Денеска во КСП Јадро се одржува изложбата под насловот „Откривање“ на Нина Нинеска. Изложбата ќе биде перформанс инсталација и ќе трае од 9 наутро до 21 часот вечер. Втор датум на изложбата ќе биде 22 февруари во истото време и на истото место. Пренос во живо на изложбата ќе има на приватниот Инстаграм профил на Нинеска (@nin__s__).
За оваа изложба, историчарката на уметност Ангела Витановска ќе рече:
Употребувајќи го ,,јазикот на телото“, перформансот уште од самите почетоци завзема значајно место на полето на уметничката сцена. Животот, физичкото движење и непостојаноста, му понудија на уметникот желба за пронаоѓање алтернатива на физичката постојаност на сликарството и скулптурата. И додека самите термини перформанс и перформанс уметност ќе се официјализираат во текот на 70-тите, историски гледано, почетоците на перформансот се следат наназад сѐ до футуристичките продукции и дада-кабареата од 1910-тите. Денес, перформансот е сфатен како начин на поврзување на уметникот со публиката и нејзино директно ангажирање, можност за допир на уметникот до индивидуата, спецификите на просторот и политиката на идентитетот. Можност да се навлезе подлабоко, да се истражи и осознае енергијата на другиот, директно анализирајќи го свесното, несвесното и потсвесното низ сензорните импулси. Во 2016г. теоретичарот Џона Вестерман (Jonah Westerman), ќе забележи: „Перформансот не е (и никогаш и не бил) медиум, тој не е нешто што уметничкото дело може да биде, туку збир на прашања за тоа како уметноста се поврзува со луѓето и општеството.“
Во последниот проект насловен „Откривање“, преку перформанс надополнет со инсталација, кои визуелно ќе се надоврзуваат во просторот, Нина Нинеска ќе се обиде да го интегрира гледачот во творечки процес, насочувајќи го вниманието од статичниот објект на физичката, жива, разговорна релација нa субјект-објект-субјект и обратно. Моментот на комуникација помеѓу неа и гледачот, ќе биде од примарно значење и водечки момент во целото дејство, како начин на преиспитување на себеси, сопствениот телесен, психички и физички идентитет. Поттикнувајќи, иницирајќи отворен дијалог со својот соговорник, Нинеска истовремено ќе се обиде да отвори потрага кон нова, индивидуална, лична потрага, порив за разоткривање на суштината на смислата и бесмисленоста на денешното (кризно) време кое го живееме. Повик, предизвик и поттик за осознавање на себеси на вистината, изворниот во нас. Процесот на себепретставување во овој перформанс, претставува само една појдовна точка кон низа едноставни прашања, преку кои главната цел на Нинеска е да оствари клучна конекција со публиката, да се соопшти себе, комуницирајќи отворено јасно, внимателно слушајќи се себе, другото-посетителот, да биде разбрана, да го разбере другото, публиката, свесно со намера да го открие сопственото (не)себство, јаството.
Имено, со цел да се долови поинаква амбиенталност, Нинеска се решава перформансот да го надополни и со просторна инсталација, лавиринт од провидни платна и завеси, кои ќе придонесат до една посебна амбиенталност, низ кои гледачите ќе може да се движат како низ лавиринт и да откриваат што се наоѓа позади секој слој на моменталната претстава, пред да дојдат до централниот, главен дел, каде што ќе биде „жариштето“- самиот перформанс. Со цел да се стави акцент на гледачот, просторната амбиенталност ќе биде надополнета со минијатури, форми од неоксидирачки челик и делови од хартија- празни листови, на кои во текот на перформансот, присутните ќе може визуелно, било преку цртеж или текст- да ги пренесат своите мисли и чуства кои ќе ги побуди самата интеракција со авторката, преку истовремено добивајќи можност да станат дел од јадрото на овој проект.
Во „Откривање“, преку метајазик авторката ќе се обиде проникнувачки, по пат на разговор, да навлезе во суштината на нештата, да се (раз)открие себеси како уметник, личност, а пред сé- како битие… Преку себереализацијата да го пренесе своето лично искуство и да ја открие вистината на постоењето, чувствувањето, материјалното и нематеријалното, просторното, ограничено, а безвременско… Движечката сила на индивидуалното и сеопштото во човекот.