При таа анализа Тонкин доаѓа до идеја да ги спои потребата за естетика во јавниот простор, како и потребата од мултифункционални јавни простори, кои ненаметливо ни нудат содржини и значења и нѐ мотивираат да го искусуваме градот во кој живееме.
Принципот на модуларност е применет од практични причини: модуларните објекти можат да растат, да се намалуваат, да се трансформираат, а со тоа да го менуваат не само својот изглед, туку и изгледот на просторот во кој се наоѓаат. Исто така, играњето со модулите значи и менување на функциите на објектите според потребите и желбите: колку што модулите во својата моментална формација можат да ни понудат единствено визуелно доживување, тие едновремено можат да се престорат во објекти на кои може да се седи, качува, или пак да бидат засолниште за нашите бездомни четириножни сограѓани… Можностите за трансформација се бескрајни.
Пред вас денес се скици, макети од картон, кои нудат можни решенија за создавање на такви градски катчиња, каде што е возможна интеракција на луѓето и животните со овие модуларни, скулптурално-архитектонски објекти. Овие макети сосема функционираат како легитимни скулптури со галериски формат наменети за ентериерно изложување, а нивните двојници за во екстериер се предвидени да бидат изработени од потрајни материјали, како и да бидат изведени во поголем размер.
Она што Тонкин намерно или ненамерно го прави при обмислувањето на модуларниот принцип на неговите објекти е поврзување со просторот во кој би ги поставил – не само од аспект на прилагодливост и ненаметливост во просторите што им припаѓаат на сите, туку и со принципите на кои почива природата: растење, развивање, опаѓање, непрестајно менување. Или, ако би решиле да бидеме поетични, би можеле да речеме дека во сржта на овој циклус почива ДНК на човечкото – онаа нишка што полека ја губиме и на која е нужно да се навратиме пред да се доуништиме себеси и светот што ни е потребен: нишката на будност, свесност за другиот, солидарноста и скромноста.“
Ненад Тонкин (Скопје, 1978) е дипломиран вајар и сценограф на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и дипломиран професор по предучилишно воспитание на Педагошкиот факултет Св.Климент Охридски – Скопје. Од учебната 2019/2020 е запишан на магистерски студии на ФЛУ, отсек вајарство.
Од 2014 година досега има реализирано четири самостојни ликовни изложби во Гевгелија, Кичево, Скопје и една on-line и повеќе групни изложби во Македонија, Италија, Германија, Словенија и Црна Гора. Компонирал музика за повеќе од 10 театарски претстави и работел сценографија за театар (три претстави) и филм (два краткометражни филма). Од 2013 година издава своја авторска музика како Mammoth & Yashem и досега има објавено три кратки изданија. Бил дел од организацискиот тим на првото издание на фестивалот КРИК, а сè уште е дел од тимовите на фестивалот „Прво па женско“ и настанот „Пич Прич“.
Од 2018 година заедно со уметницата Јана Јакимовска го започнуваат ликовниот проект Визија Скопје, кој вклучува повеќе ликовни уметници и студенти по ликовна уметност и архитектура. Визија Скопје има за цел преку саркастичен, хумористичен, но и сериозен пристап да понуди можни решенија за изгледот на централното градско подрачје и пошироко.