Овие печатачи се специјално дизајнирани да бидат многу робусни и издржливи, бидејќи обично треба да работат на отворено на променлив терен. Во денешно време постојат различни истражувачки институции и приватни претпријатија што работат на оваа техника, а според некои иднината на градежната индустрија на крајот може да се потпре на печатачите, кои ќе бидат следната генерација на сегашните гигантски 3Д-печатачи.
Отпечатените куќи во 3Д сè уште се новина и во голема мера сè уште се во развој, но факт е дека може да отпечатите 3Д-куќа за многу помалку пари отколку да ја изградите со помош на традиционални градежни методи. 3Д-печатачите веќе покажаа дека можат да изградат дом или зграда за неколку денови. Тоа е значително побрза временска рамка од конвенционалната конструкција, што може да трае со месеци и години за да се изгради целосно една комерцијална зграда.
Бидејќи голем дел од 3Д печатените куќи се направени од бетон, би требало да траат подолго време. Со соодветно одржување и постојано живеење во нив, нема причина тие да не траат исто толку како и традиционалните бетонски конструкции. Процените се разликуваат, но повеќето се согласуваат дека тие можат да траат од 50 до 60 години. Многу 3Д печатени куќи имаат вклучени елементи од дрво, кои можат да бидат подложни на распаѓање со текот на времето ако не се третираат правилно или не се одржуваат. Постојат и 3Д-отпечатени згради, кои се специјално дизајнирани да бидат биоразградливи и се наменети само за привремено сместување, за употреба во операции за помош при катастрофи и други краткорочни потреби за домување.
Потенцијалот за 3Д-печатењето е преголем за да се игнорира. Генерално, 3Д-печатењето се подготвува да биде одржливо решение што нуди клучни придобивки во заштедата на трошоците и еколошките мерки за идните градежни објекти.
Пред неколку денови „Гардијан“ пренесе дека холандски пар се првите жители на целосно отпечатена 3Д-куќа во Европа, проект чии основачи веруваат дека ќе отвори нови можности за недвижнините на иднината. Елис Лац и Хари Декерс се пензионери од Амстердам, кои сега живеат во првата од петте планирани отпечатени куќи во Ајндховен.
Уште еден интересен холандски проект се 3Д-печатените куќи кои се плод на соработката меѓу Технолошкиот универзитет во Ајндховен и архитектите Хоубен / Ван Миерло. Ќе се согласите дека изгледаат како објекти од друг свет. Архитектите се надеваат дека ќе произведат неколку вакви единици во блиска иднина, кои ќе бидат изнајмени по разумна цена. Холандскиот универзитет треба да изгради 5 вакви згради во следните пет години и секоја е речиси целосно изработена од бетон.
„Ова е прв проект за деловно домување во светот заснован на 3Д-бетонско печатење“, велат од Универзитетот. „Куќите ќе бидат вселиви, тие ќе ги исполнуваат сите современи услови за удобност и ќе бидат купени и издадени од компанија за недвижнини“.
Уште во 2016 година тим архитекти од Чикаго предложи неверојатен дизајн за 3Д-печатена куќа изработена од печатена пластика, панели од јаглеродни влакна и застаклени sидови. Тимот ја освои првата награда на „Freeform Home Design Challenge“ и тоа со добра причина. Дизајнот за 3Д печатено живеалиште е неверојатно храбар и ја користи технологијата. 3Д-зградата треба да се печати во Чатануга во Тенеси.
Архитектите на ДУС планираат да изградат мали 3Д печатени микро-домови во Амстердам. Секоја мала кабина од 26,2 ft2 (8 м2) доаѓа со своја внатрешна када и е навистина удобна. Секоја 3Д-кабина е изградена со употреба на биопластика, а целта на проектот е да обезбеди решенија за привремено домување во области со природни катастрофи. Кога кабината повеќе не е потребна, таа може да се уништи и речиси сите материјали да се користат повторно.
Во Мексико се користи огромен 3Д-печатач за да се создаде целосно нова населба. За печатење на секоја куќа се потребни околу 24 часа и во неа може да се смести мало семејство.
Идејата е да им се овозможи на жителите со ниски примања во руралните области да се преселат од своите колиби во овие нови двокреветни куќи. Се смета дека ваквиот развој на настаните може еден ден да помогне во решавање на кризата со домувањето во многу области низ целиот свет.
Во не толку далечна иднина се планира изградба на сет 3Д печатени куќи базирани на коноп. Дизајнирани од биотехничката компанија „Миреко“, тие се надеваат дека ќе го искористат „експлозивниот потенцијал на индустрискиот коноп“. Компанијата неодамна ги претстави своите планови што беа развиени во соработка со „Аркорформс“, архитектонска компанија со седиште во Перт. Подовите, sидовите и покривот ќе бидат направени со употреба на биомаса од коноп, а прозорците ќе вклучуваат врвна технологија што овозможува светлината да поминува низ стаклото каде што се претвора во електрична енергија.
Драган А.