PopUp Rating: 4/5
„Ништо“ е краткометражен игран филм на наградуваниот европски режисер Јоргос Лантимос. Гркот создава возбудлива драма и повторно соработува со сонародникот Ефтимис Филипу за сценариото. Лантимос верно ја следи темата што ја обработува низ текот на целата кариера. Тој зазема комплексен митолошко-филозофски пристап и ја истражува потрагата на човекот по сопствениот идентитет. Во овој случај, протагонистот односно таткото е неподготвен да му се спротивстави на предизвикот, бидејќи тој сè уште нема одговори на прашањата кои се забележува дека долго време тлеат во неговите мисли. Недостатокот на самодоверба и редовна комуникација со најблиските се клучни причини како тој лесно ја губи улогата во семејството и во општеството зашто му недостасува храброст и цврст став да ја конфронтира заканата и да го активира одбранбениот механизам.
Секојдневната монотонија во комфорната зона и животот кроен ко од калап демонстрира како луѓето не се незаменливи туку напротив, тие најчесто се незначајни и најголемиот дел не се ни фокусираат на тоа што веќе го имаат. Филмот ја прикажува монструозната разлика помеѓу луѓето со и без самодоверба т.е. решителните и нерешителните, бескрупулозниот свет на тие што страдаат во интерна битка со самите себе. Режисерот е препознатлив по бујната симболика во неговите дела, а овој пат таа е отсликана преку цвеќе. Таткото итајќи на пат кон домот, купува гладиоли за да ја потврди довербата кај жена си, а гладиолите се знак на искреност и верност. Исто така, музиката е највлијателен преносител на емоции. Ударните звуци на виолончелото и траорниот шепот во заднина го зајакнуваат егзистенционалниот страв и предизвикуваат непријатни морници, ја движат балансната оска кон жанрот психолошки хорор. Директорот на фотографија ја подгрева мистичната атмосфера со брзи, кратки кадри и константно ја зголемува неизвесноста. Кинематограферот Гарсија користи крупни кадри при напнатите сцени во метрото, а додека зоврива тензијата, камерата буквално им дише во врат на ликовите.
Холивудската ѕвезда Мет Дилон ја предводи скромната актерска екипа. Тој одлично ги доловува празните погледи на нестабилниот татко. Но, младата глумица Дафни Патакија го краде сјајот во улогата на странецот. Таа гладно чека шанса во метрото и од моментот кога е повикана, целосно ѝ се менува изразот на лицето. Неуморно го следи пленот и решена е да го освои, а таа убеденост ја претставува со морничава насмевка и ококорени очи. Симпатичната Патакија остава моќен впечаток и нè запознава со нејзиниот актерски потенцијал.
На Лантимос му се потребни помалку од 11 минути да нè принуди да отвориме длабоки теми за размислување. „Ништо“ е филм кој е невозможно да се предвиди и кој ќе сакате да го погледнете неколкупати за уште еднаш да прочешлате во случај да не сте пропуштиле нешто. Режисерот Јоргос ѝ препушта слобода на публиката индивидуално да го раздроби сценариото. „Ништо“ е квалитетен вовед за стилот на изразување на провокативниот филмаџија, чии дела или ви се исклучително досадни или неверојатно интересни. Неговото најново остварување вреди да се погледне и ќе ве изненади како во само неколку минути може да се заокружи целина полна со разновидни емоции. Истовремено, филмот служи како залак за дегустација, пред да донесете конечна одлука дали да се впуштите во матриксот на Лантимос.
Филип Мишов