Иако повеќето луѓе веќе го чувствуваат заморот од ограничените социјални контакти, признавајќи дека ништо не може да ги замени настаните во живо, сепак, мора да признаеме дека неколку онлајн настани низ светот успеаја да привлечат огромно внимание и публика. Овие настани едноставно воодушевија со својата иновативност и презентирањето врвна технологија. Секоја чест, но сепак преферираме да бидат во живо од следната година.
Дигитално издание на Tomorrowland
Големиот белгиски музички фестивал се приклучи на трендот на виртуелни настани во јули, давајќи им на присутните невидено музичко искуство. Покрај настапите од изведувачи како Кети Пери, Стив Аоки, Дејвид Гета и Мартин Гарикс, Tomorrowland понуди активности, вебинари, работилници, игри и друга интерактивна забава за присутните.
На фестивалот учествуваа уметници што настапија на виртуелни сцени пред илјадници виртуелни обожаватели на виртуелен 3Д-остров. Имаше специјални ефекти, огномет, ласерски шоуа, звучни ефекти – исто како вистински музички фестивал.
Tomorrowland ја создаде својата извонредна виртуелна платформа во соработка со Догстудио. Тие работеа заедно со инхаус 3Д, креативните и развојни тимови на Tomorrowland за да создадат привлечно, извонредно, user-friendly, искуство за виртуелните фестивалџии. Нивниот најголем предизвик, покрај огромните технички изведби, сепак беше да им се овозможи на посетителите да почувствуваат дека се дел од нешто поголемо од нивниот компјутер и нивната интернет-врска.
Едно е сигурно, Tomorrowland 2020 постави нови стандарди за веб-базирани музички искуства преку Интернет и ги надминува границите на најновата технологија.
Иновативен SBC Digital Summit
SBC Digital Summit предизвика многу возбуда кога објави дека ќе ги пренесе виртуелните изложбени кабини и мрежни алатки чекор понатаму на самитот преку дизајнирање виртуелен простор заснован на физички конференциски центар.
Почетниот екран од кој присутните пристапуваа до различните делови на настанот беше именуван како „Лоби“, со типична заднина на фоаје на конгресен центар. На сличен начин, т.н. ‘Networking Lounge’ наликуваше на вистински салон, со прозорци за разговор што им овозможуваа на присутните да комуницираат едни со други.
Благодарение на зголемената имплементација на AR и VR технологијата, присутните можат да ги почувствуваат сите познати аспекти на просторот типичен за вакви настани и покрај виртуелниот формат.
Zoom искористен за добротворни цели со Zoomtopia
Во моментите кога Zoom се зацврстуваше како технолошка алатка што секој мора да ја има, њујорчаните Лери и Тоби Милстејн добија идеја да приредат добротворен гала-настан користејќи ја оваа платформа. Така се случи Zoomtopia.
Според познатото списание „Вог“, настанот ги имал сите нишани на настан од реалниот живот, со добро дизајнирана покана, список со гости, настапи… – 100 проценти од продажбата на влезниците беше наменета директно во Фондот за ковид-19 на Светската здравствена организација и во Меѓународниот медицински корпус.
Пред настанот, организаторите изјавиле дека ваквиот вид настани се непозната територија за нив. Главниот предизвик за нив било пресликувањето на реалната околина на настанот на виртуелен терен. Епилогот на Zoomtopia беше собрани 20.000 долари, а самата организација на настанот не чинеше ништо.
Драган А.