот од декември 2013 до средината на 2017 склопивме 31 концерт, на кој настапуваа 39 бендови од 10 различни држави, на разни локации низ Битола. Во 2017, ПТО беше ставено во мирување со отворањето на просторот на „Задруга Артикултура“ во старата битолска чаршија и почетокот на она што сметам дека беше најбитен дел од мојот досегашен културен ангажман.
„Задруга Артикултура“ е еден од најзначајните проекти за битолската независна сцена. Кои беа нејзините достигнувања и активности? Каков беше твојот придонес во истата?
„Артикултура“ беше отворена од група на луѓе кои вложија малку пари, но многу време и љубов да трансформираат едно старо книговодствено биро во мал културен центар, кој работеше како кафич-кооператива. Екипата беше шаренолика, ама и покрај различностите, секој посебно придонесуваше во областите од кои имаше познавање.
Мојот придонес, покрај букирањето бендови, беше и во дизајн на постери, промоција на евентите и слично, други пак, помагаа со мајсторските работи, трети се занимаваа со бирократијата и бизнис делот, па така некако работата се тркалаше напред, на хоризонтална основа, без „газди“.
„Артикултура“ беше отворена од група на луѓе кои вложија малку пари, но многу време и љубов да трансформираат едно старо книговодствено биро во мал културен центар, кој работеше како кафич-кооператива.
Тој простор беше отворен само осум месеци, но во тие осум месеци, сосема независни, оствариме концерти на над 60 авторски изведувачи од 13 држави, организиравме саем на книга, фестивал на занаетчиско пиво, скејт натпревар, изложби, џем сесии на кои се раѓале нови бендови, проекции, претстави, предавања, работилници и уште многу други работи кои најверојатно сега не ми паѓаат на памет.
За жал, просторот во чаршијата мораше да биде затворен во јануари 2018, заради финансиски проблеми, меѓу другото и поради фактот што СИЗ-от ни бараше 2 и пол кирии плус за момент кога просторот беше нефункционален и без одвод.
Без разлика на несреќната разврска, „Артикултура“ во никој случај не ја сметам за неуспешен проект. Да, можда не успеавме да одржиме бизнис кој кошташе 2000 евра месечно во кирија, режиски трошоци и плати за вработените во шанкот, ама зато конечно успеавме во то шо беше и иницијалната цел, ослободување простор во кој младите ќе се чувствуваат комотно да творат и консумираат култура и создавање критична маса меѓу истите тие млади, покажувајќи истовремено дека има за кој да се организираат настани.
Како сега се одвива таа независна сцена во Битола?
Битола има прекрасни деца. Луѓе кои цртаат, возат скејт, BMX, ролери, свират, создаваат музика, фотографираат, илустрираат. Имаме дури и група на дечки кои жонглираат со оган. Тоа што е потребно во моментов е место кое би ги собрало сите нив на куп, каде ќе можат слободно да прават тоа што сакаат, без стеги од аспект на финансиска исплатливост.
И тоа е поентата на цел муабет, сè се сведува на некоја полуромантична борба за слободен простор, каде секој може да прави и да биде тоа што сака, сè додека не повредува никој друг. Без разлика дали се работи за свирење во бендови, цртање, скејтање, пишување поезија или протестирање и окупирање факултети, суштината на ваквите изблици (барем на оние искрените), секогаш била ослободување, макар на кратко, на независен простор каде можат да пркнат нови идеи, без шовинизам, за слободно изразување. Секако, ова не секогаш било успешно, и скоро никогаш не траело предолго, ама во тие моменти, тие мали искри на слобода и пркос се највредното нешто на светот.
Како се вклучени средствата во оваа приказна? Дали сте имале некаква финансиска поддршка?
За средствата, низ годините моделите биле различни, Predisposed to Oppose дел од концертите ги финансираше врз база на донации за време на концертот, дел беа низ кафичи во Битола, каде тие го покриваа хонорарот за бендот. „Артикултура“ ги плаќаше бендовите делумно од шанкот, делумно со донации/карти. Кога беше извесно дека иднината на просторот е ставена во прашање, аплициравме и на годишниот конкурс на Министерството за култура, од кои добивме смешни 60 евра по настан, кои секако ги одбивме.
Одговор на тоа бешe Битолското Некултурно Лето 2018, кое беше антипод на Битолското културно лето Битфест кое го организира општината секоја година, каде организиравме 7 настани на јавни површини низ градот, финансирани само со продажба на маици со натпис Некултурен/Некултурна, пошто ако не сме добиле поддршка од институциите задолжени за култура, тогаш мора да сме Некултурни, не? 🙂
Кои се следните чекори? Кои се твоите моментални проекти?
Што се однесува до следни чекори во оваа насока, нема нешто конкретно во моментов, ама имам чувство дека наскоро ќе има, се случува добар сплет на генерации од кои мислам дека може повторно да изникне нешто, ќе видиме само во каква форма. Ако со Артикултура направивме нешто како што треба, а верувам дека направивме, ќе има нешто наскоро, сигурен сум.
Моментално свирам гитара во „Ема“, битолско-скопско-велешки бенд именуван по анархистичката филозофка и феминистка Ема Голдман, заедно со Драгица Величковска на вокали, Тејка Васиљевиќ на тапани и Михаил Димитров на бас и во heart-on-sleeve, чистокрвен битолски бенд, со Маријана Николовска на вокали и гитара, Стефан Апостоловски на гитара и Александар Петровски на бас. Во план е наскоро да се издаде и албумот на „Red Sails Billow“ снимен во 2016 година, бенд каде свирев тапани, заедно со Александар Томевски на гитара и Марко Галевски на бас. Покрај ова има уште неколку работи кои се крчкаат во моментов, ама затоа потоа.
Светот се менува на подобро секој ден, не секогаш брзо, не секогаш видливо, не секогаш толку колку што би сакале, ама дефинтивно секогаш на подобрo. Мислам дека најбитната одлика на независната сцена општо, е тоа што никогаш не сме научиле да се откажеме, а причината за тоа е многу проста: драјвот кој не тера да го правиме тоа што сакаме да го правиме е посилен од било која препрека која би можела да ни се најде на патот. И ќе измислуваме топла вода, ќе создаваме нови прибежишта, па тоа ќе пропаѓа, па ќе бараме нови начини, нови модели и ќе вирееме во секоја можна прилика, до крај, секогаш со повеќе љубов отколку пари.
Историски, имаме улога на лузери, од слободните зони во Шпанската граѓанска војна 1936-39, до ZAD во Франција до пред некое време, најчесто таквите проблесоци на слобода се или уништени или комодифицирани, ама секогаш, без исклучок, по некое време, на некое ќоше од светот, пак никнува нешто ново и така приказната продолжува, можда со други протагонисти, можда во други услови, ама секогаш продолжува. И тоа за мене е доволно.
Рамона Кочишка
(Текстот не е лекториран со цел да се задржи неговата автентичност)