Покрај „Mr. Barber“ сум поминала илјадници пати. Нивната берберница се наоѓа во Центарот на Скопје, веднаш до паркот СФ. Иако секогаш ме привлекуваше нивниот светол дуќан што често е полн со луѓе, немав некоја особена интеракција со нив, со оглед на тоа дека не сум нивната целна група 🙂 Сепак, се решив да ги исконтактирам за интервју, бидејќи и јас, како и многумина други, сум подложна на менталитетот дека ретко нешто „вирее“ на нашава територија, а тие, освен што делуваат успешно и задоволно кога ги гледаш од улица, туку и минатиот октомври повикаа млади луѓе што се заинтересирани за нивниот занает, да се обучат кај нив. Разговарав со Ермин Ерко, основачот на „Mr. Barber“.
Раскажете ни ја приказната за „Mr. Barber“. Како се роди идејата? Каков беше процесот на создавање на берберницата? Што ви беше важно во тој процес?
Приказната за „Mr. Barber“ започна во 2019 година. По долги години искуство во оваа бранша, решив да создадам една своја, поинаква приказна. Процесот не беше едноставен и како секој почеток, така и овој беше тежок. Не одеше баш така лесно и сѐ уште не оди секогаш сѐ по планот, но најважно во целиот процес ми беше да изградиме добар квалитет и да го одржиме. До денес работиме и се трудиме постојано да го носиме квалитетот на повисоко ниво и затоа направивме персонализирана апликација за онлајн закажување, која е достапна на App Store и на Play Store.
Кој сѐ ја сочинува оваа приказна? Кои личности се дел од „Мr. Barber“?
Приказната за „Mr. Barber“ е основана од Ермин Ерко, потоа Каси на почетокот како прв асистент, а сега веќе мајстор во својата работа, како и неколку други асистенти, од кои Веси е долго време со нас и на добар пат да стане врвен мајстор.
Кој ви е омилениот дел од оваа работа?
Уф… Искрено, не знам за што да се одлучам 🙂 Сакам предизвици, како да направам нова фризура, некому да му го сменам стилот на носење на косата и брадата за да може да излезе од безбедната зона на својот стил.
Заедно со Стефан Лазаров најавивте дека сакате да обучите личности што се заинтересирани да станат бербери. Што ве мотивираше да го направите овој чекор? Каков беше одѕивот на повикот? Би го направиле ли повторно?
Како и во многу други дејности, и во нашата има дефицит на работници, како мајстори-бербери, така и асистенти-чираци. Оттаму се јави желбата да обучиме млади луѓе, кои би можеле да станат дел од „Mr. Barber“. Одѕивот беше одличен, меѓутоа многу млади едноставно не сакаат да работат на своето подобрување и немаат трпение за тоа. Сепак, долг е патот до усовршување на струката и станување мајстор-бербер. Размислувам во иднина јас и мојот тим да држиме обуки, но тоа малку повеќе бара и треба време од идеја до реализација.
Која е најважната лекција што ја научивте од добивањето на идејата за „Mr. Barber“ до денес?
Најважното нешто е да си ги прифаќате грешките и критиките, и да работите за да да ги поправите. Ако не работите на тоа, никогаш нема да станете подобри.
Како можат читателите на PopUp да ве поддржат?
Да ја преземат нашата апликација на нивните смартфони и да си го закажат својот термин кај нас. 🙂
Клелија Живковиќ